Контраспин: Редовна набавка од МО за потребите на своите објекти не е „луксузирање на власта“
Иако СДСМ има обврска да ги лови сите грешки и слабости на власта, не би требало преку сокривање на некои детали или извртување на вистината да се обиде да добие политички поени. Па така, не може редовна набавка на Министерството за одбрана за потребите на сите угостителски објекти на Министерството и Армијата, да се нарекува „луксузирање на власта“.
Иако СДСМ има обврска да ги лови сите грешки и слабости на власта, не би требало преку сокривање на некои детали или извртување на вистината да се обиде да добие политички поени. Па така, не може редовна набавка на Министерството за одбрана за потребите на сите угостителски објекти на Министерството и Армијата, да се нарекува „луксузирање на власта“
Пишува Теофил Блажевски
Опозициската парламентарна партија СДСМ издаде соопштение во кое се детектира спин:
Власта продолжува да се луксузира, 31.000 евра за кафе и алкохол набавува Министерство за одбрана
Додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа и семејствата едвај врзуваат крај со крај, владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народните пари.
Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични и прескапи овошја, Министерството за одбрана на Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалоци во вредност од 31.000 евра…
…Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот кој секој ден тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај.
[Извор: СДСМ – Соопштение – датум, 26.08.2025]

Контраспин: Разбирливо и логично е секоја партија во опозицијата да се обидува во комуникацијата со јавноста да ги лови сите слабости и грешки на владејачката партија, но несмасно делува кога тоа се прави со нешто околу кое се извртуваат фактите.
Токму тоа го прави СДСМ во своето соопштение за набавка од страна на Министерството за одбрана за кафе и алкохолни пијалоци, при што со два-три елементи, се обидува да создаде поинаква слика за набавката.
Првиот спинуван елемент е употребата на зборот „луксузирање“ на власта со народни пари, за нешто што е редовна набавка од страна на Министерството за потребите на АРМ и на објектите од отворен тип со кои раководи ова министерство. За да се засили впечатокот, се употребува претходна набавка од Службата за општи и заеднички работи при Владата од февруари 2025 година во висина од околу 35 илјади евра при што меѓу другото се набавуваше и овошје како што се банани, 15 килограми авокадо и 10 килограми папаја, која исто така беше предмет на критика од страна на опозициската партија.
Но и при таа и при оваа јавна набавка, употребата на изразот луксузирање на власта е извртување на вистината, бидејќи и во двете набавки производите како што се храна или пијалоци не се употребуваат за прехрана и задоволување на министрите или други функционери, туку за објектите со кои располагаат двете институции (државни објекти од отворен и затворен тип) во кои потрошеното се плаќа, што значи повторно пари се враќаат во буџетот.
Во овој најнов пример на комуникација со граѓаните за постапките на власта се споменуваат само вкупната сума – 31.000 евра и дел од набавката, кафе, вино, ракија мастика… Нема никакви други детали, што е дел од спинот.
Делумно тоа го појаснува и самото Министерство за одбрана во соопштението што беше упатено до медиумите по објавата на соопштението на СДСМ. Имено, прво што појаснува МО е дека станува збор за редовна набавка:
Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината – така се карактеризира соопштението од политичката партија СДСМ која се обидува редовна и навремена набавка која се спроведува години наназад и се однесува на потребите на Армијата и СИТЕ угостителски објекти на Министерството и Армијата, вклучувајќи го и Домот на Армијата, авто камповите во Дојран и Охрид, како и Хотелот „Шар“ на Попова Шапка, да ја претстави во сосема поинакво светло. Првенствено, треба да се има предвид дека набавеното кафе и пијалоци во угостителските објекти кои се од отворен карактер за граѓаните, се во слободна продажба, а приходот од продажбата повторно влегува во македонскиот буџет – се наведува во реакцијата од Министерството за одбрана.
Второ, во соопштението од СДСМ не се наведуваат други детали од набавката која како што наведува МО е спроведена на тендер и чии количини во однос на некои претходни години се значително помали кај дел од набавените продукти:
Години наназад е спроведена ИСТА ТАКВА НАБАВКА, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети.
Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година, се наведува во одговорот од МО.
Според се погоре изложено, наведувањето во соопштението на СДСМ само на два-три елементи, зачинето со зборот „луксузирање“ на власта и наведување на просечната плата во државата, за да се заврши со „расипничка политика на власта“, е извртување на вистината или спин за нешто што е редовна постапка што се спроведува од страна на Министерството за одбрана. За волја на вистината, како што добро се забележува од една анализа на колегите од БИРН, истава спинерска техника ја користеле и од ВМРО-ДПМНЕ во времето кога тие беа во опозиција. Што секако не е оправдување таквата комуникација на партиите да продолжува во недоглед.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар