Контраспин: Се има, се може – поубаво се живее, повеќе се троши?!
Според премиерот, зголемувањето на платите и пензиите, резултира со поголема побарувачка, што пак, повлекува раст на цените на услугите и тие ќе растат, како што вели тој, „сè додека консументите можат да платат“. Значи сега имаме поголеми плати и пензии, луѓето имаат поголема куповна моќ, можат да си дозволат повеќе да трошат, поубаво се живее. Или, како што вели онаа српската поговорка, „Има се, може се!“. Но, дали е тоа навистина така?
Според премиерот, зголемувањето на платите и пензиите, резултира со поголема побарувачка, што пак, повлекува раст на цените на услугите и тие ќе растат, како што вели тој, „сè додека консументите можат да платат“. Значи сега имаме поголеми плати и пензии, луѓето имаат поголема куповна моќ, можат да си дозволат повеќе да трошат, поубаво се живее. Или, како што вели онаа српската поговорка, „Има се, може се!“ Но, дали е тоа навистина така?
Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Општина Петровец (11.08.2025), говорејќи за тоа дека ограничувањето на маржата не е трајно решение за инфлацијата, односно само се прелева во другите месеци и потоа цените се нивелираат, оцени дека транспортот и другите услуги се главната причина за инфлацијата, при што го изрече следниот спин:
Спин: Услугите се засега најголемиот генератор на зголеменото ниво на инфлацијата. Тоа значи дека зголемените плати и пензиите прават притисок врз побарувачката, имаме зголемена побарувачка и луѓето можат да ја платат цената за услугата, а тие што ја нудат, ги качуваат цените на услугите сè додека консументите можат да платат. Ако ги исклучиме процесуираната храна и останатите производи од синџирот, ќе видиме дека најголемиот дел генератори на инфлацијата се услугите. Ресторанските услуги, на пример, се 24 – 25 отсто зголемени во однос на истиот месец лани, исто и транспортните. Кај овошјето има огромно зголемување, двоцифрено, кај јаболки, банани, лимони…
[Извор: Тајм: 24 инфо.мк; Канал 5 (0,41 минута од видеото); Датум – 11.08.2025]
Контраспин: Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот на градежните активности на изградба на спортска сала во ООУ „Кочо Рацин“ во населеното место Огњанци, Општина Петровец, изјави дека Владата не сака да донесе „популарни“, туку „долгорочни решенија“ за цените на храната. Притоа, напоменувајќи дека услугите се најголемиот генератор на инфлацијата, тој ја спинуваше вистината. Според премиерот, зголемувањето на платите и пензиите, резултира со поголема побарувачка, што, пак, повлекува раст на цените на услугите и тие ќе растат, како што вели тој, „сè додека консументите можат да платат“. Значи сега имаме поголеми плати и пензии, луѓето имаат поголема куповна моќ, можат да си дозволат повеќе да трошат, поубаво се живее. Или, како што вели онаа српска поговорка, „Има се, може се!“. Но, дали е тоа навистина така?
Опозицијата обвинува за шпекулативни маржи
Наспроти ставот на премиерот дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии, опозицијата обвинува за недостиг на економска стратегија и толерирање монополски структури на шпекулативни маржи. Пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, на прес-конференција остро ја критикуваше Владата дека срамно „ја префрла вината врз граѓаните“:
Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра.
Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен.
За тезата на премиерот дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии, Битиќи вели:
Тоа не е вистина. Тоа е маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, а не врз вистинските причини.
Од партијата Левица, исто така, реагираат на тезите на премиерот дека поголемите плати и пензии ја креваат инфлацијата. Оттаму сметаат дека неспособноста да се воспостави ефективна контрола на цените на основните производи ја поткопува довербата на граѓаните во институциите.
Големите трговски синџири и дистрибутери, со години остварувајќи рекордни профити, ја злоупотребуваат својата пазарна моќ – одржувајќи енормни маржи и создавајќи вештачки ценовен притисок. Пазарната инспекција молчи, додека монополите договараат нови ценовни шокови.
Наместо да ја регулира економијата и да го олесни товарот на граѓаните, Владата ја правда инфлацијата со зголемените плати и пензии, премолчувајќи дека овие зголемувања брзо се изедени од растот на цените. Народната банка предвидува инфлација од 3,5 % за 2025 година, а ММФ 3,4 %, но ризиците за нови поскапувања остануваат високи, особено во услови на нефункционална државна регулација, велат од Левица
Што покажуваат статистичките податоци и синдикалната кошничка?
Последните статистички податоци за споредба на просечната плата и синдикалната потрошувачката кошничка покажуваат дека трошоците растат многу побрзо од растот на плaтите.
Вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка порасна од 61.855 денари во март на 63.908,00 денари во мај, односно за три месеци имаме зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето-плата се зголеми од 44.763 денари на 45.796 денари, односно за три месеци порасна за 1.033 денари.
Доколку се погледнат најновите бројки, разликата е уште поочигледна. Во јуни потрошувачката кошница достигна 64.698 денари, а во јули 65.328 денари, што значи дополнителен раст од 1.420 денари за само два месеца. За истиот период нема податоци за просечната плата, но трендот од претходните месеци јасно покажува дека зголемувањето на платите е далеку побавно од растот на трошоците
Па, коментирајќи ги овие податоци, Битиќи вели:
Реалната куповна моќ на граѓаните паѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо.
Според него, ниту порастот на пензиите не е причина за инфлацијата:
Премиерот зборува и за пензиите како причина за поскапувањата, но фактите го демантираат. Во март имаше еднократно, линеарно зголемување од 2.500 денари. Но, тоа не стана тренд. Во април просечната пензија падна на 26.163 денари, во мај беше 26.157, а во јуни едвај се врати на 26.207 денари. Пензионерите и понатаму живеат на граница на егзистенција. Нивните примања едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека тие ја предизвикуваат инфлацијата е економски и морално погрешно.
Јазот меѓу приходите и трошоците уште повеќе се потврдува кога ќе се погледнат и другите ценовни индикатори.
Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8% повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3%. Само еден месец претходно, овие стапки беа пониски, односно изнесуваа 4,5% и 3,7%, што значи дека цените забрзуваат, а тоа се случува без раст на примањата, вели Битиќи.
Тој ги отфрла тврдењата дека растот на приходите ја турка инфлацијата.
Овие бројки се далеку од ефект на зголемени плати и пензии, тие се резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и шпекулативно формирање на цените, смета Битиќи
И според Левица, изјавите на премиерот Мицкоски потврдуваат дека оваа Влада нема ниту стратегија, ниту политичка волја за справување со инфлацијата и растечките трошоци за живот. Од партијата нагласуваат дека
Поскапувањата не се само резултат на глобални шокови, туку и на системска неефикасност, коруптивни практики и толерирање на монополските структури. Владата, наместо да реагира со итни и јасни мерки, нуди само магливи најави за „анализи кои траат“, без рокови и конкретен план за имплементација.
Премиерот не сакал популистички мерки
И додека трае отворената конфронтација околу причините за инфлацијата, премиерот Мицкоски и денес (12.08.2025), одговарајќи на новинарско прашање при посета на Клиничкиот центар, повторно кажа дека Владата нема да брза со носење на привремени и популистички мерки.
Апслутно да, зашто сме свесни, откако го лоциравме проблемот, дека тоа можеби ќе има и политичка цена и тука немаме никаква дилема, но подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок, вели Мицкоски.
Мицкоски нема никаква дилема и апсолутно е подготвен, како што истакна, да плати таква политичка цена.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар