Контраспин: Релативизацијата на говорот со омраза е спин

Богојески е во право дека постојат двојни аршини во врска со реакцијата на власта кон говорот со омраза искажуван на спортски настани и во други прилики, но спинува кога вели дека поради тоа можеби не треба да се преземаат мерки кон никого, дека децата биле испровоцирани, како и дека тоа било од љубов кон Македонија. Впрочем, од кога омразата кон другиот се смета за љубов кон државата и ако се дозволи, кон каква држава и општество ќе се претвориме сите ние? Па и најновиот пример со натпреварот меѓу Шкендија и Карабах го потврдува тоа – нема место за релативизирање.

Богојески е во право дека постојат двојни аршини во врска со реакцијата на власта кон говорот со омраза искажуван на спортски настани и во други прилики, но спинува кога вели дека поради тоа можеби не треба да се преземаат мерки кон никого, дека децата биле испровоцирани, како и дека тоа било од љубов кон Македонија. Впрочем, од кога омразата кон другиот се смета за љубов кон државата и ако се дозволи, кон каква држава и општество ќе се претвориме сите ние? Па и најновиот пример со натпреварот меѓу Шкендија и Карабах го потврдува тоа – нема место за релативизирање

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Петар Богојески во статус на неговиот Фејсбук профил во врска со инцидентот во спортската сала во Куманово, искажа став во чии делови се препознава спин:

Слични навреди никогаш не завршија со кривични пријави против албанските навивачи, за разлика од последниот случај во Куманово, каде обвинителството веднаш реагираше за навредите насочени кон Албанци.

Денес, македонските навивачи стануваат жртва на лов на вештерки, само затоа што имаат љубов кон Македонија!

Ако навредите на една етничка заедница се гонат, тогаш МОРА да се гонат и сите други. Или – никој.

Македонските млади не се криминалци! Тие се гласот на една потценета генерација што уште верува во сопствената земја!

Македонците во Куманово беа испровоцирани од албанскиот етнички шовинизам! Од изјавите на Ахмети со потценување и навредувачки тон кон светиот празник Илинден! Тие не се насилници, ниту мразачи!

Да не се срамиме што сме Македонци. Да не се плашиме што сме гласни. Доста со двојните аршини!

 

[Извор: Петар Богојески – Фејсбук/статус:  датум – 05.08.2025]

 

Контраспин: Петар Богојески, лидерот на Македонски концепт, дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е во право дека постојат двојни аршини во врска со реакцијата на власта кон говорот со омраза искажуван на спортски настани и во други прилики, но спинува кога вели дека поради тоа можеби не треба да се преземаат мерки кон никого, како и дека тоа било од „љубов кон Македонија“.

Станува збор за класична релативизација на настанот за кој со мало задоцнување се огласи државниот врв, додека полицијата и јавното обвинителство почнаа да преземаат мерки.

Пораките за „чиста Македонија“ и „смрт за Шиптари“ не се и не можат никако да бидат „љубов кон Македонија“, исто како што и претходните примери што ги посочува Богојески во својот статус, „смрт за Македонците“ и „нема Македонија – има Илирида“, искажани од навивачките табори на албанските спортски клубови, немаат ништо заедничко со државата и цивилизираното општество кое е одговорност на сите граѓани и на политичките елити што управуваат со државата.

Пораките од македонските навивачки групи во Куманово немаат никакво оправдување ниту во тоа дека биле испровоцирани „од албанскиот етнички шовинизам“ или од „изјавите на Ахмети со потценување и навредувачки тон кон светиот празник Илинден“. Сосема исто, како што и пораките од албанските навивачки табори и истакнување на карти со голема Албанија немаат никакво оправдување во изјави или постапки од македонски политичари. Без оглед на фактот дека шовинизмите и ксенофобијата се погонско гориво и потхранувачко ѓубриво и за едните и за другите.

Впрочем, од кога омразата кон другиот се смета за љубов кон државата и ако се дозволи, кон каква држава и општество ќе се претвориме сите ние? Зарем историските примери и од кај нас и пред и по осамостојувањето, примерите од светската постара и понова историја, како и сегашноста, кога се случуваат погроми од кои уште денес најголем дел од цивилизираниот свет се срами – не се доволен факт кој покажува дека нема место за никакви шовинизми и ксенофобизми?

Во целата оваа опасна реторика не треба да се заборави фактот што во една од реакциите го истакна Хелсиншкиот комитет дека „говорот на омраза е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза“.

Оттаму добро е што се огласи премиерот Христијан Мицкоски со осуда на тој говор во Куманово, без оглед дали го забележал или не, добро е што и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова порача дека мора да се спротивставиме на говорот на омраза и дека „срамот падна на сите“ и добро е што тие и сите други одговорни субјекти почнаа да ја креваат јавната свест за опасноста од говорот на омраза на спортските трибини и воопшто.

Впрочем, добро е и да има одговорност, зашто како што вели Богојески постојат двојни аршини, ама кон нив не треба да се однесуваме со толеранција за сите, туку напротив, со преземање на сите мерки кон сите што шират говор на омраза, за да се отстранат тие двојни аршини.

Темата е прекомплексна и со долг историски контекст на односот на институциите кон радикалните навивачки групи кои често биле или се користени за дневно-политички цели, но тоа не е оправдување за релативизации и спинови или оправдување да се потцени кој било говор на омраза. Впрочем и најновиот пример со натпреварот меѓу Шкендија и Карабах, за кој повторно принципиелно реагираше Хелсиншкот комитет го потврдува тоа – нема место за релативизирање.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција