Контраспин: Стипендијата на ќерката на Димитров нема врска со неправдата нанесена на математичарот Дамјан

Фото: Принтскрин колаж

Пратеникот Јорданов става равенство меѓу сосема различни работи. Награда е една работа, стипендија е сосема друга.  Во конкретниот случај со талентираниот математичар Дамјан,  пречка за добивањето на заслужената парична награда е застарената законска рамка, која како што најавија од МОН, допрва ќе се менува. Јорданов, иако има можност да предложи промени на законска регулатива за да се исправи неправдата кон Дамјан, избрал да критикува на Фејсбук и да собира политички поени

 

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Случајот со малиот Дамјан од Штип, кој е основец, а победи на натпревар по математика за средношколци и заради тоа не ја доби заслужената награда, ја разбранува јавноста.

Еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, Иван Јорданов, на Фејсбук напиша изјава во која го споредува овој случај со стипендијата која ја доби ќерката на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, која ја оценуваме како спин.

Спин: За ќерката на Никола Димитров годишна стипендија од 40.000 евра. За малиот гениј Дамјан еднократно 15.000 денари.

Ете затоа младите си одат од Македонија. Во образованието најмалку е потребна политика. Но, секој успех е вреден за вреднување, посебно во случајот со младиот математичар Дамјан кој може да им држи часови на Димитров, Заев и Царовска.

 [Извор: Фејсбук профил на пратеникот Иван  Јорданов – датум: 04.02.2021]

 

Контраспин: Пратеникот меша баби и жаби. Стипендијата која ја доби ќерката на Димитров нема никаква врска со  неправдата која му е нанесена на Дамјан. Во ред е да се реагира за овој случај, без разлика дали реакцијата ќе дојде од претставници на власта или опозицијата. Кога нешто не функционира во системот, треба да се реагира.

Но, пратеникот, со оваа изјава сака да собере политички поени, а не да помогне да се реши случајот. Прави паралела за која нема никаква основа. Награда е една работа, стипендија е сосема друга. Една ситуација е доделувањето стипендии за високо образование надвор од државата, кој ги добива тие и според какви критериуми, а сосема друга ситуација е овој специфичен случај.

 

ЗОШТО ДАМЈАН НЕ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА?

Малиот генијалец Дамјан од Штип, кој е ученик во основно образование, учествувал на натпревар по математика за средношколци и го освоил првото место. Но, од Министерството за образование и наука одбиле да му ја дадат заслужената награда, бидејќи, како што рекоа оттаму,  не е според законот. Наместо тоа, тој ќе добие еднократна парична награда од 15.000 денари, од страна на Општина Штип, како и признание за почесен граѓанин на општината.

Во образложението од МОН за одлуката се вели:

Ученикот и неговиот наставник не ги исполнуваат условите бидејќи ученикот и наставникот се од основно образование, а натпреварите се за ученици и наставници од средно образование.

Министерката за образование, Мила Царовска, оправдувањето го побара во застарената законска регулатива.

Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, за жал законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. МОН веќе работи на законски измени со кои ќе ја зголеми достапноста за наградите, имајќи го предвид фактот дека во секоја генерација ученици има исклучителни таленти по одредени предмети и области.

Значи, проблемот е законската регулатива. А, каде се решаваат тие проблеми? Во Собранието на Република Северна Македонија, каде што Иван Јорданов е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ја има можноста од внатре да го менува системот кога не функционира и е неправеден, како во оваа ситуација. Пратениците освен што имаат право, тие имаат и должност да предлагаат закони, а за тоа меѓу другото се платени со пари од граѓаните.

Ова го предвидува Законот за пратеници:

Член 14

Пратеникот има право и должност:

– да предлага донесување на закон, друг пропис или општ акт

Како и Деловникот на Собранието.

Член 132

Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи (овластен предлагач на закон).

Но, пратеникот Јорданов иако има можност да предложи промени на законска регулатива или да предлага нови закони, тој го избрал полесниот но далеку по неефективен начин – да критикува на Фејсбук  со спинови и правење паралели кои немаат заедничка основа. Неговата цел очигледно не е да помогне туку само да критикува и со тоа да собере политички поени.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција