Контраспин: СДСМ не им се додворува на Бугарите, туку уставните измени се услов за приклучок кон ЕУ

Марта Кос и Георг Георгиев (Фото: ФБ профил на Георгиев)

ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение го спинува предупредувањето на министерот за надворешни работи на Бугарија дека уставните измени нема да бидат последниот чекор од нашата интеграцијата во ЕУ. Секако, бидејќи уставните измени и внесот на Бугарите во Уставот се само првиот чекор во откочување, т.е. продолжување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, која мора да го исполни тн. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година.

ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение го спинува предупредувањето на министерот за надворешни работи на Бугарија дека уставните измени нема да бидат последниот чекор од нашата интеграцијата во ЕУ. Секако, бидејќи уставните измени и внесот на Бугарите во Уставот се само првиот чекор во откочување, т.е. продолжување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, која мора да го исполни тн. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година

 

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение од 22.04.2025 години насловено „СДС ги бранат бугарските позиции кои се од најголема штетност врз македонскиот народ“, ја обвинува опозициската СДСМ дека, додворувајќи им се на Бугарите, продолжува без престан да работи на штета на интересите на македонскиот народ, попатно делејќи им и лекција зошто имаат низок рејтинг.

Спин: СДС продолжува да работи контра македонскиот народ. Наместо да го стават прстот на чело и да се запрашаат зошто имаат низок рејтинг, тие продолжуваат да им се додворуваат на Бугарите

34 години без престан, работат во корист за другите, а не за македонскиот народ и држава. 

Лажеа за знамето, за името, за Уставот, за ЕУ и за што уште не. На СДС во нивната матрица им е лагата. 

Денес, повторно пред јавноста, иако министерот за надворешни на Бугарија изјави Македонија да не очекува уставните измени да се последен чекор од интеграцијата во ЕУ, СДС како партија за пропаганда, продолжуваат слепо да си веруваат сами на себе, дека уште уставни измени и ете сме во ЕУ. 

На СДС не му е до достоинството, на СДС важни им се тендерите, сплетките, криминалите, омаловажувањата, буквално се што не треба. Затоа имаат рејтинг рамен на статистичка грешка, затоа немаа доверба од народот и затоа не сме сите исти. 

СДС се синоним за неспособност, криминал и предавства.

[Извор: Реакција/соопштение на ВМРО-ДПМНЕ Датум: 22.04.2025]

Контраспин: Откако новиот министер за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, во интервју за емисијата „Брисел 1“ на ТВ Бугарија ON AIR на 14.04.2025 година потенцираше дека Република Северна Македонија мора да го исполни тн. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година, односно да ги внесе Бугарите во Уставот за ги започне преговорите за членство во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ со денови спинува, односно ги извртува фактите дека СДСМ, иако е во опозиција, како партија е највиновна за закочениот евроинтегративен процес бидејќи го лаже народот околу уставните измени и им се додворува на Бугарите (овде, овде, овде).

 

„Грешки“ во броењето чекори за интеграција во ЕУ?

Георг Георгиев можеби е „брутален кариерист, политичар со тврд и остар јазик, нарцис со патолошка потреба за медиумско промовирање…“, како што го опишуваат медиумите, кои ја потенцираат и неговата блиска врска со влијателниот Бојко Борисов, кој му венчален кум.

Тој е и поранешен заменик на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, а на местото актуелен шеф на бугарската дипломатија доаѓа од позицијата потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур. Георгиев во емисијата „Брисел 1“ на ТВ Бугарија ON AIR изјави:

Од наша страна, мислам дека нештата се кристално јасни. Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту, пак, има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година. Оттука натаму сè што би можело да биде направено како заеднички придонес на сите држави кои сме се обединиле околу тој европски консензус – е добредојдено. Но, треба да се знае дека членство во ЕУ базирано на заслуги е еден фундамент на целата ЕУ, околу кој и ние како Бугарија сме се усогласиле пред 20 години, кога сме биле во нашиот процес на европска интеграција. Тоа го очекуваме и од останатите, „Независен“ ја пренесе изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи.

Георгиев нагласил и дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов, посочувајќи го во случај да постои евентуална цел – доколку уставните измени се случат, а потоа се јават и останатите услови од европскиот консензус – дека тогаш некој може да каже „ете, ви кажавме ли дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението потенцира дека „министерот за надворешни на Бугарија изјави Македонија да не очекува уставните измени да се последен чекор од интеграцијата во ЕУ“. Секако дека уставните измени и внесот на Бугарите во Уставот се само првиот чекор во откочување, т.е. продолжување на евроинтегративниот процес на С. Македонија.

 

Пречки на патот кон ЕУ

Дали ќе има и други пречки на евроинтегративниот пат? Еврокомесарката за проширување Марта Кос два дена по споменатата изјава на Георгиев изјави дека „не може да ù даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат“.

Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис, „Радио Слободна Европа“ пренесе акценти од интервјуто на Кос за Европската новинска редакција (ЕНР), чиј дел е Македонската информативна агенција (МИА).

Еврокомесарката за проширување во интервјуто потенцира дека „Европската комисија е целосно посветена на процесот на проширување и на него работат по 1.000 нејзини службеници за секоја една земја кандидатка за членство, но дека сепак одлуките за пристапувањето ги носи Европскиот совет со консензус“.

Кос истакнува дека Европската комисија (ЕК ) работи на тоа да ѝ помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, лично ангажирајќи се околу билатералното прашање со Бугарија и наоѓање решение за деблокада на пристапниот процес.

Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер, рече еврокомесарката за проширување.

Спинот на ВМРО-ДПМНЕ за наводната штетна политика на СДСМ е продолжеток на минатите извртувања на вистината, кога функционерот и неформален идеолог на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ѓорчев порачуваше дека  „ЕУ мора да ги признае своите грешки, а тоа се нејзините сегашни елити, но тие нема да ги признаат“, како и ставот на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ЕУ треба да го промени ставот за внесување на Бугарите во Уставот, односно тоа да се случи откако ќе ги завршиме преговорите за членство во Унијата.

На таа линија е и неколку пати повторуваниот став на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој очекува Северна Македонија наскоро да ги започне преговорите со ЕУ, но ако ЕУ донесе некакви нови стратешки одлуки.

Впрочем, како тоа „СДС продолжува да работи контра македонскиот народ“, кога и во стратешките насоки објавени на сајтот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, раководено од Тимчо Муцунски, министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во делот насловен „ЕУ членство“ во првиот став е наведено:

Полноправното членство во Европската Унија и понатаму претставува стратешка цел на Република Северна Македонија. Следствено на тоа, клучен приоритет е започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија, што е можно поскоро, а врз основа на постигнатиот степен на економска интеграција, прилагодувањето на законодавството и институциите, изградбата на добрососедски односи и придонесот во регионалната соработка.

Остварувањето на стратешката цел, каква што е полноправното членство во ЕУ, е невозможно без уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ тенденциозно ја обвинува СДСМ дека е највиновна за закочениот евроинтегративен процес, бидејќи го лаже народот околу уставните измени и им се додворува на Бугарите, што не е точно, бидејќи од институциите и функционерите на Европската Унија многу пати е повторено дека првиот чекор кон почетокот на преговори за членство во ЕУ се токму уставните измени. Затоа ова соопштение на ВМРО-ДПМНЕ го оценуваме како спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција