Контраспин: Техничката влада „ја откажа“ лидерската средба – сè друго се спинови

Мицкоски и Заев. Фото: META и Влада на РСМ/монтажа на Вистиномер

Анализирајќи ги внимателно изјавите на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, причината за откажување на лидерската средба од страна на Заев лежи во барањето на Мицкоски да се разговара и за „потребата од формирање техничка влада“. Во другите изјави за ова прашање и од Мицкоски и од Заев, се препознаваат спинови

Анализирајќи ги внимателно изјавите на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, причината за откажување на лидерската средба од страна на Заев лежи во барањето на Мицкоски да се разговара и за „потребата од формирање техничка влада“. Во другите изјави за ова прашање и од Мицкоски и од Заев, се препознаваат спинови

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Две изјави од Христијан Мицкоски и Зоран Заев, два спина во нив. Најпрво во текстот, со последниот по хронолошки ред, оној од Мицкоски.

Спин:Најпосле факт е дека Заев има проблем со владата, внатре во самата влада со коалициските партнери, но исто така и внатре во неговата партија. А најголем факт е дека владата е најголем проблем. И затоа треба токму за овие теми да разговараме на лидерска средба, затоа што одговорно е, и граѓаните очекуваат ние да најдеме решение за проблемите кои што постојат…. Вистински скандал е што Зоран Заев вчера кажува едно, а денес сосема друго.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ-Мицкоски/прес – датум: 15.12.2020]

Контраспин: Христијан Мицкоски може со право да го обвинува Зоран Заев за брза промена на ставот околу тоа што веќе не гледал потреба од лидерската средба, но само и само доколку не спинува за причините и за дневниот ред за таа лидерска средба.

За неинформираните, по упорното барање на лидерска средба околу „црвените линии“ во разговорите со Бугарија, Зоран Заев на 14-ти декември, по долго одбивање, соопшти дека ќе се организира таква лидерска средба и доколку претходно Претседателот Стево Пендаровски не ја свика, ќе ја свика Заев. Вчера Заев го смени ставот и рече дека не гледа потреба од лидерска средба. Но, дали е скандал? Не е, а еве и зошто.

Имено, сосема беше јасно дека, иако уште веднаш по парламентарните избори во јули ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ги обвинуваше СДСМ и Зоран Заев за сè и сешто – од справувањето со корона кризата до економска политика и мафијаштво – сосема е јасно дека долготрајното барање за лидерска средба, а особено последните недели, се однесуваше на прашањето за Бугарија.

Впрочем, Мицкоски на прес конференција пред само некој ден, тоа го потврдува. Еве што одговара на новинарско прашање за лидерската средба што Заев ја понуди тој исти ден, 14.12.2020:

Јас уште пред неколку месеци кога, практично, беше навестено ова што се случува, побарав лидерска средба. Ќе ве потсетам дека пред повеќе од една година побарав дефинирање, на таа лидерска средба кај Стево Пендаровски, на нашите црвени линии со што ќе им се олеснеше на политичарите кои што преговараат, но и на историчарите кои што преговараат во многу нешта нивната позиција…

… ние неколку пати до сега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговараат на таа лидерска средба, стојам на располагање… (прес на Мицкоски на 14.12.2020).

Но, на 15.12.2020 г, Мицкоски го менува ставот. На својот официјален профил на Фејсбук Мицкоски бара лидерска средба со многу поголем дневен ред: „Барав и барам средба со лидерите на партиите од власта и опозицијата, на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, бидејќи јавноста и опозицијата не смеат целосно да се исклучени од овој процес.

Да дискутираме и за:

исклучително лошата состојба со корона кризата;

потребата за техничка влада по дебаклите на Владата;

екстремно лошата економска ситуација;“

Сосема е јасно дека Мицкоски спинува околу вистинските причини за откажување на средбата. Де факто, самиот Мицкоски со брзата смена на својот став за дневниот ред на една таква средба, особено со додавање на точката „техничка влада“, ја „откажа“ средбата. Спинот е околу зборовите дека Заев има проблем во самата Влада, проблеми со коалициските партии и дека „Владата е најголем проблем“ за сè што се случува во и околу земјата, како и во оценката дека тоа е скандал.

 

Спинот на Заев – „не се согласувам со овие прашања“

Од друга страна, Зоран Заев навистина ја смени позицијата за лидерска средба за околу 24 часа. Во појаснувањето зошто го сменил ставот може да се препознае спин, иако на прв поглед личи само на недоследност:

Спин: Денеска, по мојата намера да објавам дека ќе свикам лидерска средба за да соопштам за Бугарија, за тоа што се разговараше, кои се причините зошто се случи ова, затоа што сето почна од долгото и краткото име – односно дали Северна Македонија со краткото име има територијални претензии кон Бугарија и незадоволството од соодветната имплементација и ефикасност на Договорот за пријателство, добив реакција од шефот на опозицијата, ја видов на Фејсбук. Во неа вели дека ќе се разговара за техничка влада, за неспособноста на Владата, на здравствениот систем, за неуспехот со Бугарија… За што да свикам лидерска средба? Јас воопшто не се согласувам со овие прашања…

[Извор: Влада на РСМ – Заев/прес (од 77 минута) – датум: 15.12.2020]

Контраспин: Вака погледнато, личи дека станува збор за промена  на политичка одлука, дека поради несогласување на Заев да разговара за други прашања, освен за прашањата поврзани со Бугарија и со нејзиното, де факто вето за пристапниот процес на Македонија кон ЕУ, премиерот се решил да нема лидерска средба.

Сè би било во ред доколку само 24 часа претходно, самиот Заев не најави дека на евентуалната лидерска средба е подготвен да разговара за поширок спектар на теми, пред сè и за ковид-кризата. Еве ја изјавата на Заев:

…Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика претседателот на државата да свика лидерска средба, но не сум во тек што се случува. Доколку не се свика таква лидерска средба, јас би го контактирал денеска-утре претседателот на државата за една таква намера, доколку не, веројатно јас до крајот на годината ќе свикам лидерска средба и заради евроинтеграциите, но и заради справување со ковид-кризата и за сите други сфери на интерес за граѓаните за кои би можеле да дискутираме на средбата. (360 Степени).

Од оваа изјава на премиерот Заев не може да се изведе погрешен впечаток и таа е сосема јасна. Прва точка на лидерската средба би биле односите со Бугарија, но и „сите други прашања од интерес за граѓаните“ или поконкретно и разговори „заради справување со ковид-кризата“ и за „сите други сфери на интерес за граѓаните“.

Според тоа, сосема е јасно дека ако на 14-ти за Заев било прифатливо да се разговара „за сите други прашања,“ вклучувајќи ја и ковид-кризата, а на 15-ти не било прифатливо, зашто тој не се согласува со таквите ставовите на опозицијата, тоа е спин. Зашто, Заев ги знае какви се ставовите на опозицијата одамна, а не е дека ги дознал на 15-ти од Фејсбук статусот на Мицкоски.

Она што што го натерало да го смени ставот, се чини дека е новиот елемент нафрлен од опозицијата како точка на дневен ред – разговор за техничка влада.

* * *

Затоа и констатацијата во насловот на текстот. Намерата на Мицкоски за разговори за техничката влада „ја откажа“ средбата. И самиот Заев ја спомена во причините за откажувањето. Мицкоски спинува дека Заев имал проблеми во Владата и во коалицијата, спинува дека за ковид-кризата и за односите со Бугарија и за економијата била виновна самата Влада. Заев, пак, спинува дека причината за откажување е што тој не се согласува со таквите ставови. Тој ги знаеше таквите ставови од порано, а и ден претходно понуди разговор и за други прашања освен за Бугарија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција