Контраспин: Што е „иднина“ за ВМРО-ДПМНЕ? Пендаровски уште во мај потврдил за канцеларијата
ВМРО-ДПМНЕ од нејасни причини, барем за сега, манипулира со јавноста и тврди дека Пендаровски е недоследен и непринципиелен затоа што во мај рекол „во иднина“ по престанокот на мандатот ќе користи законски овозможена канцеларија со тројца вработени, а тоа го сторил уште во јуни. Со ова партијата на власт се доведува во ситуација да ја толкува именката „иднина“ и да ја ограничува само на среднорочна и долгорочна, што е манипулација и спин
ВМРО-ДПМНЕ од нејасни причини, барем засега, манипулира со јавноста и тврди дека Пендаровски е недоследен и непринципиелен затоа што во мај рекол „во иднина“ по престанокот на мандатот ќе користи законски овозможена канцеларија со тројца вработени, а тоа го сторил уште во јуни. Со ова партијата на власт се доведува во ситуација да ја толкува именката „иднина“ и да ја ограничува само на среднорочна и долгорочна, што е манипулација и спин
Пишува: Теофил Блажевски
Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција изрече манипулација поврзана со поранешниот претседател Стево Пендаровски:
Спин: Стево Пендаровски ги излажа граѓаните кога глумеше скромност дека не сака да отвора канцеларија на Претседателот, туку истото ќе го направи некогаш во иднина…
…Стево Пендаровски и неговиот кабинет излажаа. Само еден ден откако е даден овој став за медиумите, односно на 15.05, според нашите информации Пендаровски побарал да му се одобри користење на канцелариски простор, службено возило и возач. За Пендаровски таа иднина очигледно е еден ден откако кажал дека во иднина некогаш ќе отвори канцеларија. Не го разбираме лицемерието на Пендаровски, кога очигледно е дека намерата му била да земе канцеларија веднаш, а за тоа доказ е и дека веќе на 3 јуни нашол канцеларија и договорил и цена за закуп…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Јаревски/прес; Датум – 22.09.2024]
Контраспин: Пратеникот Јаревски и неговата владејачка партија ја извртуваат вистината, односно спинуваат околу отворањето на законски овозможена канцеларија на поранешниот претседател Стево Пендаровски, бидејќи зборот иднина го толкуваат како среднорочна и далечна, а не и блиска иднина.
Јаревски се повикува на изјава од кабинетот на Пендаровски во мај 2024, кога оттаму соопштија дека претседателот во иднина ќе отвори канцеларија. Целиот дел што го цитираше и Јаревски на пресот гласи вака:
Во однос на административната и логистичка поддршка која му е потребна за средбите со поранешни и актуелни државници и за учество на меѓународни конференции претседателот Пендаровски побара од државните институции повремено да користи канцеларија, но, бидејќи таква пракса и законски основ не постои, Пендаровски во иднина ќе го искористи правото да отвори канцеларија, каде што тројца од сегашните вработени во Кабинетот, ќе бидат ангажирани во поддршка на тие активности на поранешниот претседател.
Прво, да повториме, Јаревски и ВМРО-ДПМНЕ го ограничуваат значењето на именката „иднина“ само на среднорочна и далечна, а не и на блиска иднина. Второ, ако се земе контекстот на кажаното, очигледно е дека Пендаровски ѝ соопштува на јавноста дека во блиска иднина ќе го користи законското право да има канцеларија и тројца вработени со административен буџет за трошок од 8 проценти од буџетот на канцеларијата на претседателот на државата во тековниот момент. Впрочем, изјавата што е дадена за МИА, така е и разбрана и од МИА и од повеќе медиуми во државата.
Уште во насловот на веста на МИА се наведува:
Пендаровски се откажа од државна пензија, ќе има канцеларија со тројца вработени
Доколку се направи преглед на вестите што биле објавени тој ден ќе се види дека најголемиот дел од медиумите го пренеле истиот наслов, што значи дека и редакциите во медиумите изјавата од кабинетот ја разбрале на тој начин – дека канцеларија ќе има.
Оттука, што е важно дали административното барање за канцеларијата било поднесено утредента на 15 мај, ден по изјавата од кабинетот, што е важно дали канцеларија со закуп била најдена на 3 јуни или на 3 јуни 2027 г., да речеме. Затоа, кажаното од Јаревски и ВМРО-ДПМНЕ не е ништо друго туку манипулација со зборот „иднина“ и затоа е спин.
***
Правото на Пендаровски за привилегии што му следуваат по функцијата не е само негово право, туку го ползуваат и претходните двајца живи претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, а истото важеше и за починатиот претседател Киро Глигоров, а потоа и за семејството на загинатиот експретседател Борис Трајковски.
Овие права се уредени со закон уште од 1999 година, а потоа се проширени во 2004 година, 2006 и во 2007 година. Законот насловен како ЗАКОН ЗА ПРАВАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО ПО ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ФУНКЦИЈАТА има дваесетина членови во неколку глави и навистина му дава широки права на секој што ја извршувал функцијата претседател на државата, како и широки права на нивните семејства, меѓу кои и платена канцеларија и плати за тројца вработени (стручни лица), кои платата ќе ја остваруваат од Кабинетот на актуелниот претседател (член 4 од Законот).
Во 2020 година Антикорупциската комисија (ДКСК) поднесе иницијатива до Уставниот суд за разгледување на одделни членови од законот од два аспекта – можност за корупција и нарушување на уставното начело за еднаквост на граѓаните. Уставниот суд во опсежна образложено решение ја отфрли иницијативата со главен аргумент дека поранешен состав на Уставниот суд веќе расправал за ова прашање и оценил дека нема нарушување на уставноста со Законот за правата на претседателот…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар