Контраспин: Само Груевски гледа стари лица во СДСМ

Груевски на Конгерсот на СДСМ препознал лица познати по „криминално владеење, корупција, манипулации, неработење, лажни ветувања...“ Фото: Принтскрин

Кога ќе се погледне составот на Централниот и на Извршниот одбор на СДСМ може да се заклучи токму спротивното од она што го тврди Груевски, таму тешко можат да се најдат имиња од старото раководство на партијата, а речиси и да ги нема кадрите на социјалдемократите кои вршеле некаква одговорна функција во извршната власт во времето кога СДСМ беше во Владата. За разлика од раководството на СДСМ, кое е комплетно освежено во 2013 година, кај ВМРО ДПМНЕ работите стојат многу поинаку: самиот Никола Груевски е на чело на партијата од конгресот во Охрид во 2003 година до денес, реизбиран во неколку наврати на партиските конгреси како единствен кандидат.

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Коментирајќи го исходот на партискиот конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), на кој со мнозинство гласови од делегатите повторно за претседател беше избран Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски  даде изјава која претставува политички спин односно извртување на вистината:

 

Спин: На конгресот на СДСМ гледам стари лица, оние кои што добро ги познаваме. СДСМ секогаш кога доаѓаше на власт ветуваше реформи, сами се нарекуваа реформска влада, но ние не се сеќаваме на ниту една реформа од СДСМ. Секогаш со големи фанфари доаѓање во владата, кажување какви се не реформи ќе направат, каков живот ќе донесат, како ќе биде убаво и така натаму, но еве граѓаните нека се потсетат кои реформи беа направени во времето на СДСМ. Ги гледаме горе-доле истите луѓе кои ги препознаваме од нивното владеење по корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации, обвинувања на противникот наместо фокус и концентрација на нови проекти и на нешто што ќе го подобри животот на народот. Се фокусираат на опонентите за да ги оцрнат и да фрлат лаги и невистини врз нив…Тоа е екипата што ги изгуби изборите во 2014 и 2016 година, кои на некој начин, преку разни начини дојдоа до ситуација да состават Влада, да видиме сега што ќе направат. Дадоа сериозни и крупни ветувања поради што луѓето со право имаат очекувања…

[Извор: ТВ НОВА Вести: „Груевски: На конгресот на СДСМ ги гледаме старите лица познати по корупција и криминал“,  Датум: 27.05.2017]

 Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

 

Контраспин: Уште првата реченица на експремиерот и долгогодишен неприкосновен претседател на најголемата опозициска, доскорешната владеачка ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, е школски пример за извртување на фактите:

На конгресот на СДСМ гледам стари лица, оние кои што добро ги познаваме,

сугерирајќи дека СДСМ не прави промени во кадровската структура, дека се едни те исти луѓе се во раководството на партијата, за да поентира со тоа дека таквите „стари кадри“ залудно ветуваат реформи, кога и претходно го правеле истото, а реформи немало:

еве граѓаните нека се потсетат кои реформи беа направени во времето на СДСМ.

Сепак, фактите зборуваат поинаку: Груевски под „стари лица“ секако мислел на личности од најтесното раководство на СДСМ, алудирајќи на тоа дека тие не се подготвени на какви било промени, што не е вистина – освен кусиот период во текот на 2008 година кога беше избран за в.д.претседател на социјалдемократите, Заев на чело на партијата доаѓа во 2013 година, а истото важи и за повеќето личности од најтесното раководство на СДСМ. Со исклучок на Радмила Шеќеринска, која во периодот од 2006 до 2008 година ја врши и должноста претседател на СДСМ, а на повеќе високи функции во оваа партија е речиси дваесетина години, тројцата потпретседатели на СДСМ: Фросина Ременски, Дамјан Манчевски и Александар Кирацовски се на тие позиции од 2013 година, а истата година е избран и Оливер Спасовски како генерален секретар на партијата.

Кога ќе се погледне, пак, составот на Централниот и на Извршниот одбор на СДСМ може да се заклучи токму спротивното од она што го тврди Груевски, односно таму тешко можат да се најдат имиња од старото раководство на партијата, а речиси и да ги нема кадрите на социјалдемократите кои вршеле некаква одговорна функција во извршната власт во времето кога СДСМ беше во Владата. Поради ова, паѓа во вода и тоа комплетно, следнава реченица на Груевски:

Ги гледаме горе-доле истите луѓе кои ги препознаваме од нивното владеење по корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации, обвинувања на противникот наместо фокус и концентрација на нови проекти и на нешто што ќе го подобри животот на народот.

Ако се изземе Радмила Шеќеринска, која од 2002 до 2006 година беше вицепремиер за евроинтеграции во Владата која ја предводеа премиери од редовите на СДСМ, сегашното партиско раководство на СДСМ не го носи баластот на лична одговорност од партиципирање во повисоките ешалони на власта од времето кога СДСМ беше главниот коалициски партнер во македонските влади. Поради тоа, наспроти тврдењето на Груевски, не можеме да ги

препознаваме од нивното владеење по корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации…

За разлика од раководството на СДСМ, за кое видовме дека е комплетно освежено во 2013 година, кај ВМРО ДПМНЕ работите стојат многу поинаку: самиот Никола Груевски е на чело на партијата од конгресот во Охрид во 2003 година до денес, реизбиран во неколку наврати на партиските конгреси како единствен кандидат.

 

КОРУПЦИЈА, КРИМИНАЛ, МАНИПУЛАЦИИ – ДА! АМА КАЈ КОГО?

Треба да се потсети дека како резултат на договорот од Пржино, во Владата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, во периодот од ноември 2015 до април 2016 година, како министри и заменици министри влегоа: Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Кире Наумов и Љупчо Николовски и Александар Кирацовски. Поради непочитувањето на истиот договор од страна на ВМРО ДПМНЕ, кадрите на СДСМ формално ја напуштија Владата на техничкиот премиер Емил Димитриев на 8 април 2016 години и оттогаш, доколку навистина имало докази дека кој било  од нив сторил дело кое може да се квалификува како

корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации,

нема сомневање дека ќе биле покренати постапки против некој од нив. Како што е познато, досега  јавноста не е известена дека се случило такво нешто, па, овој дел од изјавата на Груевски е комплетна невистина.

Можеби објаснувањето за тоа зошто Груевски искажал невистина и лажно ги обвинил своите партиски опоненти, се крие во наредната реченица:

Се фокусираат на опонентите за да ги оцрнат и да фрлат лаги и невистини врз нив,

веројатно алудирајќи на процесот на обелоденување на фактите за криминалот и корупцијата во највисоките политички кругови на ВМРО ДПМНЕ, кој СДСМ го почна во 2015 со објавувањето на „бомбите“, односно на прислушуваните разговори кои  сведочат за  „корупција, криминал, неработење, лажни ветувања, манипулации, лажни информации…“ – но во партијата чиј претседател е токму Груевски. Една од работите кои станаа појасни по ислушаните „бомби“ беа и манипулациите и изборните измами, кои во организација на највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ биле изведени на локалните избори 2013 година и на претседателските и предвремените парламентарни избори во 2014 година, за кои Социјалдемокатскиот сојуз во март 2015 година поднесе кривични пријави против Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и неименувани вработени во МВР.

Во светло на тие сознанија, сосема поинаку прозвучува и следниот дел од изјавата на Груевски:

 Тоа е екипата што ги изгуби изборите во 2014 и 2016 година,

бидејќи јавноста со свои уши слушна како СДСМ ги изгуби изборите во 2014 година. Додека, пак, вториот дел од реченицата:

кои на некој начин, преку разни начини дојдоа до ситуација да состават Влада, да видиме сега што ќе направат

алудира дека начинот на кој СДСМ, со двајца пратеници помалку од ВМРО ДПМНЕ, сепак, успеа да состави мнозинство и да формира Влада, не е најприфатлив за партијата на Груевски. Тезата за тоа дека во Република Македонија Влада треба да формираат само партии од македонскиот и од албанскиот политички блок кои на избори ќе освојат апсолутно најголем број на гласови, во согласност со таканаречениот „Мајски договор“, засилено се промовираше како од партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ, така и од бројни правни експерти и медиумски личности блиски до партијата на Груевски. Сепак, праксата на парламентарната демократија во светот познава разни облици на конституирање на владеачки мнозинства, па според тоа, оформувањето на владино мнозинство во кое влегуваат и партии кои освоиле помал број на пратеници од првопласираната партија е повеќе македонски преседан во досегашната практика, но ништо невообичаено за светот.

Анализата на оваа изјава на Груевски покажа дека тој се обидел, со невистинити тврдења и со негативни квалификации за своите политички противници да ја спинува вистината, а нив да ги претстави во погрешно светло пред јавноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција