Контраспин: Секој висок функционер, па и Бектеши, може да влијае за вработување на блиски

Крешник Бектеши, министер. Фото: META

Изјавата на Бектеши дека не можел да влијае е спин. Дали вијаел или не, јавноста не знае. Прашањето е сериозно и секој случај треба да се разгледува одделно, а Антикорупциската комисија го најави токму тоа

Изјавата на Бектеши дека не можел да влијае е спин. Дали влијаел или не, јавноста не знае. Прашањето е сериозно и секој случај треба да се разгледува одделно, а Антикорупциската комисија го најави токму тоа

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Изјавата на министерот за економија, Крешник Бектеши во врска со неговата сестра, вработена во МЕПСО, ја сметаме за извртување на вистината, т.е. спин

Спин: Јас немам можност да влијаам при вработувањата во ЕЛЕМ или во МЕПСО, под надлежност на Министерството за економија е само Македонски енергетски ресурси. Другите енергетски компании не се во надлежност на ова министерство. МЕПСО е во надлежност на Министерството за транспорт и врски а ЕЛЕМ во надлежност на Владата

[Извор: Слободен Печат – Изјава на Бектеши – датум: 20.02.2019]

 

КОНТРАСПИН:

Министерот за економија во Владата на РСМ, Крешник Бектеши, запрашан од новинарите дали ќе влијае врз неговата сестра, која пред неколку месеци се вработила во државната компанија за пренос на елекрична енергија МЕПСО да си даде отказ, даде неколку изјави, од кои една е извртена вистина, односно спин.

Во овој наплив, но и „лов“ на непотистички вработувања, посебно во јавната админситрација или во државни компании кои имаат примања над просекот во јавната администрација, сосема е очекувано сензибилизираната јавност да поставува прашања. Едно од прашањата му беше упатено на Бектеши, а тој во изјавата тврди дека немал можност да влијае околу вработувањето.

Оваа изјава дури и нема потреба да се побива посебно, затоа што е сосема јасно, дури и на неупатената јавност, дека секој избран или именуван функционер, особено ако станува збор за висок функционер, има можност да влијае на повеќе работи, вклучувајќи и вработувања на блиски лица. МЕПСО не е под надлежност на Бектеши директно, но индиректно да, затоа што и електричната енергија и сè што е поврзано со неа, од производство до пренос и дистрибуција, генерално потпаѓа под економија.

Но, дури и да не е така, како висок функционер, тој можел директно или преку трето лице да влијае врз раководството на МЕПСО неговата сестра да биде примена на посоченото работното место.

Се разбира дека тоа не значи дека Бектеши влијаел. Тој можеби и навистина не влијаел, па оттаму можеби и доаѓа неговата изјава дека не чувствува морална одговорност. Исто како што е точна и неговата изјава дека неговата сестра е возрасна личност која живее во сопствено оформено семејство и дека прашањето е неумесно упатено до него.

Прашањето, всушност, станува премногу комплицирано да биде дневно политичко прашање. Оттаму, можеби треба да се остави на Антикорупциската комисија да ги разгледува овие случаи како што и најавија за почетокот на нивната работа. Овие прашања се нормирани во Законот за спречување на судир на интереси, кој би важел за времето кога е вработена и сестрата на министерот Бектеши, иако сега имаме нов Закон за спречување на корупција и судирот на инереси.

Тоа го сугериираат и експертите. Професорот Драган Гоцевски од Правниот факултет во Скопје Јустинијан Први, неодамна на емисијата Отворено на ТВ 24, упати на тоа дека секој случај е случај сам за себе и дека не треба генерално да се донесуваат заклучоци:

Децата на функционерите, како и впрочем сите други лица имаат еднакви можности да бараат вработување на пазарот на труд… Прво треба да зборуваме дали постои вооопшто некаква процедура за вработување… доколку постои дали таа процедура е фер, дали оди преку јавен оглас со пропишани критериуми, норми, услови, дали работното место постои… дали се обзнанува работното место на начин на кој најголем дел од заинтересираното потенцијално население ќе дојде до таа информација, тоа да биде доволно долго да можат да се поднесат документите, потоа дали се проверени квалификациите на тие што конкурирале, дали сите добиле ист тип сложени прашања…и на крај кој е избраниот. Дали избраниот е најсоодветен, па дури и да е дете на прмиерот лично. Ако според сите овие филтри излезе дека ги поседува квалификациите, не треба да го тргнете на страна…Но, треба да има транспарентен процес…(од 35-7 мин. во видеото).

На внимателност упатува и случајот со синот на пратеникот Горан Мисовски. Момчето се пријавило на конкурс, јавно обзнанет од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, каде потоа се вработува со договор од 12 месеци. Денес медиумите пренесоа дека синот на пратеникот дал отказ, „чувствувајќи морална одговорност и под голем притисок на јавноста“, иако, де факто, како единствен пријавен на конкурсот со тие квалификации, се изгледа во ред. Но, во објавата на ФБ Кристијан Мисовски предупредува на „притисок и хистерија“…. Патем, неговиот татко не е избран функционер од вчера, туку многу одамна.

Да заклучиме, изјавата на Бектеши дека не чувствува морална одговорност да ја повика сестра си да даде отказ, можеби е во ред, можеби не, можеби е огромен притисок од јавноста, но по прашањето дали можел да влијае за нејзиното вработување, одговорот е јасен – секако да. Па, затоа и неговото тврдење дека не можел да влијае затоа што МЕПСО не е под негов ресор, ја оценуваме како извртена вистина, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција