Контраспин: Русија се замеша во внатрешните работи на Украина, наспроти тврдењата на Баздникин

Фото: Принт-скрин од обраќањето на Баздникин

Амбасадорот на Русија во земјава Сергеј Баздникин тврди дека приоритетот на Русија не е конфронтација, туку обезбедување безбедност и услови за спокоен, просперитетен развој на земјата во мирни услови. Но фактите го говорат спротивното –  Русија официјално призна постоење на две сепаратистички, проруски републики на територијата на Украина, што е директно мешање во внатрешните работи на државата. Со ова, се кршат основите на меѓународното право и принципи, бидејќи признавањето на овие две сепаратистички републики, а потоа и испраќањето на воени сили во нив се поткопува интегритетот и владеењето на Украина на своите територии признаени од ОН и државите во светот

Амбасадорот на Русија во земјава, Сергеј Баздникин, тврди дека приоритетот на Русија не е конфронтација, туку обезбедување безбедност и услови за спокоен, просперитетен развој на земјата во мирни услови. Но, фактите го говорат спротивното –  Русија официјално призна постоење на две сепаратистички републики на територијата на Украина, што е директно мешање во внатрешните работи на државата. Со ова, се кршат основите на меѓународното право и принципи, бидејќи признавањето на овие две сепаратистички републики, а потоа и испраќањето воени сили во нив се поткопува интегритетот и владеењето на Украина на своите територии признаени од ОН и државите во светот

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Два дена откако Русија еднострано го призна постоењето на Донецката Народна Република и Луганската Народна Република, на Фејсбук, преку видео, се огласи амбасадорот на Русија во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, по повод Денот на бранителот на Татковината. Во пораката што ја пренесе амбасадаророт Баздникин, се препознаваат повеќе спинови кои не соодветствуваат со реалната состојба поврзана со руско-украинската криза.

Спин: Забележуваме засилување на милитаристичка реторика, зачестени случаи на провокации во близина на нашите граници, интензивирање на испораката на оружје за нашиот сосед – Украина. 

[Извор: Обраќање на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин на Фејсбук, датум: 23.02.2022]

 

Контраспин: Испораката на оружје не е забранета и точно е дека дел држави вршат испорака на оружје за Украина, која е суверена земја и по секоја основа има право да го бара тоа од останатите држави. Ова не треба да се става во контекст со милитаристичка реторика или провокации во близина на границите, туку во контекст на бранење на државата доколку нејзиниот суверенитет е загрозен.

Украинската армија има потреба од оружје, со оглед на тоа што Русија во изминатите години ги модернизираше своите оружени сили. Украина, од друга страна, по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година наследи арсенал од оружје, но голем дел од него беше продаден во странство, а не беше инвестирано во купување ново. Денес државата користи опрема која е произведена во седумдесетите и во осумдесетите години од минатиот век.

Покрај ова, Украина и нема друг избор туку да стори се што може да се одбрани ако се знае дека во изминатите 6-8 месеци на нејзините источни и северни граници, оние со Русија и Белорусија, се натрупаа меѓу 150-190 илјади руски војници и тоа со тешко офанзивно вооружување  (тенкови, пешадиски оклопни возила, повеќецевни рактени фрлачи, далекуметна самоодна артилерија, балистички проектили), но и други пропратни медицински средства, какви што се големи количества на крв и крвна плазма за трансфузија, а во последниов период и подготовка на полски болници во близина на границата, што недвосмислено значи дека се вршат подготовки за офанзивни воени дејствија длабоко на територијата на Украина.

Во таква ситуација, на ниедна земја не може да ѝ се замерат подготовки за сопствената одбрана. Настрана фактот што „интензивирањето на испораката на оружје“, како што вели амбасадорот Баздникин, се случува дури откако стана сè поизвесно, повидливо и појасно натрупувањето на трупи на границите со Украина. Пред тоа, испораките на одбранбено оружје за Украина од западните партнери се одвиваа преку претходно договорени планови, откако ќе се извршеа неопходните подготовки, како и преку помали количества.

Дополнително на ова, оружјето што се испорачува од одредени држави е исклучиво за одбранбени цели. Во јануари годинава Украина од Велика Британија доби системи на лесно противтенковско одбранбено оружје, како дел од меѓународната техничка помош, а украинскиот заменик-министер за одбрана, Анатолиј Петренко, рече дека оружјето ќе се користи само за одбранбени цели.

САД уште во 2017 година го одобри планот за испорака на оружје на Украина со цел да се засили украинската армија, која се бореше против сепаратистите поддржани од Русија.

Во 2014 година, пак, официјални претставници во НАТО изјавија дека Алијансата нема да испраќа оружје во Украина, која не е земја-членка, но оти индивидуалните членки имаат целосно право да изберат дали ќе го сторат тоа или не. Оттаму, интензивирањето на испораката на оружје е сосема оправдана, ако се земе предвид фактот дека во источна Украина реално постои конфликт, а Обединетите нации проценуваат дека од 2014 до февруари 2022 во државата се убиени од 14.200 до 14.400 луѓе, од кои најмалку најмалку 3.407 цивили, 4.400 припадници на украинските безбедносни сили и 6.500 членови на вооружени групи.

Спин: Се зголемуваат ризици од лизгање кон спирала на конфронтација што води во бездна. Нагласувам – нашата земја нема агресивни намери кон ниту една друга држава. Никому не се закануваме. Нашиот приоритет не е конфронтација, туку обезбедување безбедност и услови за спокоен, просперитетен развој на земјата во мирни услови.

Контраспин: Со самото признавање на границите на двете сепаратистички републики се нарушува територијалниот интегритет на Украина, а се зголемува и ризикот, бидејќи на територијата на овие две сепаратистички републики има области кои се под контрола на украинската влада, односно на армијата. Оттаму, не може да се каже дека Русија нема агресивни намери кон ниту една друга држава, со самото влегување на територијата на суверена држава од руските вооружени сили.

Признавањето на т.н. Доњецка Народна Република (ДНР) и т.н.Луганска Народна Република (ЛНР) во Украина се случи во понеделникот. Двете републики не се признаени од ниту една членка на Обединетите нации, а неколку часа по признавањето, претседателот на Русија, Владимир Путин, го задолжи Министерството за одбрана да „го обезбеди одржувањето на мирот во ДНР и ЛНР од страна на руските вооружени сили“. Путин со акламација доби одобрение од Горниот дом на руската Дума за користење на армијата и надвор од границите на државата.

Со самото распоредување на над 150.000 војници и тешко оружје во близина на границата со Украина, не може да се зборува за „развој во мирни услови“. Уште пред три недели, Украина ја повика Русија да ги повлече своите сили натрупани долж границата меѓу двете земји и да продолжи со дијалогот со Западот, доколку сериозно сака да ги намали тензиите.

Иако Москва негираше дека сака да ја нападне Украина, самиот развој на настаните и активностите на теренот не можат да се стават во контекст на реторика за „спокојство и безбедност“.

Спин: Се залагаме за владеењето на меѓународното право и неговите основни принципи, како што се немешањето во внатрешните работи и мирното решавање на сите спорови.

Контраспин: Самата изјава на амбасадорот Баздникин е спин, со оглед на фактот што Русија официјално призна постоење на две сепаратистички „републики“ на територијата на Украина, што е директно мешање во внатрешните работи на државата. Со ова, се кршат основите на меѓународното право и принципи, бидејќи признавањето на овие две сепаратистички републики, а потоа и испраќањето на воени сили во нив се поткопува интегритетот и владеењето на Украина на своите територии признаени од ОН и државите во светот. Воедно, се врши и силен воено политички притисок врз Украина за да се огласи на барањата и условите поставени од Русија, но и се оглушува на сите предупредувања од меѓународната заедница, ЕУ, САД и НАТО.

Спин: Предлагаме да се градат односи врз основа на општо признат документ – Повелбата на ОН.

Контраспин: Повелбата на Обединетите нации, меѓу другото, предвидува дека државите ќе решаваат било каков меѓународен спор со мирни средства и на начин со кој нема да бидат загрозени меѓународниот мир, безбедноста и правдата, како и дека во рамките на своите меѓународни односи тие нема да се служат со закани, ниту да се користат со употреба на сила.

Од друга страна, во говорот на рускиот претседател Владимир Путин, тој се обиде да ја минимизира Украина како „вештачка креација, неразделна од Русија“, односно нејасен ентитет, а говорот содржеше и суптилни закани по безбедноста.

Реалноста е дека украинската култура и јазик постојат со векови. Додека делови од сегашната Украина беа дел од руската империја, остатокот од државата беше, во различни периоди од историјата, под контрола на Полска, Литванија и Австро-Унгарија.

Освен тоа, кога на националниот референдум во 1991 година на Украинците им беше даден избор да останат со Русија, 84 отсто од гласачите со право на глас излегоа на гласање – а повеќе од 90 отсто гласаа за независност.

Имајќи ги предвид сите овие аргументи, обраќањето на амбасадорот Баздникин, може да се оцени како наратив преполн со спинови и во поддршка на актуелната офанзивна и заканувачка надворешна политика на Руската Федерација, во која аргументите и фактите сè почесто заминуваат на задно седиште и заради засиленото и сè погласно ѕвецкање на оружјето, но и заради опасните спинови, чија цел е да се оправда сè поверојатното насилство во блиска иднина. Ако насилството надвладее врз дипломатијата и аргументите, тогаш ваквите спинови можеме да очекуваме само да се засилат и тоа и во број и во интензитет.




Qries


 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција