Контраспин: Шокантно шокирање на пратеникот Стојановски – правосудството побарало да се спроведуваат законите
Она што го шокирало пратеникот Стојановски е барањето на првите луѓе на судството и обвинителството за исплата на средства согласно пропишаните законски одредби. Според Стојановски тој не би им дал повеќе, зашто толку заслужувале. Што е спин, зашто е противзаконски, но и без никаква логика, бидејќи со финансиско истоштување на овие институции може да дојде и до нивен колапс или блокада
Она што го шокирало пратеникот Стојановски е барањето на првите луѓе на судството и обвинителството за исплата на средства согласно пропишаните законски одредби. Според Стојановски тој не би им дал повеќе, зашто толку заслужувале. Што е спин, зашто е противзаконски, но и без никаква логика, бидејќи со финансиско истоштување на овие институции може да дојде и до нивен колапс или блокада
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеникот Бојан Стојановски во Собранието говорејќи за предлог буџетот за 2025 г. во делот на правосудството искажа став во кој се препознава спин:
Спин: Шокиран сум од излагањата на Јавниот обвинител и од претседателката на Судскиот совет од две причини. Прво затоа што годинешниот буџет е кумулативно за десет проценти зголемен во двете институции и е највисок во историјата, а втора работа јас лично како пратеник никогаш нема да гласам за нивните барања, бидејќи со два проценти доверба во тоа што го работат и не заслужуваат повеќе од ова што го имаат“, рече Стојановски на крајот од неговото излагање за Предлог-буџетот за 2025 година, посочувајќи дека станува збор за негов личен став.
[Извор: Независен – Вест/Буџет/Стојановски; датум – 14.11.2024]

Контраспин: Пратеникот Стојановски можеби навистина да е шокиран како тоа судиите и обвинителите побарале повеќе пари, кога и тие што им ги дале, едвај односно толку ги заслужувале. Но, тоа е спин, т.е. извртување на вистината.
Тоа е така од една едноставна причина. Според законите, оние за судовите и оние за обвинителствата, државата е обврзана да ги финансира со повеќе од дупло пари колку што сега одвојува. За волја на вистината овој тренд трае со децении, или најмалку повеќе години, бидејќи државата не си ги исполнува законските обврски за издвојување на 0.8 отсто од БДП-то остварено во претходната година за судството и 0,4 отсто од државниот буџет за финансирање на системот на јавните обвинителства.
Првите луѓе на Судскиот совет и на Јавното обвинителство, Весна Дамева и Љупчо Коцевски во Собранието ги кажаа сопствените аргументи зошто бараат поголеми буџети – од немање кадар за работа и тоа не само судии и обвинители, туку и административен персонал. Да не се заборави и потребата за осовременување, односно дигитализација на правосудството кое се соочува со толку различна и застарена технологија со која располагаат судовите и обвинителствата. Таа на пример беше утврдена со Функционаланата анализа на основните судови и која само делумно се подобри со спроведување на Стратегијата за дигитализација, односно ИКТ во правосудството 2019-2024 г. (Види повеќе во Анализата на Метаморфозис – тука).
Угледот на една професија, меѓу другото, зависи и од две работи, ефикасност и квалитет на сработеното. Но и едното и другото се директно или индиректно поврзани со парите, односно буџетирањето. А, каде е земјава во поглед на 44 европски земји, може да се види од последниот Извештај на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ), објавен во октомври 2024 година кој се однесува на 2022 година.
Во 2022 година, имплементираниот буџет на судскиот систем на Северна Македонија изнесува 45, 262 101 €. Ова финансирање е еднакво на 24,6 € по глава на жител, што е значително под средната вредност на земјите членки на Советот на Европа. Буџетот претставува 0,39% од БДП на Северна Македонија, што ја надминува медијаната (просекот) на Советот на Европа. Буџетот на судовите по глава на жител е 19,2 € во 2022 година, што е зголемување од 14,9 € во 2020 година. Иако буџетот за правна помош по глава на жител се зголемил од 0,16 € на 0,3 €, останува еден од најниските во Европа (стр.130 од Извештајот).
За да биде „шокот“ уште поголем треба да се знае и податокот дека разликата од 24,6-те евра по глава на жител, кои се значително помалку од просекот во 44 европски земји, изнесува точно 60,8 евра, бидејќи просекот во СЕ за издвојување во судството е 85,4 евра по жител (види тука).
Така што, пратеникот Стојановски може да е навистина шокиран, но аргументите зошто бил шокиран се спин. Законската обврска не зависи од личната волја на извршната власт која се раководи со тоа дали перцепцијата за довербата во судството била 2 или 20 проценти. Извршната власт треба да ги почитува постоечките закони, а ако мисли дека се проблем, тогаш нека ги промени. Но, со продолжено финансиско истоштување на условите за поефикасна судска правда (одбивање да се вложи во луѓе и опрема и во судството и во обвинителството), процентот на доверба уште повеќе ќе опадне.
Стојановски како претставник на законодавната власт овие аргументи треба да ги знае и да го брани почитувањето на законите. Без оглед што е пратеник од партијата на власт.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар