Контраспин: Русковска нема право на разочараност, Апелација да се преиспита што му фали на судството

Фото: Принтскрин колаж

 

Русковска, ниту кој било друг обвинител нема право да биде во афектна состојба на разочараност. Од друга страна, тврдењето на апелациските судии дека токму таквата смс порака на Рускоска е таа што ја спречува земјата на патот кон ЕУ,  е сè, само не е вистина. Судиите нека се преиспитаат зошто и јавноста и голем дел од политиката се залага за ветинг во нивните редови

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По пуштањето на Катица Јанева во домашен притвор разгледуваме две реакции во правосудството, во кои детектиравме два спина

Спин1: Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница.

[Извор: Академик – Обвинителство: Реакцијата на Русковска…, датум: 20.11.2019]

 

 

Спин 2: Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката.

[Извор: Академик – Академик – Апелациониот суд со соопштение…, датум: 20.11.2019]

 

КонтраспинВо изминатите два, три дена јавноста беше претрупана со реакции од сите страни околу замената на притворот на поранешната СЈО Катица Јанева од истражниот затвор со домашен, но и со меѓусебните реакции на обвинителството и судството.

Притоа, од правосудните органи беа изречена најмалку две извртувања на вистината, т.е. спинување околу целиот случај (политичките спинови на партиите и на „аналитичари“ нема да ги анализираме.)

Првиот спин е соопштението на Јавното обвинителство, кое сакаше да ја „појасни“ приватната смс порака на Русковска упатена до еден од судиите, во која таа му вели дека „ќе имало тресење од гаќи“ и финансиска истрага за судиите што ја донеле одлуката.

ЈОРМ вели дека тоа нема врска со несоработка или непочитување на судот и дека станува збор за „моментална разочараност“ на обвинителката од одлуката на судот.

Иако  дел од јавноста можеби со симпатии гледа на смс пораката на Русковска поради огромната недоверба кон правосудството, а во тој контекст и кон судството во земјата, таа јавност треба да знае дека секој „обичен“ човек има право на „луксузот“ разочараност, ама Русковска нема. Не Русковска како поединечен обвинител, туку генерално. Лекар, полицаец, обвинител, судија….тоа се професии кои не смеат да зависат од моменталаната емотивна состојба, да речеме афектна состојба. Замислете какви се животозагрозувачки грешки можат да сторат во таква афектна состојба. Да се погреши при операција, да се упаси некого без потреба и да се претепа, да се отвори без потреба истрага или ако е судија да се лупне неодмерена казна при „чиста душа“….

Ете затоа, ова појаснување на Обвинителството за смс пораката на обвинителката е извртена вистина, т.е. спин.

 

СУДИИТЕ ГИ ЗАБОРАВИЈА И ПОЛИТИЧАРИТЕ И САМИТЕ СЕБЕ

Од друга страна, Апелацискиот суд во Скопје, кој во рок од пет дена донел две одлуки за Катица Јанева, по експресна седница, заклучил дека смс пораката на Рускоска е скандалозна, закана за судството, имплицирала корупциска атмосфера околу редовното работење на судот и слични други квалификации, за на крај, внимавајте, да донесе епохален заклучок дека токму смс-от на Рускоска е тој клучен елемент кој ја спречува Македонија на патот кон ЕУ?!

Ако е тоа така, јавноста со право очекува судот да покрене кривична постапка против обвинителката за закана, а граѓанска за клевета и навреда, т.е. за нарушен углед.

Ама судиите од овој суд, како и од оној Судски совет што излегол со слична осуда, а кој истовремено е толку многу одговорен и ажурен што цела една година не може да избере нови судии за да ги пополни празните места – добро знаат дека не е Русковска проблемот.

Досега во ниту една прилика од долгодецениските трансформации во судството јавноста не виде ниту еднаш некој од судиите или судот во целина да објави заканувачка или лобирачка порака од некој од политичарите, иако не само од „бомбите“ туку и од бројни признанија на политичари, јавноста знае дека уште од генералниот реизбор на судии од 1996 година па сè до денес, политиката не престанала да се меша во судството.

Конечно, каде беа судиите од Апелацискиот суд или членовите на Судскиот совет да „гукнат“, макар и преку Здружението на судии, за забелешките што во Посебниот извештај до Собранието го упати пред две години Специјалното јавно обвинителство против неколку судии, за кои според доказите со кои располагаа (снимени материјали), проценија дека не се достојни да раздаваат правда низ државата, а да не зборуваме за т.н. период на Маневски судството или за срамни судски одлуки што се соборени во Стразбур…..

Затоа, делот од соопштението на Апелацискиот суд во Скопје кој оценува дека заради смс пораката на Русковска се нарушил текот на судската постапка и дека поради такви пораки не одиме во ЕУ, е спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција