Контраспин: Спинувањето на Николоски околу акцизата за горива е целосно непоткрепено

А. Николоски. Фото: скриншот

Фактите покажуваат дека би било легитмно Владата да посегне по зголемување на акцизите за горивата како антикризна мерка. Тврдењата на опозицијата дека станува збор за мерка наменета за богатење на олигархијата, за воено профитерство или за можност за инфлација, се целосно непоткрпени спинови

 

Фактите покажуваат дека би било легитмно Владата да посегне по зголемување на акцизите за горивата како антикризна мерка. Тврдењата на опозицијата дека станува збор за мерка наменета за богатење на олигархијата, за воено профитерство или за можност за инфлација, се целосно непоткрпени спинови

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во разговор за Канал 5, меѓу другото, се произнесе околу предлогот за зголемување на акцизите на горивата, при што со извртување на вистината, т.е. спинување, предлогот го оцени како мерка наменета за олигарсите во земјата.

Спин: Барањето за покачување на акцизата треба да се отфрли…Оваа мерка се однесува само на неколку олигарси во Македонија за кој јас сум свесен дека имаат големи трошоци, на пример, имаат по неколку мерцедеси кои што треба годишно да ги одржуваат, имаат по неколку вили и во Македонија и на Халкидики… Ова е недозволиво, богатење на олигархијата во време на криза е ништо друго освен профитерство на мака на народот.

[Извор: Канал 5/ ВМРО-ДПМНЕ – А. Николоски – датум: 15.04.2020]

Контраспин:

Откако се појави овој предлог од страна на Стопанската комора на РСМ во текот на минатата недела, партијата ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го отфрли и го оцени како скандалозен, но исто како и Николоски, без ниту еден релевантен факт како аргумент. Единствено што беше наведено на прес-конференција од партискиот портпарол Игор Јанушев, е дека тоа ќе придонело за инфлација, при што се употребија квалификативи од типот „кронизам“ и „воено профитерство“.

ВМРО-ДПМНЕ не поддржува воено профитерство, односно кронизам што ќе донесе зголемување на акцизата на нафта, а со тоа и директно зголемување на цената на многу продукти и поскап живот. (И. Јанушев, прес)

Фактите зборуваат нешто друго. На пример, недискутабилно е дека дефицитот во Буџетот ќе биде голем, па е неопходно да се искористат сите средства на располагање таа дупка да се пополни на повеќе начини. Исто така, несоборлив факт е дека Буџетот отсекогаш се полнел од граѓаните и компаниите, дали директно со зафаќање од нивните даноци, дали преку други екстра приходи каква што е акцизата. Како што е факт дека цената на нафтените деривати е драматиично падната поради падот на цената на суровата нафта на светските пазари од 50-тина долари за барел пред кризата на под 20 долари, колку што е денеска.

Поради тоа и горивата, и дериватите, претпреа значително намалување од близу 70-тина денари за литар на 45-48 денари колку што се сега, а со ваквото паѓање на цената на суровата нафта ќе се намалуваат и натаму. На ова се надоворзува и фактот дека потрошувачката е намалена поради ограничувачките мерки за движење на населението и поради намалената економска активност на компаниите.

Ако овие факти се непобитни, зошто тогаш толкаво спротивставување кон зголемување на акцизата, бидејќи, и онака приходите по тој основ се намалени, поради намалена потрошувачката, па дури и да се работи за фингерај, т.е. нарачан предлог од Владата, истиот да дојде од Стопанската комора?

Пресметките што се дадоа од страна на предлагачот не се за потценување. Во барањето се наведува дека на годишно ниво во државната каса на овој начин би се слеале над 45 милиони евра плус или близу 4 милиони евра повеќе месечно:

„Постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денара на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото, односно да изнесува 17,121 денари. Со предложените мерки, во просек во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати, на месечно ниво би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво“ (Д-р Татјана Штерјова).

Единствено нешто што е поврзано со „олигарсите“ што ги споменува Николоски, можеби се однесува на вториот дел од предлогот за промена на Правилникот за највисоки малопродажни цени на дериватите, при што наместо највисоката трговска маржа да изнесува 5,6 денари за литар таа да биде клизна од 5,38 до 5,8 денари. Но, ниту Николоски, ниту друг од ВМРО-ДПМНЕ, ниту некој од експертите се произнел што ова значи и дали овој предлог би одел на „сметката на олигарсите“ или не. Во крајна линија, Владата и не мора да го усвои овој дел од предлогот, туку може да се задржи само на акцизата.

И конечно за единствениот, на прв поглед разумен аргумент што го спомена Јанушев – можност за инфлација. Можноста за тоа е речиси исклучена. Пред нешто повеќе од две години, во ноември 2017, Владата преку Министерството за економија донесе одлука за зголемување на акцизата на дизелот за над 3 денари. Настрана образложението, кое се повикуваше на „европските препораки“ и на најниските цден на дизелот во Европа , инфлација немаше, дури но со тогашната цена од над 70 денари за литар, а ВМРО-ДПМНЕ бараше итно укинување на акцизата, нешто што тогашниот министер Драган Тевдовски студено го одби. Сега, пак, со намалени цени на горивата од над 20 денари за литар, уште помалку е веројатно превозниците или производителите да ги зголемат цените на услугите и производите.

Поради погоре изнесените факти, несомнено е дека „аргументите“ на Николоски за мерка со која „ќе се богатела олигархијата на мака на народот“, е извртување на вистината или спин, дури и атипично за спиновите, затоа што во себе не содржи ниту еден полуаргумент што би го поткрепил таквото тврдење.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција