КОНТРАСПИН: Шилегов и Богдановиќ не се „надвор“ од Бадникарските поворки

Фото: Принтскрин колаж

Во детската бадникарска поворка, меѓу макетите од Христовото раѓање и новокомпонираната Божиќна химна „Вечниот Бог“, се „измеша“ границата на одвоеноста на црквата од државата. Со самото тоа што Шилегов кажува дека како градоначалник на Скопје излегол во пресерт со ставање на „располагање на дел од автобусите“, макар и со нивно фактурирање, тој во целиот настан го инволвирал и Градот Скопје

Во детската бадникарска поворка, меѓу макетите од Христовото раѓање и новокомпонираната Божиќна химна „Вечниот Бог“, се „измеша“ границата на одвоеноста на црквата од државата. Со самото тоа што Шилегов кажува дека како градоначалник на Скопје излегол во пресерт со ставање на „располагање на дел од автобусите“, макар и со нивно фактурирање, тој во целиот настан го инволвирал и Градот Скопје. Па, сакал да признае или не, и самиот е дел од фолклорот на оваа бадникарска приказна во која само во Скопје се направи поворка од над 7.000 ученици од Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода и Гази Баба. Исто така, нејасно е како децата го најдоа Богдановиќ на Бадник во Општината, ако тоа на некаков начин не било договорено, имајќи предвид дека беше сабота, а и Бадник е неработен ден

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Градоначалниците на Скопје и на Општина Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ во врска со реакциите во јавноста за манифестацијата „Бадникови поворки“ ги дадоа следните изјави во кои во еден дел ја спинуваат вистината:

Спин: Тоа е граѓанска иницијатива која што се обрати до градоначалниците и до Градот Скопје. Не гледаме дека е злоупотреба на децата, бидејќи таа иницијатива потекнува од самите родители на децата, кои свесно ги внеле децата во таа иницијатива. Ние како Град Скопје само излеговме во пресрет на определени потреби за превоз на децата со автобуси. Не гледам дека може да стане збор за каква било злоупотреба во тој случај. (Шилегов)

Запрашан дали со ова не се нарушува секуларноста на државата, Шилегов посочи дека не може да стане збор за тоа, бидејќи тоа е граѓанска иницијатива.

Таа не доаѓа од некоја од религиозните заедници, туку е класична граѓанска иницијатива, која слави еден верски празник што е нешто што доста често ни се случува во државата, а ние како избрани претставници токму на граѓаните, во зависност од нивните потреби и во зависност од можностите им излегуваме во пресрет. (Шилегов)

 Градоначалникот Богдановиќ, пак, како што информираше Општина Центар, вели дека децата на Бадник дошле и пееле верски песни пред Општината по своја желба:

Деца, кои сами изразиле желба, дојдоа пред општината и испеаја Бадникова песна. 

[Извор: Инфо Центар; Веб-страница на Општина Центар; Датум: 07.01.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Ваквите изјави на скопскиот градоначалник Петре Шилегов и на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, во кои тие од сопствените плеќи ја симнуваат одговорноста за „Бадниковите поворки“, тврдејќи притоа дека „е во прашање граѓанска иницијатива, дека нема злоупотреба на децата во религиозни и политички цели, и дека настанот не ја загрозува секуларноста на државата“, не се ништо друго туку политички спин.

Прво, се забележува една недоследност во изјавите кои ги даде Шилегов во врска со овој настан. Тој на 07.01.2017 година, одговарајќи на новинарско прашање по божикната литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, рече дека:

Иницијативата потекнува од самите родители, кои свесно децата ги внеле во таа иницијатива. Ние како Град Скопје само излеговме во пресрет на потребите за превоз на децата со автобуси.

Наредниот ден (08.01.2017), пак, по реакциите во јавноста „за мешање на државата и религијата“ тој го изјави следното:

Градот Скопје нема никакви ингеренции во основните училишта. Споменатото здружение се обрати до Град Скопје со две барања. Едното беше да ги примам децата како градоначалник на пеење коледарски песни и второто беше да ставиме на располагање дел од капацитетите на Градот во смисол на ЈСП. Како градоначалник на Скопје сметав дека не е во ред да примам деца и тоа не го направив. Како градоначалник сметав дека градот има капацитет и даде на располагање дел од автобусите, кои во текот на утрешниот ден ќе бидат преброени и ќе ѝ бидат фактурирани на организацијата или барателите на автобусите. Од ниту една институцика со која раководам јас како градоначалник со ништо не беше нарушен уставниот принцип на секуларноста на државата (Шилегов).

Во првата изјава Шилегов воопшто не споменува дека превозот ќе биде фактуриран на организаторот (граѓанската иницијатива). Тој тоа го кажува во втората изјава, која следеше по жестоките критики во јавноста, па делува како да се извлекува.

Од друга страна, со самото тоа што кажува дека како градоначалник на Скопје „излегол во пресерт со ставање на располагање на дел од автобусите“ ( макар и со нивно фактурирање),  во целиот настан го инволвирал и Градот Скопје. Така што, сакал Шилегов да признае или не, и тој е дел од фолклорот на оваа бадникарска приказна во која само во Скопје се направи поворка од над 7.000 ученици од Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Кисела Вода и Гази Баба. И токму во таа детска бадникарска поворка, меѓу макетите од Христовото раѓање и новокомпонираната Божиќна химна „Вечниот Бог“, се „измеша“ границата на одвоеноста на црквата од државата.

Во најмала рака е неумесно и тоа што градоначалникот на Општина Центар смета дека не треба да се прави драма, бидејќи децата сами дошле пред Општината и му пееле Бадникова песна! Но, нејасно е како децата го најдоа Богдановиќ на Бадник (0,59 минута од видеото) во Општината, ако тоа на некаков начин не било договорено – организирано, имајќи предвид дека беше сабота, а и Бадник е неработен ден.

Овие верски манифестации ја поткренаа атмосферата во дел од јавноста, при што имаше реакции дека се прави злоупотребата на децата во црковните процесии, организирани од новоформираното здружение ,,Бадникови поворки“. Според извршниот директор на Првата детска амбасада во светот ,,Меѓаши“, Драги Змијанац:

Ова е политичка злоупотеба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт и нивно користење за себепромоција. Во црковни и верски цели, синхронизирано во оркестриран хор со политичарите, оваа идеја е многу опасна и тенденциозна.

На ваквата изјава на Змијанац реагираа од Здружението за возобновување на православни традиции „Бадникови поворки”:

Организирањето на манифестацијата „Бадникови поворки” е чисто граѓанска иницијатива во која не се инволвирани ниту институциите на државата, ниту црквата. Зад целосната организација на настанот кој возобновува древна православна традиција на прослава на Бадник и Божик со пеење божикни песни, а возобнувањето на ваквата традиција не започнува оваа година, туку трае веќе неколку години наназад. За секое вклучено дете во настанот, Здружението поседува Изјава за согласност од родител со што сите ваши сомнежи за каква било злоупотреба се неосновани.

Се огласија и од Министерството за образование и наука, од каде што соопштија дека заради расчистување какво било сомневање за прекршување на законските одредби од областа на образованието,  ќе побараат од Државниот просветен инспекторат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.

Инаку, за разлика од градоначалниците кои ги пречекаа и даруваа децата од бадникарските поворки (Центар, Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Илинден, Куманово, Штип, Кавадарци, Охрид…) некои од градските татковци се дистанцираа од споменатите процесии. Таков е примерот со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, од чиј кабинет соопштија дека тој не ги примил коледарите во општинскиот двор, а општината одбила да учествува во организацијата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција