Контраспин: Речникот на ДУИ за предметите од СЈО е ист како и на ВМРО-ДПМНЕ

Седиште на ДУИ Фото: МЕТА

 

По неправосилната пресуда на функционери на ДУИ за изборни измами во 2013 година, партијата реагира со ист речник како и ВМРО-ДПМНЕ за сите случаи по предметите од поранешното СЈО. Таквите изјави и тврдења во старт се извртување на вистината, т.е. спин, затоа што за такво нешто докази нема

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По сооопштувањето на првостепената пресуда за функционерите на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури, партијата излезе со реакција пренесена во медиумите, каде што може да се препознае спин:

Спин: Ние продолжуваме силно да го поддржуваме правилното владеење на правото, и за да стигнеме до европска правда, треба да ја искорениме селективната политички и етнички мотивирана правда со одлуки кои се засноваат врз нарачки, а не врз законот. Неселективната правда се постигнува преку целосен Ветинг на обвинителите, судиите и политичарите.

[Извор: 21 ТВ – Алими и Гури осудени… – датум: 31.03.2020]

 

 

Контраспин:

Партијата ДУИ, како што пренесоа медиумите во врска со првостепената, неправосилна пресуда за двајца нејзини функционери, од кои едниот пратеник, а за изборни измами сторени во Чаир на изборите во 2013 година, реагираше во насока дека станува збор за полиитчки и етнички мотивирана пресуда, башка селективна. Ваквата реакција може да се оцени како спин.

Извртувањето на вистината е видливо од самата контроверза во реакцијата на партијата: Ние продолжуваме силно да го поддржуваме правилното владеење на правото, и за да стигнеме до европска правда, треба да ја искорениме селективната политички и етнички мотивирана правда со одлуки кои се основаат на нарачки, а не на закон.

Правилното владеење на правото за да се стигне од европската правда, како што толкуваат од ДУИ, секако не значи дека секоја пресуда веднаш треба да се толкува како „судска одлука по нарачка, а не по закон“.

„Титаник 3“, случајот за кој сега има првостепена пресуда, е подигнат врз обвинение влезено на оценка во Судот на 29 јуни 2017 година, значи на време поднесено од Специјалното јавно обвинителство согласно специјалниот закон, кој наложуваше 30.06,2117 година да биде датумот за поднесување на обвиненија. Предметот е одобрен за судење во декември истата година и оттогаш со разни перипетии, меѓу кои и со можеби непотребни одолговлекувања од страна на Судот (промена на главната судијка, па чекање на сведок од Германија – за тоа прочитај во Коментари во Мониторингот на Коалицијата сите за правично судење), судењето во прв степен заврши вчера.

Зошто оваа прва пресуда за функционери на ДУИ за изборна измама би била протолкувана како, „нарачка“, „селективна“ и згора на сè „политички и етнички мотивирана“.

Тоа е, всушност, истиот речник што го употребува ВМРО-ДПМНЕ кога се носат пресуди или кога се покренуваат нови обвиненија или се водат истраги за функционерите на оваа партија, а во врска со предметите покренати порано од СЈО, сега преземни од Обвинителството. Впрочем, да не заборавила јавноста и ДУИ, дека тие заедно беа во коалиција 8 од десетте години владеење и дека во прислушкуваните материјали има доста и индиции и докази, бидејќи тие се признаваат како докази за некое дело кое е поврзано и со изборите, но и за по некое друго кривично дело. Оттаму, а поаѓајќи и од изјавите и на функционери на ДУИ – сè нека се испита, секој функционер ако постои сомневање или обвиненија – ваквата реакција дека првостепената пресуда е селективна, етнички и политички мотивирана, е извртување на вистината, т.е. спин.

Прва работа е дека ако се сака „европска правда“, партијата не смее да не го остави системот до крај да ја покаже правдата. Постои и второстепена и евентуално третостепена постапка.

И уште нешто. Во однос на тврдењето во вчерашната реакција дека само „целосниот ветинг на сите судии и обвинители и политичари ќе не доведе до европска правда“, од ДУИ нека го имаат предвид сè она што се случуваше во Албанија и со генералните реизбори на судии во Србија и во БиХ, но и на луѓето во правосудството и експерти за оваа област.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција