Контраспин: Резолуција за црвените линии со црвена линија во старт е невозможна мисија

Фото: Колаж на „Вистиномер“

Спинот на ВМРО-ДПМНЕ дека формата е „тривијална работа“ и затоа не менуваат името на државата во документот кој е предложен, е тривијален спин. Тоа сепак упатува на прашање дали документот со црвена линија во формата, е со цел да не се стигне до црвените линии наведени во содржината? Така, до единство за некои прашања – тешко

Спинот на ВМРО-ДПМНЕ дека формата е „тривијална работа“ и затоа не го менуваат името на државата во документот кој е предложен, е тривијален спин. Тоа, сепак, упатува на прашање дали документот со црвена линија во формата, е со цел да не се стигне до црвените линии наведени во содржината? Така, до единство за некои прашања – тешко

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ упати став до јавноста околу судбината на предлог-резолуцијата во Собранието, во кој се детектира спин:

Спин: Зоран Заев и СДСМ го одбегнуваат гласањето на Резолуцијата во Собранието и бараат изговори во тривијални работи.

Доколку СДСМ навистина се согласува со текстот на Резолуцијата, тогаш нивните пратеници треба веднаш да ја поддржат истата, во спротивно се остава впечаток дека Заев бега и не сака да ја гласа Резолуцијата затоа што во позадина преговара и планира нови отстапки…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/Соопштение, датум: 21.07.2021]

 

 

Контраспин: Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, откако излезе со предлог-резолуција која треба да обезбеди ставање на „црвени линии“ во преговорите со Бугарија, не престанува да се однесува амбивалентно во односите со јавноста во однос на резолуцијата. Притоа, неретко се ползуваат и спинови, односно извртени вистини околу поддршката на документот од страна на другите партии во Собранието, а еден од последните е дека неподдршката на резолуцијата значи оти „ќе стане јасно дека Заев далеку од очите на јавноста прави нови штетни отстапки“.

Во што е суштината на спорот? Навистина, СДСМ се однесуваше недоследно кон оваа резолуција на почетокот, кога протекоа првите најави за нејзе. Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи и препознатлива фигура во ВМРО-ДПМНЕ со право констатираше на едно тв интервју, дека пред една недела велеа дека резолуцијата е хир на ВМРО-ДПМНЕ, потоа кога видоа дека во јавноста има добар одек го сменија ставот и рекоа дека ќе ја подржат таква каква што е. Но, Милошоски во истата реченица додава: …за вчера да слушнеме дека на Заев не му пречи содржината, туку му пречи формата.

Станува збор за изјава на премиерот Зоран Заев од пред неколку дена, дека СДСМ нема да може да ја подржи резолуцијата доколку од документот не се сменат зборовите Република Македонија со Република Северна Македонија, појаснувајќи дека тоа е во согласност со Уставот на РСМ, кој беше сменет по Преспанскиот договор:

Во резолуцијата на неколку места се споменува Република Македонија, а во Уставот стои Република Северна Македонија. Секоја резолуција има преамбула, а таму е избегнато уставното име… Во нашиот Устав не пишува дека ние сме Република С. Македонија, ние сме Република Северна Македонија“појасни Заев.

Иако во експертската јавност сè уште има дилеми за корисноста или штетноста од ваков документ во Собранието – последен пример е ставот на поранешниот амбасадор Нано Ружин – едно е јасно, дека црвена линија околу црвените линии во преговорите со Бугарија е ставена уште на почетокот, инсистирајќи на формата и токму тоа е таа извртена вистина во ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дека е важна само содржината или суштината.

Резолуцијата, за која СДСМ се изјасни дека ќе ја прифати таква каква што е претставена во медиумите, навистина е неспорна за граѓаните на СРМ, посебно за Македонците, кои околу овие прашања со право чувствуваат емоции и ги доживуваат идентитетските прашања што ги отвора Бугарија, претходно Грција, многу болно. Но, откако болно се затвори спорот со Грција преку Преспанскиот договор, новата реалност е дека името на оваа земја е променето од РМ во РСМ. Иако ВМРО-ДПМНЕ декларативно сè уште е на ставот дека е против Преспанскиот договор, дека ќе стори сè да го смени доколку дојде на власт, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, неодамна изјави:

Можеби е реалност, не велам да ја игнорираме таа реалност, но дека е завршен далеку од тоа.

И што се случува сега со реалноста? ВМРО-ДПМНЕ ја игнорира, наведувајќи спинувано „Заев да не се заглавува во формата игнорирајќи ја суштината(пратеникот Б.Петрушевски, после 1-ва минута од видеото) или дека тоа прашање, формата, е „тривијална работа“ (ставот во пораката кон јавноста што е предмет на овој текст).

Веќе споменатиот Ружин во својот осврт констатира дека ако Собранието изгласа документ со таква содржина, тоа ќе создаде нови проблеми во односите со Грција, а можна е и поширока импликација околу позициите на државата во меѓународните односи:

Воедно Резолуцијата инсистира врз поранешното уставно име Република Македонија, со оглед дека ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту дел од МАНУ и УКИМ не го прифаќаат новото уставно име. Веќе по ова прашање уште пред да се пристапи кон анализа на содржината на текстот, државата ризикува да се соочи со остри критики и додатни тензии со Грција, ЕУ и САД што би им одело во прилог на бугарските тези изнесени во Декларацијатавели Ружин.

Сосема е јасно дека формата и тоа како е важна. Ако не било така, чуму црква/џамија за верниците? Или зошто ни се биометриски документи, кои се поскапи, зашто и од старите, обични пластифицирани, се читаше? Или извитоперено во анархистички манир – чуму ни е држава кога ние си знаеме дека сме Македонци од Македонија?

Навистина, ако не била важна формата, туку суштината, „чуму да не земеме плата од документи на кои пишува Собрание на РСМ“?

Оттука, спинот на ВМРО-ДПМНЕ дека формата е „тривијална работа“ и затоа не го менуваат името на државата во документот кој е предложен, е тривијален спин. Тоа, сепак, упатува на прашање дали документот со црвена линија во формата е со цел да не се стигне до црвените линии наведени во содржината?

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција