Контраспин: Спин е да се напаѓа Левица и Апасиев затоа што имаат пратеници и изразуваат политички став
Левица е релативно нова политичка партија која настана преку политичко организирање од поранешни синдикални движења. Како таква и самата Левица и нејзиниот лидер не се „без путер“ на главата и често спинуваат на политичката сцена со цел да освојат што повеќе симпатизери и гласови (вклучително и за Вистиномер). Но, тоа не е оправдување владејачката партија, која е најголема и најмоќна политичка партија во државата да комуницира со јавноста преку спинови во обид да се справи со политичките ставови на оваа, исто така парламентарна партија која на централно ниво е опозициски позиционирана. Вклучувајќи го и спинот дека системот не е корумпиран, затоа што токму тој ефект се постигнува кога Петрушевски, божем цитирајќи го Апасиев, синтагмата корумпиран систем ја става во наводници
Левица е релативно нова политичка партија која настана преку политичко организирање од поранешни синдикални движења. Како таква и самата Левица и нејзиниот лидер не се „без путер“ на главата и често спинуваат на политичката сцена со цел да освојат што повеќе симпатизери и гласови (вклучително и за Вистиномер). Но, тоа не е оправдување владејачката партија, која е најголема и најмоќна политичка партија во државата да комуницира со јавноста преку спинови во обид да се справи со политичките ставови на оваа, исто така парламентарна партија која на централно ниво е опозициски позиционирана. Вклучувајќи го и спинот дека системот не е корумпиран, затоа што токму тој ефект се постигнува кога Петрушевски, божем цитирајќи го Апасиев, синтагмата корумпиран систем ја става во наводници
Пишува: Теофил Блажевски
Во статус на Фејсбук изнесен од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, а потоа пренесен и преку официјалниот партиски портал, може да се препознае спин:
Спин: Како тоа Левица со Апасиев се апстрахираат од „корумпираниот систем“
Ајде да видиме да не случајно го користат истиот тој „корумпиран систем“ за лично богатењеДимитар Апасиев во истиот тој „корумпиран систем“ два пати станува пратеник и зема плата од народни пари. Димитар Апасиев во истиот тој „корумпиран систем“ станува редовен универзитетски професор, без јасни критериуми за неговиот интелектуален и морален кредибилитет. Партијата Левица, додека гласно „се бори“ против трошење на државни пари, истовремено од Буџетот зема преку 250.000 евра годишно…
А кога станува збор за местење тендери и партиски вработувања, Левица се истакна преку своите директори во КИЦ, Музејот на град Скопје, Библиотеката „Браќа Миладиновци“, како и преку замениците во ЈП Водовод и ЈП Градски паркинг.
Дали ова ви изгледа како антисистемска борба, или како класично политичко лицемерие? Граѓаните заслужуваат принципиелни политичари, а не нови манипулатори во старата матрица! Левица не е алтернатива – таа е само новата верзија на старата корупција!
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Петрушевски/статус; Датум – 22.03.2025]

Контраспин: Реплицирајќи на став на Левица дека системот е корумпиран и дека тие биле антипод на корумпираните партии, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски преку статус на Фејсбук кој е пренесен и на официјалната веб-страница на партијата (па може да се смета и за партиски став), преку користење наводници на синтагмата „корумпиран систем“ изрече серија спинови и за лидерот Димитар Апасиев и за Левица. Но, првиот спин е со користење на наводниците „корумпиран систем“, со што Петрушевски де факто тврди дека системот е некорумпиран, иако дури и неговата владејачка партија и владата тврдат дека еден од најголемите проблеми во државата е системската корупција
Понатаму, во првиот став се тврди дека Апасиев во „корумпираниот систем“ два пати станувал пратеник па земал плата од народни пари!? Без оглед дали системот е корумпиран или „корумпиран“, извртување на вистината е да се обвинува некој дека земал народни пари и се богател затоа што станал пратеник. Пратеник во оваа држава се станува со освоен број гласови во онаа изборна единица каде што се кандидира, па спинувајќи за ова Петрушевски де факто ги обвинува гласачите дека „го корумпираат“ Апасиев на тој начин што му дале доверба да стане пратеник.
Извртување на вистината е дека Левица лажно морализира дека се бори против „корумпираниот систем“, а како што вели Петрушевски, тоа го докажувал фактот дека партијата годишно земала 250 илјади евра народни пари. Без да направи компарација колку пари зема неговата владејачка партија, а во прашање се милиони – Петрушевски во ставот не го споменува основниот податок дека партиите во оваа држава парите од буџетот ги добиваат врз основа на Закон за финансирање на политичките партии, а таму се јасно назначени критериумите врз основа на кои и парламентарните и непарламентарните партии добиваат средства од државата, доколку освојат најмалку 1 процент од гласовите на сите гласачи кои излегле на изборите (член 10).
Уште еден спин е испорачан во ставот на партијата изразен преку ставот на Петрушевски, дека кога „станува збор за местење тендери и партиски вработувања, Левица се истакна преку своите директори во КИЦ, Музејот на град Скопје, Библиотеката „Браќа Миладиновци“, како и преку замениците во ЈП Водовод и ЈП Градски паркинг“. Ваквото, де факто етикетирање, без ниту еден познат судски случај на потврдена вина на конкретни луѓе, иако не се напишани со име и презиме, е ништо друго туку спин.
За констатациите дека Апасиев во овој систем станал „редовен универзитетски професор, без јасни критериуми за неговиот интелектуален и морален кредибилитет“, повеќе личи како став кој Апасиев би можел да го преиспита преку Граѓанскиот закон за навреда и клевета, бидејќи е толку општ за да биде анализиран како спин.
***
Левица е релативно нова политичка партија која настана преку политичко организирање од поранешни синдикални движења. Како таква и самата Левица и нејзиниот лидер не се „без путер“ на главата и често спинуваат на политичката сцена со цел да освојат што повеќе симпатизери и гласови (вклучително и за Вистиномер). Но тоа не е оправдување владејачката партија, која е најголема и најмоќна политичка партија во државата да комуницира со јавноста преку спинови во обид да се справи со политичките ставови на оваа, исто така парламентарна партија која на централно ниво е опозициски позиционирана.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар