Контраспин: Спинот за „СДСМ како помал партнер во владата“ е паушален и без аргументи

Стефан Андоновски. Фото: скриншот/ВМРО-ДПМЕ/веб

Тврдењето на Стефан Андоновски од ВМРО-ДМНЕ дека СДСМ е помал партнер во Владата, бидејќи тоа го покажувал и фактот дека Артан Груби и Крешник Бектеши воделе „клучни проекти“, е паушално и неаргументирано. Ваквата изјава е само една во низата што тргнаа уште од влезот на Алијанса на Албанците во Владата, со внатрепартиска пи-ар цел, но и со подгревање на меѓуетнички прашања кај граѓаните, зашто според таа логика, со земјата управувала „албанска, а не македонска влада“

Тврдењето на Стефан Андоновски од ВМРО-ДМНЕ дека СДСМ е помал партнер во Владата, бидејќи тоа го покажувал и фактот дека Артан Груби и Крешник Бектеши воделе „клучни проекти“, е паушално и неаргументирано. Ваквата изјава е само една во низата што тргнаа уште од влезот на Алијанса на Албанците во Владата, со внатрепартиска пи-ар цел, но и со подгревање на меѓуетнички прашања кај граѓаните, зашто според таа логика, со земјата управувала „албанска, а не македонска влада“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Висок претставник од ВМРО-ДПМНЕ во тв интервју изрече ставови во кои може да се детектира спин:

Спин: СДС е помал партнер во владата, а тоа се базира на неколку аспекти. На прашањето до Ковачевски како ќе функционира владата, Ковачевски не одговори сам, туку се заврти кон Ахмети да го праша, и одговорот беше како и до сега. Второ кога се случува турбуленциите во ДУИ, немаше проблем Ковачевски со ситуацијата, туку целата влада на Ковачевски дојде, сите пратеници дојдоа во одбрана на Артан Груби. Клучните проекти не ги води Ковачевски, туку ги водат Артан Груби и Крешник Бектеши.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб; датум – 15.03.2023]

Контраспин: Тврдењето на меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски дека СДСМ е помал партнер во Владата, а посебно во делот каде што вели дека клучните проекти не ги водел Димитар Ковачевски, туку ги воделе Артан Груби и Крешник Бектеши, а кое беше пошироко пренесено од онлајн медиумите, е паушално и претставува спин, односно извртување на вистината.

Подолу во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се наведуваат извадоци од излагањето на Андоновски во интервју на ТВ Шења – се цитираат неговите зборови дека Груби бил одговорен за доизградба на Коридорот 8,  односно за неодамна потпишаниот договор за доизградба со Бехтел и Енка, како и за доделувањето на концесии за експлоатација на минерални суровини од страна на Бектеши.

Најскапиот проект коридор 8, главен лик во приказната а очигледно и најкорумпиран од сите е Артан Груби. Главен лик во разделување на концесии на минерални суровини е Крешник Бектешивели Андоновски.

Паушалното искажување и спинот е во тоа што ниту Груби, ниту Бектеши не ги водат „клучните проекти“, зашто не може со таква леснотија да се кажува кој од стотици тековни проекти во државата се клучни. Вистина е дека со сумата што треба да се потроши за доизградба на автопаташта од страна на Бехтел и Енка во висина од околу 1,7 милијарди евра (1, 3 милијарди за проектирање и изградба, плус 300 илјади за национализација на земјиштето, плус 22 милиони евра за надзор, плус маргина на непредвидени трошоци), Груби, кој се чини бил неформален координатор на преговорите за отпочнување на проектот, избива на местото човек што води „клучен проект“, но оттука да се вади заклучок дека СДСМ е малцински партнер во Владата е спин. Зашто, што е тогаш со останатите проекти во сите други ресори или други институции кои потпаѓаат под одредени ресори (Фонд за здравство со над 650 милиони евра годишен буџет, Министерство за труд и социјална политика со околу 400 милиони годишно, Министерство за одбрана со над 200 милиони евра годишно или МВР со приближно толку пари, итн).

Истото образложение може да се однесува и за министерот Крешник Бектеши, дотолку повеќе што издвојувањето на само еден сегмент од надлежностите – доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, веројатно во прв план се концесиите за рудниците, просто е ресор во надлежност на Министерството за економија по „дифолт“, а не по желба на министерот за да се истакне во таа област.

Впрочем и ако се погледне списокот на поделба на ресори на Владата и доколку се погледне Законот за Влада, посебно членот 16 во кој се наведува дека премиерот може да им довери на замениците вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности“, не постои ниту еден аргумент кој покажува дека споменатите Груби и Бектеши раководат со „клучни проекти“, наместо Ковачевски, поради желбата за примат на ДУИ врз СДСМ или дека прават нешто илегално, а особено не може да вади аргумент со кој се покажува дека „СДСМ е помал партнер во Владата“.

Конечно, ниту изградбата на автопати, ниту доделувањето на рудници може да се случи доколку претходно сите постапки не поминат преку информирање и одобрување од страна на целата Влада, зашто едноставно такви се законите и подзаконските акти.

Се чини дека целта на овој спин е да предизвика сомневање во јавноста во две насоки – првата, способноста на СДСМ да ја предводи владејачката коалиција поради внесувањето на нов коалициски партнер Алијанса за Албанците, а која беше според СДСМ и ДУИ со намера да го зголеми мнозинството во Собранието, додека според ВМРО-ДПМНЕ и дел од опозициски албански партии, само операција за спасување на ДУИ поради фракцијата наречена „Огнена група“ која контролира неколку пратеници, т.е. читај, спасување на Груби и Османи. На тоа упатуваат и други изјави или соопштенија од ВМРО-ДПМНЕ. Како онаа од вчера (15.03) на Наум Стоилковски, дека „ДУИ му ги брои месеците на Ковачевски“ или пак, како она, исто така на портпаролот Наум Стоилковски од 08.03.2023, кога партијата го нарекува премиерот Ковачевски „аѓутантот на Груби“, само затоа што во рамките на влез на нов партнер во Владата се изврши прераспределба на директорски места во дел од клиниките.

Но, исто така, овој спин е и во насока на реотворање на приказната дека за спас на ДУИ, СДСМ и другите партнери во Владата отстапиле по етнички клуч повеќе места за Албанците, па така сега Владата станала „албанска влада“, наместо „македонска влада“ и влада која не одговарала на бројките според пописот. Овие приказни почнаа уште од известувањето за целиот процес на преговарање за влез на Алијансата во Владата, а беше аргументирано и со барањата и на помалите коалициски партнери „да се дадат гаранции“, дека во Владата немало да има помалку Македонци за сметка на Албанци. Што е, пак, опасно играње со меѓуетничките односи.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека тврдењето на Андоновски за „СДС како помал партнер во владата“, меѓу другото затоа што Груби и Бектеши, а не Ковачевски, воделе „клучни проекти“, е спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција