Контраспин:  Протестот во Охрид е „показна вежба“ на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот Василевски кој ќе се бори за укинување на СЈО. Фото: Колаж, Вистиномер

Протестите во Охрид против СЈО може да се разберат и како „показна вежба“ на партијата, која повеќе пати се заканува директно против интегритетот на секоја институција, доколку не е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ

 

Протестите во Охрид против СЈО може да се разберат и како „показна вежба“ на партијата, која повеќе пати се заканува директно против интегритетот на секоја институција, доколку не е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ

Пишува: Теофил Блажевски

 

Партијата ВМРО-ДПМНЕ која сè уште технички управува со извршната власт, издаде сооопштение во врска со протестот на нејзини членови и симпатизери во Охрид, што го сметаме за спин:

Спин: СЈО е срам за правосудниот систем. Повикувањето на околу 200 лица само заради тоа што се членови на една политичка партија, не е ништо друго туку дискриминација по политичка и идеолошка основа.

СЈО аболицира криминалци како Заев и Верушевски, а им се заканува на чесни луѓе чиј единствен грев е нивната политичко-идеолошка определба и тоа што одлучиле да донираат за сопствената партија. СЈО мора да почне да работи законски.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб, датум: 09.02.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ соопшти на својата страница дека ги разбира и ги поддржува своите членови кои веќе два дена протестираат во Охрид пред зградата на полицијата против Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое води предистражна или истражна постапка во врска со финансирањето на оваа политичка партија. Покрај ова, ВМРО-ДПМНЕ соопшти негативни квалификативи за СЈО, за на крај да порача дека партијата не била против оваа институција, туку против нејзината селективност.

Сето ова го сметаме за спин, затоа што е сосема јасно дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе од една година е во „војна“ со СЈО, за која партијата рече дека треба да заврши на тој начин што ќе се бори за укинување на СЈО. Ова е соопштено неколкупати во последниве месеци кристално јасно, ова произлегува и од текстот на сооопштението на ВМРО–ДПМНЕ, а јасно го изрече како идна своја заложба во Собранието на РМ и пратеникот од оваа партија од Охрид, кој учествува на протестите, д-р Сашо Василевски, кој не одоборува СЈО да разговара со секого за кого смета дека е потребно, па и со него како „парламентарец“:

Кое е правото на Катица Јанева да ме повикува како парламентарец, сведок, а можеби и обвинет како за моите лични донации. Ќе се борам во парламентот СЈО да биде минато и ќе го укиниме затоа што не работи како што треба

 

ОСОМНИЧЕНИ И ОБВИНЕТИ ОБВИНУВААТ ЗА СЕЛЕКТИВНОСТ

Суштината на спинот, на извртувањето на вистината за СЈО, генерално лежи во тоа што сите истраги и обвиненија на СЈО досега, се водат против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и други лица, но поврзани на некој начин со партијата, за можни кривични дела за кои индициите произлегле од прислушуваните материјали. Впочем, тоа е и работата и главната задача на СЈО – ги слуша материјалите и трага по докази. Од каде знае партијата дали се селективни или не луѓето од обвинителскиот тим во СЈО?

Од случајот со повлекувањето на обвинението во случајот „Пуч“ секако не може да се вади таков заклучок, иако тие го вадат, затоа што право на СЈО е врз основа на нови докази кои не го поткрепуваат првично обвинение на Основното обвинителство, да се повлече. Но, дури и во овој случај СЈО рече дека не ја прејудицира ничија вина или невиност.

Ако ВМРО–ДПМНЕ има други сознанија за криминал во редовите на опозициската СДСМ, треба да ги изнесе во јавност, само не преку Youtube. А, ако се сомнева партијата дека ОЈО или СЈО нема да реагираат по допрен глас во јавноста, би можеле и да поднесат соодветни кривични пријави, како што тоа го стори СДСМ во 2015 година.

 

СРАМОТ НЕ Е КАЈ СЈО

Од друга страна, извртувањето на вистината или спинот за тоа дека „СЈО е срам за правосудниот систем“, најдобро се докажува со сите релевантни анализи на нашиот правно-политички систем од сите домашни или меѓународни институции.

Ако постои формална согласност во Владата и Собранието дека се прифаќаат извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата во реформските процеси при европското интегрирање, тогаш е јасно дека Владата предводена од Никола Груевски и сега од Емил Димитриев, како и Собранието во кое мнозинство имаше и има од ВМРО-ДПМНЕ, ја имаат прифатено оценката дека вистински срам за Македонија е актуелниот судско-обвинителски систем:

Состојбата е уназадена од 2014 година и постигнувањата во реформскиот процес во претходната декада се поткопани од повторното политичко мешање во судството. Властите не успејаа да покажат неопходно политичка волја за да се справат со прашањата што беа дефинирани во Итните реформски приоритети (се мисли на судството – н.з.). Попречувањата со кои се соочува новото Специјално јавно обвинителство покажаа дека е потребно ефективно справување со недостигот од независност во судството и со селективната правда. (Од Извештајот на ЕК за 2016 година, претставен во „Вистиномер“)

 Оттука е сосема јасно дека лидерот на партијата Никола Груевски има поинаков став од премиерот Никола Груевски или пратеникот Сашо Василевски и другите пратеници од ВМРО–ДПМНЕ имале различен став во 2016 и порано од овој што го имаат денес, во однос на сите овие оценки и анализи на Европската унија. На седници на Влада или на Собрание тие оценки ги прифаќаат и ги усвојуваат, а во јавноста како партиски функционери настапуваат сосема поинаку.

Имајќи го ова предвид и имајќи го предвид фактот дека за стручната работа на СЈО, по закон е надлежен само Советот на јавни обвинители, цениме дека делот од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО и за протестите во Охрид кое го анализиравме погоре е спин.

Протестот во Охрид и аргументите што ги изнесува партијата и членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ може да се разберат и како „показна вежба“ на партијата, која повеќе пати се заканува директно против интегритетот на секоја институција доколку не е под строга и директна контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Така беше со ДИК, со Управниот суд (Првата точка од Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ од 17.12.2016), така е со СЈО, а закани има и доколку СДСМ со други политички партии успее да направи влада.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција