Контраспин: Што ако Мицкоски бил германски стипендист – и Орбан бил стипендист на Сорос, па го избрка од Унгарија

Фото: Принтскрин

Школувањето „на запад“ не може да биде доказ дека некоја политичка структура е проевропски ориентирана и искрено од срце работи да ја однесе земјата во ЕУ и НАТО. Нивното споредување, делува дури смешно. Една цела деценија Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не успеа да ја поттурне државата ни милиметар понапред на патот кон евроатланските интеграции. Впречем и унгарскиот премиер Виктор Орбан бил стипендист на Џорџ Сорос, па ѝ „откажа гостопримство“ на Фондацијата на Сорос во Унгарија.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

На средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, која се случи во рамките на Конгресот на Европската народната партија (ЕПП) во Загреб, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето на Борисов за ставот во однос на евроатланските интеграции, ја даде следната изјава во која го искажа и следниот спин:

Спин: Тука не треба да има дилеми. Јас сум човек кој бил стипендист на италијанската влада, сум поминал таму магистратура и докторат во Германија, стипендист на германската влада. Тимчо е исто образуван во САД, Влатко е женет за Американка, американски зет. Александар не е, ама долго време бил во Стразбур, во Совет на Европа, така да не треба да имате дилема по тоа прашање

[Извори: Сакам да кажам , Либертас (видео) ; датум: 21.11.2019]

Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ја спинува вистината кога вели дека за него и неговата партија членството во Европската Унија е стратешка определба, а како прв аргумент за таквата ориентација, според него, е тоа што тој бил стипендист на италијанската и германската влада, меѓународниот партиски секретар Тимчо Муцунски се школувал во Америка, што Александар Николоски бил долго Стразбур, а Влатко Ѓорчев, пак, бил женет со Американка! Оваа изјава може да се слушне од видеото кое бугарскиот премиер и претседател на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов го објави на својот фејсбук-профил.

Каква врска имаат овие работи? Школувањето „на запад“ не може да биде доказ дека некоја политичка структура е проевропски ориентирана и искрено од срце работи да ја однесе земјата во ЕУ и НАТО. Нивното споредување, или доведување во некаква релација која би се посочила како гаранција дека водството на ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ, делува дури смешно. Еве на пример, унгарскиот премиер Виктор Орбан бил стипендист на Џорџ Сорос, што укажува дека тоа не е доказ дека понатаму низ животниот и професионален век ќе се делат вредностите на таквата филозофија.​ Впрочем, Орбан ѝ „откажа гостопримство“ на Фондацијата на Сорос во Унгарија.

Инаку, најсмешно во низата од „докази“ на Мицкоски, е тоа што некој од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ има сопруга Американка! Па каков линк има овој податок со членството во ЕУ, навистина е нејасно.

Усовршувањето – школувањето на Мицкоски и други високи партиски функционери во земји од ЕУ, не е никаква гаранција дека евроинтеграцијата е врвен приоритет во водењето на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија (партискиот врв), навистина, реторички кажува дека основна стратешка определба е полноправното членство во ЕУ, но, ефектот – впечатокот од нејзиното конкретно делување воопшто не е таков.

 

ВМРО-ДПМНЕ 10 ГОДИНИ НЕ ПОТТУРНА НИ МИЛИМЕТАР КОН ЕУ

За какви приоритети и ЕУ заложби на ВМРО-ДПМНЕ говори Мицкоски, кога токму во време на владеењето на неговата партија земјата не се помрдна од место – остана со кандидатскиот статус што го добивме во 2005 година, кога Владата ја предводеа социјалдемократите (премиер беше Владо Бучковски).

ВМРО-ДПМНЕ беше на власт од август 2006 до предвремените парламентарни избори во декември 2016 (поточно 31 мај 2017 кога по многу перипетии беше избрана Владата предводена од Зоран Заев). Цела оваа деценија Владата предводена од Никола Груевски не успеа да ја поттурне државата ни милиметар понапред на патот кон евроатланските интеграции. Тука, имаше и објективни причини – спорот со името со Грција, но тоа не беше единствениот проблем, особено ако сме искрени и си признаеме дека Македонија беше потоната во криминал и корупција. За што сведочат и бројните судски случаи во кои се инволвирани највисоките функционери на тогашниот партиски врв (ВМРО-ДПМНЕ), а кои ги отвори СЈО врз база на прислушуваните разговори.

И, кога конечно во јули 2018 година премиерот Заев и тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, го потпишаа Договорот од Преспа со кој се реши две и пол деценискиот спор за името, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски излегоа со став дека тој е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Во целиот овој период опозицијата го критикува Договорот како „капитулантски“, дека тој „не е влезница за Европа“ , а на еден од протестите пред Собранието во јануари оваа година (2019) Мицкоски за заколна дека секаде ќе зборува против договорот од Преспа. Пред извесно време тој изјави и дека кога ќе дојде на власт ќе го ревидира Договорот од Преспа и „правилно ќе го чита“ Договорот со Бугарија.

Со ваквите негови стојалишта дискутабилно е дали Мицкоски го убеди Борисов дека „не треба да има дилеми“ во однос на заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за членството на Македонија во ЕУ. И каков „тежок аргумент“ во оваа смисла е школувањето во европските држави и во САД на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неколкумината негови блиски соработници.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција