Контраспин: Стоилковиќ и Додик со љубов од Скопје само за Белград и Москва

Додик, Гашиќ, Мицкоски, Стоилковиќ и српскиот патријарх Порфириј (Фото: ФБ профил на Х. Мицкоски)

Иницијалната замисла да се прославува Свети Сава како духовен патрон на српската заедница во Северна Македонија и да се чествуваат мирот и разбирањето, се претвори во „увоз“ на штетните антизападни и проруски наративи (како во случајот со ставовите на Додик) и непримерното глорификување на Вучиќ во ставовите на Стоилковиќ

Иницијалната замисла да се прославува Свети Сава како духовен патрон на српската заедница во Северна Македонија и да се чествуваат мирот и разбирањето, се претвори во „увоз“ на штетните антизападни и проруски наративи (како во случајот со ставовите на Додик) и непримерното глорификување на Вучиќ во ставовите на Стоилковиќ

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

На прославата на Свети Сава, националниот празник на српската заедница во С. Македонија, која се одржа со Светосавска академија во Македонскиот народен театар во Скопје, меѓу присутните беа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Андрија Мандиќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ, Патријархот на Српската православна црква Порфириј, Архиепископот на Македонската православна црква  г.г. Стефан, српскиот министер за култура Никола Селаковиќ

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и претседателот на Република Српска Милорад Додик предизвикаа посебно внимание поради ставовите во нивните обраќања.

Спин: Господине Гашиќ, дозволете ми во името на Србите во Македонија да пренесам целосна и толку огромна поддршка до претседателот Вучиќ, да продолжи да носи мир и стабилност во регионот, а на некој начин мирот и стабилноста на Србија е предуслов за економскиот развој на Србија, а како таков економски развој, тој е погоден и за сите земји во регионот и таа политика мора да продолжи и понатаму, рече вицепремиерот Стоилковиќ.

[Извор: СДК На славата „Свети Сава“ во МНТ во Скопје, Додик ги нападна Америка, НАТО и ЕУ, Мицкоски не очекувал од него да го злоупотреби настанот – датум: 28.01.2025]

 

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, пак, потенцираше дека Република Српска е држава  на Србите – денес имаат две држави на Балканот, Република Српска и Србија, дека Србите кои живеат во БиХ не извршиле геноцид врз муслиманското население, како што ги тврдел поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, дека влезот во Европската Унија е стратешка цел за Србија, но ЕУ води лицемерна политика што го докажала токму со примерот на Македонија, како и дека рускиот претседател Владимир Путин и раководството направиле сè за да ги одбранат руските национални државни интереси во вистински момент и во вистинско време:

Спин: За жал, има жртви и оние кои ги загубија животите, но Русија не требаше да дозволи НАТО да се постави на место од кое Москва и другите делови би можеле да бидат загрозени, особено по она што го рече Збигњев Бжежински, да се распадне на десетина одделни држави за да се контролираат руските ресурси, рече Додик на Светосавската академија.

[Извор: Локално Додик: Србија и Република Српска нема да влезат во НАТО – датум: 28.01.2025]

 

 

Контраспин: „Целосната и огромна поддршка“ што Иван Стоилковиќ му ја изрази на српскиот претседател Александар Вучиќ е неумесна од најмалку две причини. Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, не може, а да не ја види перцепцијата на Вучиќ како автократски владетел во Србија против кого со месеци протестираат студентите и граѓаните, а Вучиќ за тие демонстрации ги обвинува медиумите и активистите од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Веќе прочуеното „македонско сценарио“ не се симнува од листата на „рушителите“ на неговата власт уште од 2017 година.

Повици за дијалог, тепање, оставка на премиерот – сето тоа се случи за само 16 часа од српскиот политички трилер. Се чини дека „политичката глава“ на Вучевиќ не може да го задоволи апетитот на „половина Србија“, оценува анализата на „Дојче веле“.

Ова е само илустрација на општата оценка на медиумите од демократскиот свет дека Србија денес – кога Вучиќ го „жртвуваше“ премиерот за да купи време под сè поголемиот притисок на демонстрациите кои бараат и одговорност, а не само формални оставки – најмалку може „да продолжи да носи мир и стабилност во регионот“, како што посакува Стоилковиќ. Токму Вучиќ само еден ден по Светосавската академија (28.01.2025) нејасно најави период од десетина дена во кој допрва ќе одлучува дали неговото досегашно парламентарно мнозинство ќе формира нова влада или ќе распише избори.

Ако на оваа ситуација се додаде веќе традиционалниот конфликт околу ставот на Србија кон Косово (кое често е искористувано за манипулации во корист на одржување на власта), тогаш навистина мирот и стабилноста на Србија ќе биде од корист на целиот регион. Но, засега се бројат само годишниците од помалите вооружени инциденти, како тој во Бањска во септември 2024, со надеж дека нема да биде и полошо.

Потоа, Стоилковиќ како вицепремиер во македонската влада, задолжен за односи меѓу заедниците со угостувањето на Додик во неговиот кабинет, дополнително ги разгневи токму припадниците на заедниците, во прв ред бошњачката, но и коалициските партнери со кои ја дели власта.

Додик ја посети Македонија за да ѝ „помогне“ во евроинтеграцискиот процес како што ѝ „помогна“ на Босна и Херцеговина. Ова е огромен удар за угледот на нашата земја во меѓународната заедница со што се поставува прашањето дали оваа влада воопшто негува европски вредности во контекст на почитување на човековите права и слободи и цивилизациски вредности утврдени со меѓународните акти, врз основа на кои се осудени одредени лица, а со чија глорификација и говор на омраза, Додиќ направи и сè уште ја одржува својата политичка кариера! Ова сериозно ја доведува во прашање нашата стратегија за европска интеграција и меѓународните односи, реагираат од Бошњачкиот демократски сојуз.

Оваа асоцијација минатата година поднесе и кривична пријава против Стоилковиќ поради неговата изјава по одлуката на Министерството за надворешни работи да ја поддржи Резолуција на Обединетите Нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница, бидејќи тој геноцидот го нарекол „некрофилски дизниленд“.

Милорад Додик, пак, најдолговечниот владетел во некоја од балканските држави (во овој случај БиХ ентитетот Република Српска), со робусните анти-НАТО и анти-ЕУ ставови уште еднаш ја потврдува неговата позиција како еден од главните прокси-играчи на путинова Русија на Балканот.

 

Како во лекција од учебник за манипулации и дезинформации, Додик ги повторува неговите познати анти-НАТО и анти-западни ставови во кои по принципот на „превртено огледало“ испаѓа дека Русија била загрозена и морала да се брани на тој начин што ќе изврши воена инвазија врз Украина. Тоа е кажано на настан организиран во С, Македонија која е една од најмладите членки на НАТО, а од неодамна Радмила Шекеринска е избрана за заменик генерален секретар на Алијансата.

И Стоилковиќ и Додик ја посетуваат Русија по нејзината воена инвазија врз Украина по разни поводи – Стоилковиќ дури и на безбедносен форум во Москва – за разлика од демократските и прозападно ориентирани политичари од регионот, чиј кредибилитет им налага дека е суштински да се посети Киев како поддршка на Украина да се одбрани од истата воена инвазија.

Оттаму, иницијалната замисла да се прославува Свети Сава како духовен патрон на српската заедница во С. Македонија и да се чествуваат мирот и разбирањето се претвори во „увоз“ на анти-западни и про-руски наративи (како во случајот со ставовите на Додик) и непримерното глорификување на Вучиќ во обраќањето на Стоилковиќ.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција