Контраспин: Просто е, за македонскиот народ и јазик не се преговара

E. Захариева. Фото: скриншот

Простото решение од прифаќањето на минатото, како што вели Захариева, би предизвикало огромни последици по Северна Македонија. А, Бугарија пак, освен преименување на сите историски личности и настани од крајот на 19-тиот век и првата половина од 20-тиот век, освен негирање на идентитетот на македонскот народ и јазик, ќе добие уште најмалку два подарока: фалсификување на историската вистина дека во Втората светска војна биле окупатор на територијата на Македонија и дека не постои, ниту постоело македонско малцинство во Бугарија

Простото решение од прифаќањето на минатото, како што вели Захариева, би предизвикало огромни последици по Северна Македонија. А, Бугарија пак, освен преименување на сите историски личности и настани од крајот на 19-тиот век и првата половина од 20-тиот век, освен негирање на идентитетот на македонскот народ и јазик, ќе добие уште најмалку два подарока: фалсификување на историската вистина дека во Втората светска војна биле окупатор на територијата на Македонија и дека не постои, ниту постоело македонско малцинство во Бугарија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, во скорешна изјава околу односите со Северна Македонија и барањата на Софија за зелено светло за преговорите со ЕУ, го искажа следниот спин:

Спин: Видете, тоа (бугарските барања –н.з.) не се нови нешта. Секогаш тие нешта биле поставени од Бугарија, не само за Договорт од 2017-та, туку ако паметите и 2012 година, тогаш кога пред една друга Комисија, друга Влада во Бугарија – а не само Грција, која беше посочена како осоновен виновник – исто така не беше во состојба да каже ДА.

Така што, како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото. Тоа е, многу е едноставно, нема ништо сложено.

[Извор: БГНЕС/Јутјуб – Изјава на Е. Захариева – датум: 28.10.2020]

 

 

Контраспин: Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по малку во стилот, „100 стапа по туѓ грб не болат“, во изјавата за бугарските медиуми во врска со прашањето околу одобрување за одржување на меѓувладина конференција за пристапните преговори на РСМ со ЕУ, изјави дека работата била многу едноставна – државата Република Северна Македонија да го признае минатото!

Оваа изјава е извртена вистина, т.е. спин, зашто она што таа го претставува како едноставно нешто, всушност, во пракса е невозможна мисија. Тоа е така затоа што барањата на Бугарија кон Македонија не се воопшто „едноставни“, туку многу чувствителни прашања што се однесуваат за една суверена држава и за еден народ.

Согласно изјавата која што е дадена, основниот проблем што го претставува Бугарија пред ЕУ и пред јавноста, е дека спротивно на обврската за добрососедство и пријателство, Скопје намерно го кочи спроведувањето на Договорот потпишан меѓу двете земји во 2017г. и тоа најмногу во делот на работата на мешовитата комисија за историските прашања.

Но, тоа е само формалниот дел, бидејќи оваа Комисија – јасно е дека прекина со работа по барање од македонска страна, поради вонредните избори што прво беа закажани во април, па спроведени во јули, а продолжи со работа на почетокот на октомври на нова средба во Скопје. Во рамки на проблематиките што ги обработува Комисијата, работата е закочена околу личноста на Гоце Делчев, при што од бугарска страна се инсистира тој да биде признат од македонска страна како Бугарин по националност и како бугарски народен херој кој се борел за слободата на Македонија, но во географска смисла како дел од тогашната Отоманска империја.

Иако оваа Комисија постигна согласност за пет точки досега, тоа не се признава како успех од страна на бугарската официјална политика, туку како бавна работа и слаби резултати, а вината се префрла на македонска страна. Но, сето ова е формална причина за да се покаже пред ЕУ дека Софија има право да каже не. Суштината е во друго барање на Бугарија, што така едноставно го кажа Захариева – Македонија требала да го признае минатото.

А, минатото е многу добро опишано во досегашните документи и изјави од Софија. Од Декларацијата на бугарското Собрание предложена од Владата во 2019 г., преку Меморандумот што го испрати бугарската Влада до Брисел во септември 2020 г. (базиран врз претходни документи од Бугарската академија на науките – БАН), до секојдневните изјави на министерите Красимир Каракачнов и Захариева околу непостоење на автентичен македонски јазик (тој бил вештачка творба), до непостоењето на македонски народ и самосвест до 1944 година, кога тој народ наводно бил вештачки создаден по команда на Марашл Тито и преку АСНОМ, првото собрание на кое се удрени темелите на современата македонска држава. Се дотогаш, станувало збор за западно-бугарско наречје на бугарскиот јазик на кој се зборувало тука и бугарска самосвест на народот, кој, ете, во 1944 г. бил со сила натеран да се изјаснува како македонски. Што, всушност, бара Софија?

 

Кои се формалните барања до кои се држи Владата во Софија?

Според Декларацијата на Бугарското Собрание, Бугарија ја подржува пристапната агенда за Северна Македонија и Албанија, но претходно бара РСМ да ги исполни следните услови:

  • Ефикасно и неодложно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
  • Строго придржување до членот 8 од Договорот дека „објективните, автентични, историски извори се засновани на докази за научно толкување на историски настани“.
  • Воздржување од дејствата со кои што се поддржуваат и поттикнуваат тврдењата за признавање на таканареченото македонско малцинство во Бугарија, вклучувајќи и во меѓународни организации.
  • Рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест.
  • Строго придржување до клаузулата во врска со официјалниот јазик на Република Северна Македонија, утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји.
  • Целосно спроведување на договорите што ги постигна заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи и нивно вклучување во образовни планови и материјали.
  • Запирање на говор на омраза кон Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, вклучувајќи медиуми, натписи на споменици и слично.
  • Реставрација и одржување на бугарски воени гробишта и споменици на територијата на Република Северна Македонија.

Едно од последните барања кое го пренела бугарската дипломатија во Брисел, како предлог што треба да се разгледа, е и да не се употребува скратеното име Северна Македонија, зашто тоа би можело да се разбере дека имплицира територијални претензии на Скопје.

 

Какви би биле последиците по Северна Македонија?

 Ете, тоа е накусо „историското минато“ и сегашност што треба да го прифати Владата во Скопје, за да може да РСМ да добие зелено свтло во декември за почеток на преговорите со ЕУ. Последиците од ова, од „прифаќање на минатото“, што би рекла Захариева, се разбира дека би биле огромни по Република Северна Македонија, а Бугарија пак, освен преименување на сите историски личности и настани од крајот на 19-тиот век и половина од 20-тиот век, освен негирање на идентитетот на македонскот народ и јазик, ќе добие уште најмалку два подарока: фалсификување на историската вистина дека во Втората Светска Војна биле окупатор на територијата на Македонија и дека не постои, ниту постоело македонско малцинство во Бугарија.

Државниот врв, пред сè, премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски и покрај внимателноста во избирањето на зборови, на 29.10.2020 едногласно рекоа: нема компрмис околу идентитетските прашања и нема преговори околу македонскиот јазик. Тие се факти и историски вистини ако сакате, за кои може историјата да разговара, но, нешта околу што нема преговори. Толку е просто, нема ништо сложено, што би рекла Захариева, нели?

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција