Контраспин: Признавањето на МПЦ – ОА во 2022 година било успех на СДСМ!?

Архиепископ Стефан. Фото: Мета.мк/Влада на РСМ

На последниот ден од старата 2022 година, владејачката СДСМ искомуницира со јавноста преку соопштение во кое набројува за 20-те успеси на партијата во годината што замина. Иако неколку од набројаните 20 успеси можат да си конкурираат за полуизвртувања на вистината или полуспинови, еден е еклатантен спин. Имено, СДСМ признавањето на МПЦ-ОА како нешизматичка од дел од сестринските цркви во православниот свет, си го припишува како сопствен успех

На последниот ден од старата 2022 година, владејачката СДСМ искомуницира со јавноста преку соопштение во кое набројува за 20-те успеси на партијата во годината што замина. Иако неколку од набројаните 20 успеси можат да си конкурираат за полуизвртувања на вистината или полуспинови, еден е еклатантен спин. Имено, СДСМ признавањето на МПЦ-ОА како нешизматичка од дел од сестринските цркви во православниот свет, си го припишува како сопствен успех

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Владејачката партија СДСМ во предвечерието на 2023 издаде соопштение во кое може да се препознае спин:

Спин: 20 клучни успеси на СДСМ во предизвикувачката 2022 година (наслов)

СДСМ е силна, државотворна, државничка партија, посветена на реализација на стратешките цели на државата и на граѓаните, која истовремено успешно се справува со предизвиците наметнати од светската економска и енергетска криза и го заштитува стандардот на граѓаните.

И во предизвикувачка година како што беше 2022 година СДСМ оствари низа успеси, од кои се издвојуваат 20 клучни постигнувања…

…(3) Во годината што изминува исправивме уште една голема историска неправда. Прифатена е автокефалноста на Македонската православна црква – охридска архиепископија. МПЦ-ОА се врати во канонско единство со другите православни цркви, со што се затвори уште едно повеќедецениско отворено прашање и истовремено се заокружува македонската самобитност и независност.

[Извор: СДСМ – Соопштение/вебдатум: 31.12.2022]

 

Контраспин: Можеби некои детали околу тоа како дојде до признавањето на статусот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија како автокефална која може да биде во канонско единство со другите помесни цркви од православниот свет сѐ уште не се достапни за јавноста, но секако, комуникацијата на СДСМ во јавниот простор дека тој настан е еден од 20 клучни успеси на партијата во 2022 година, е еклатантно извртување на вистината, т.е. спин.

А, токму вакво набројување се најде на листата на 20 успеси на СДСМ под реден број 3, со што раководството на СДСМ. кое бездруго морало да го одобри ова соопштение, си припишува нешто за кое вложило напори во рамките на државните функции што ги извршуваат, но секако не е нивна, уште помалку пак исклучиво нивна заслуга што можат да ја припишат како успех во 2022 г.. Ако поради ништо друго тогаш најмалку поради фактот што црквата и државата се одвоени барем формално секаде и дека првичното признавање на потребата од исправање на долгодецениската и долговековната неправда дојде од Вселенската патријаршија предводена од Патријархот Вартоломеј.

За потсетување, по оваа одлука на Вселенскиот Патријарх на почетокот на мај 2022 г., настаните се одвиваа како на филмска лента, па на крајот од месецот во Скопје, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во заедничко сослужување на литургија, поглаварот на Српската Православна Црква (СПЦ), Патријархот Порфириј, соопшти дека СПЦ ја признава автокефалноста на МПЦ – ОА. Без да ја заморуваме јавноста со деталите зошто СПЦ издаде Томос за признавање, а истиот сѐ уште се чека од Вселенската Патријаршија, факт е дека за МПЦ – ОА 2022 беше навистина успешна година, зашто по овие настани следеа уште десетина одлуки на други православни цркви во насока на признавање и канонското единство, вклучувајќи ја во август и одлуката на Руската Православна Црква (РПЦ), која е во „вечна“ борба со Вселенската Патријаршија за примат во православието.

Но, темата со која се занимава оваа рецензија на извртување на вистината, е улогата на СДСМ во сето тоа. И ако се погледне соопштението на истата партија на 25.05.2022 година, полесно ќе се согледа вистината. Зашто по одлуката на СПЦ соопштена во Скопје, СДСМ го издаде следното соопштение:

Ова е радосен момент за сите православни верници од Северна Македонија, важен историски настан и за македонскиот народ но и за сите граѓани како резултат на сите досегашни напори и процеси кои беа спроведени во државата…Поколенија и поколенија претходници и наши најистакнати дејци два и пол века сонуваа за она што денес го доживеа МПЦ ОА и ние кako народ, граѓани и држава. (извор: СДСМ – 25.05.2022).

 

„Поколенија и поколенија…“. Како што може да се види, СДСМ тогаш бил многу поблизу до вистината. Имено, од укинувањето на Охридската Архиепископија, над два века, секој поединец, верник, каков било фактор на територијата на Македонија која по 1945 се конституираше како република со елементи на државност, а, посебно од 1990 година кога стана и самостојна држава, сите тие вложиле по нешто во исправањето на таа неправда во црковниот свет, со што се дојде до резултатот во 2022 година. Дури и во одлуката на Вселенската Патријаршија се споменуваат и тие напори – напорите и на државата:

„Оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, е одлучено да се прими во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа црква под архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи ‘вино и елеј’ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт“(извор: ДВ – 24.05.2022).

Впрочем, мало пребарување на интернет и во книгите, несомнено го покажува тоа. Исто како што може да се најде за една од посетите на лидерите на СДСМ и функционери во РСМ како што биле и се Зоран Заев и Оливер Спасовски на Вселенската Патријаршија или на Димитар Ковачевски, при што го повториле барањето за признавање на МПЦ или се заблагодариле и кажале дека сега го очекуваат и Томосот, така може да се види дека истото го правеле и актуелниот претседател Стево Пендаровски, но и поранешниот претседател Ѓорге Иванов и поранешниот премиер, сега во бегство Никола Груевски, исто како и нивните претходници претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров или премиерите Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски.

Така што, вистината е дека сите споменати и неспоменати, секој на свој начин и со знаење и умеење колку што им биле можностите во дадениот миг, сите вложиле некаков напор да дојде до укинување на шизмата за МПЦ-ОА. А зошто тоа се случи токму во 2022 година, има повеќе причини и детали, но една од поглавните е и улогата на црквите во современата геополитика, за што условите почнаа да зреат уште од 2018 година, како што може да се види од една тогашна одлука на Вселенската Патријаршија.

Оттука, вбројувањето на признавањето на МПЦ – ОА во 2022, како еден од успесите на СДСМ во минатата година, е извртена вистина, т.е. спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција