Контраспин: Само Захариева гледа равенство меѓу Тито и Хитлер!

Фото: gov.bg - принтскрин колаж

Историските факти говорат дека Јосип Броз Тито бил организатор и го предводел партизанското движење во Југославија од 1941 година до крајот на Втората светска војна. Несомнено дека неговото владеење беше недемократско, имаше слабости и може да се критикува, но сосема е бесмислено тој да се споредува со Хитлер. И, доколку Тито навистина бил најмрачниот диктатор и убил толку многу луѓе, како што вели Захариева, зошто тогаш уживал углед во светот? Титовиот погреб, одржан на 8 мај 1980г. во Белград, е незапамтен настан од тој тип во историјата и се смета за најпосетен погреб на некој државник

Историските факти говорат дека Јосип Броз Тито бил организатор и го предводел партизанското движење во Југославија од 1941 година до крајот на Втората светска војна. Несомнено дека неговото владеење беше недемократско, имаше слабости и може да се критикува, но сосема е бесмислено тој да се споредува со Хитлер. И, доколку Тито навистина бил најмрачниот диктатор и убил толку многу луѓе, како што вели Захариева, зошто тогаш уживал углед во светот? Титовиот погреб, одржан на 8 мај 1980г. во Белград, е незапамтен настан од тој тип во историјата и се смета за најпосетен погреб на некој државник

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју за германскиот весник „Велт“, говорејќи за актуелниот спор со нашата држава, повеќепати ја спинуваше вистината  и меѓу другото, кажа:

Спин: Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесет годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама, тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер, заклучува Захариева во интервјуто за Велт“, кое го пренесе „Дојче Веле“ на македонски јазик.

[Извор: Дојче веле; датум.15.12.2020]

 

Контраспин: На шефицата на Бугарската дипломатија Захариева не ѝ е јасно како во Северна Македонија, наводно, се славела 40-годишнината од смртта на еден од „најмрачните диктатори – Тито“. Па, посочувајќи ги виновниците за ваквата прослава – премиерот Зоран Заев и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, таа влече и една во најмала рака чудна паралела со некакво хипотетичко одбележување на смртта на Хитлер во Берлин! Најверојатно затоа германски „ Ди Велт го објавува нејзиното интервјуто со наслов: „Како во Берлин да се слави денот на смртта на Хитлер“.

Во овој настап на Захариева има повеќе нелогичности. Прво, во Скопје немаше официјално одбележување на 40 годишнината од смртта на Тито. Таква прослава не се случи, да беше организирана во никој случај немаше да помине незабележана. Барем некој медиум ќе известеше за тоа.

Впрочем, и градоначалникот Шилегов неодамна кога Захариева даде слична изјава, негираше дека имало некаква прослава. Имено, Захариева минатиот месец изјави дека „Не може од една страна да сакаш да си во ЕУ и да го демократизираш општеството, а истовремено да го чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито“ , забележувајќи притоа, дека Шилегов на 13 ноември покрај Денот на ослободување на Скопје, одбележал и 40 години од смртта на Тито.

По оваа нејзина изјава градоначалникот на Скопје, на 16 ноември, во интервју за бугарската ТВ Европа возврати дека шефицата на бугарската дипломатија со своите ставови само „бара алиби за сопствената глупост“.

Изместувањето на тезите е всушност барање алиби за глупоста. Секоја глупост последователно бара алиби. Ставот на госпоѓа Захариева е ништо друго освен глупост. Сега, обидувајќи се да ја спаси позицијата на Бугарија, ќе се обидуваме да ги извртуваме тезите. Она што се случи во Скопје на 13, односно на 14 ноември е дека се отвори изложба која беше дојдена од Белград од поставката на постојниот музеј на Јосип Броз и ништо повеќе. Меѓутоа, сега, барајќи алиби за сопствената глупост, едноставно, ќе ги извртуваме тезите, ќе ставаме во контекст и ќе правиме обиди да објаснуваме необјасниви позиции на Република Бугарија во однос на почетокот на преговорите на Република Северна Македонија за полноправно членство со ЕУ, рече Шилегов.

Скопскиот градоначалник и вчера (15.12.2020) во  вестите за „Сител“ ТВ ја коментираше последната изјава на Захариева, во која таа го индиректно направи линк меѓу Тито и Хитлер.

Не знам каква е емоцијата на политичарите во Бугарија ниту имам право да се занимавам со тоа, нивните коментари се негаторски, а не добрососедски дури и денешната. Да се споредува Тито со Хитлер е елементарно непознавање на основната историја. Самиот Тито во воениот период е носител на антифашистичка битка, вели Шилегов

ИСТОРИЈАТА, ТИТО И ЗАХАРИЕВА

Многу дискутабилна е и констатацијата на Захариева:„За помалку од десет години тој (Тито н.з.) убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија...“. Toa eдноставно не е вистина. Нејасно е како бугарската министерка дошла до овој податок и во кој историски документ го почитала тоа?

Историските факти говорат дека Јосип Броз Тито бил организатор и го предводел партизанското движење во Југославија од 1941 година до крајот на Втората светска војна во 1945 година. Под команда на Тито партизанскиот отпор се борел против германската окупација, потпомогната  од нејзините сојузници – Италија и Бугарија, како и локалните четнички и усташки групи во тогашна Југославија. По војната најпрво е избран за премиер, а потоа и за претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Од 1943 сѐ до неговата смрт на 4 мај 1980 година тој бил одликуван за единствен Маршал на СФР Југославија и врховен командант на југословенската народна армија.

Тито беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, кое одигра важна улога за време на Студената војна и е негов прв генерален секретар. Тој беше првиот лидер, кој во 1948 година отворено му се спротивстави на Сталин. Тито на просторите на поранешната заедничка држава сѐ уште ужива симпатии и кај извесен дел од населението се доживува како позитивна историска фигура. Несомнено дека неговото владеење беше недемократско, имаше слабости и може да се критикува, ама сосема е бесмислено тој да се споредува со Хитлер.

Но, да се вратиме на бројките.

Југаславија е една од земјите со најмногу жртви по глава на жител во Втората светска војна, веднаш по тогашниот СССР и Полска. Во оваа војна животот го загубиле 1,7 милиони луѓе во Југославија, од тогашните 15 милиони нејзини жители. Е сега, како според Захариева, Тито за помалку од десет години убил 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија! Независно што таа не наведува точно на кои десет години мисли, овие нејзини бројки се многу чудни, сомнителни. Излегува дека по четиригодишната војна, во која е неспорно дека имало жртви и огромни страдања на населението, Тито  „убил“ исто толку луѓе колку што загинале во војната! Ова тврдење навистина е надвор од здравата логика и делува смешно.Тоа нема никаква фактичка поткрепа. Од каде Захариева ги извадила бројките, само таа си знае, но изгледа како да се истресени од ракав.

И, доколку Тито навистина бил најмрачниот диктатор и убил толку многу недолжни луѓе, како што вели Захариева, зошто тогаш уживал углед во светот, независно од политичкото и државно устројство на земјите. Титовиот погреб, одржан на 8 мај 1980 г. во Белград, е незапамтен настан од тој тип во историјата и се смета за најпосетен погреб на некој државник. На погребната церемонија присуствувале 124 официјални државни делегации, на чие чело се наоѓале 38 шефови на држави (кралеви или претседатели), 5 принцови, 7 потпретседатели, 6 претседатели на парламент, 10 премиери, 3 вицепремиери, 12 министри за надворешни работи, 20 членови на влада и 21 државен функционер.

 

КОЈ ГО НЕГИРА ЈАЗИКОТ: БУГАРИТЕ ИЛИ МАКЕДОНЦИТЕ?

Освен овие, Захариева во интервјуто кажа и други извртувања на вистината. Шефицата на бугарската дипломатија излезе и со став дека „Бугарија не го негира јазикот и идентитетот на Македонците, туку, таа смета дека процесот бил обратен“, односно, како што рече „тие ги негираат правата на Бугарите“.

Но, и ова нејзино тврдење не е точно. Спротивно на тоа што го говори, сведоци сме дека нејзината земја го оспорува правото на Македонците за самоидентификување. Тоа досега јавно го кажуваа бугарски официјални лица. Не  е тајна дека  и бугарските академици изјавуваа дека македонскиот не е самостоен јазик, туку дијалект на бугарскиот“.

Во врска со ваквиот став на Захариева реагираше и професорката  Симона Груевска – Маџоска од Институтот за македонски јазик, која на Твитер напиша:

БАН да објави книшка под наслов за официјалниот јазик, триста декларации усвојуваат и праќаат да не стои македонски јазик и после не нѐ негирале! А бе се слуша ли женава што зборува???

Непознато е кои се мотивите на Захариева  да излезе со вакви тези, меѓутоа тие едноставно не одговараат со историските факти и со реалните состојби. Токму затоа нејзините проблематични ставови искажани во интервјуто, испровоцираа бура од реакции на социјалните межи.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција