Контраспин: Тепањето жена не е мал престап, особено ако тепачот е од опкружувањето на премиерот

Мицкоски на поставување камен темелник на доградба на ООУ „Гоце Делчев“ во Аеродром. 05.05.2026 Фото: Официјален фБ профил на премиерот

Семејното насилство на полицаецот од обезбедувањето на премиерот не е мал престап. Не се работи за дело за кое се добива прекршочна, туку кривична пријава, а сторителот веќе добил и притвор. А тоа пак, како ни „функционира системот“ многу добро се виде во случајот со Ивана, во кој вкупно 39 полицајци погрешно постапиле по пријавите за семејно насилство кои биле поднесени против нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски. Непотребна е и дистанцата дека полицаецот е припадник на претходницата, па Мицкоски не го гледал често, јасно е дека тепачот бил во неговото опкружување

Семејното насилство на полицаецот од обезбедувањето на премиерот не е мал престап. Не се работи за дело за кое се добива прекршочна, туку кривична пријава, а сторителот веќе добил и притвор. А тоа пак, како ни „функционира системот“ многу добро се виде во случајот со Ивана, во кој вкупно 39 полицајци погрешно постапиле по пријавите за семејно насилство кои биле поднесени против нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски. Непотребна е и дистанцата дека полицаецот е припадник на претходницата, па Мицкоски не го гледал често, јасно е дека тепачот бил во неговото опкружување

 

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за членот на неговото обезбедување, за кого беше објавено дека завршил во осумдневен притвор поради семејно насилство врз сопругата, ја даде следната изјава во која се препознава спин:

Спин: Тоа е уште еден доказ дека законот важи подеднакво за сите и тука нема никаква дилема. Така е и овој случај. Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото кога членови на обезбедување на претседателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети, во овој случај гледате – мал престап и системот функционира. Тоа е уште еден доказ. И така ќе продолжиме во иднина. Недисциплина не толерирам не само во рамките на моето обезбедување, за волја на вистината, тој е припадник на претходницата која не ја гледам јас често. А за волја на вистината, сопругата е ќерка на мој колега од факултет. Така што од прилика, да имате информација за што станува збор

[Извор:  Официјален Фејсбук профил на премиерот Христијан Мицкоски (од 14,00 до 15,06 минута од видеото); Тајм.мк – Датум: 06.06.2026]

Контраспин: По поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Гоце Делчев“ во Аеродром, премиерот Мицкоски беше прашан за коментар за членот од неговото обезбедувањето којшто е во притвор поради тоа што ја тепал сопругата, за тоа какви мерки ќе бидат преземени и како таков човек се нашол во неговото обезбедување? (од 14,00 до 15,06 минута од видеото). Премиерот се пофали дека ова е уште еден доказ дека законот важи подеднакво за сите, и дека за разлика од порано сега при најмал престап, системот веднаш функционира.

Одговорот на премиерот остава впечаток  дека тој ја спинува вистината и некако ја релативизира тежината на семејното насилство, квалификувајќи го како „мал престап“. Мицкоски ја потенцираше и функционалноста на системот, нагласувајќи дека времето на неказнивост е минато, а истовремено се дистанцираше од случајот оградувајќи се дека насилникот е „припадник на претходницата која тој не ја гледа често“.

Дали се работи за „мал престап“?

За што всушност станува збор. Член на обезбедувањето на премиерот – 39 годишен полициски службеник, заврши во осумдневен притвор со кривична пријава за семејно насилство, откако ја истепал својата сопруга – докторка, сопственик на приватна ординација.

Според Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 2 мај кога полицаецот  Р.Р. (39), физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга. Таа пријавила дека во семејниот дом била физички нападната, дека ѝ биле упатени закани и дека ѝ бил оштетен мобилниот телефон. Истиот ден во 23 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода.

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава по итна постапка против Р.Р. (39), вработен како полициски службеник во  ОЗОЛО- ЕОПРСМ при Министерството за внатрешни работи, поради основано сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда” по член 130 став 2 од КЗ, односно затоа што на 02.05.2026 физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга. Р.Р. е лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор во траење од осум дена, информираа за случајот од МВР

Паралелно со кривичната постапка, против насилниот полицаец се активирани и внатрешните механизми на МВР. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди најави строги санкции:

Против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место,

За ова дело на полицискиот службеник му се заканува затвор од шест месеци до три години .

Според членот 130  од Кривичниот законик (стр.56) во кој е опишано делото „телесна повреда“, тој што друг телесно ќе го повреди или ќе му го наруши здравјето ќе се казни со парична казна – или затвор до три години. Ако пак, делото се случи при вршење семејно насилство сторителот ќе се казни со казна затвор од 6 месеци до три години.

Фото: Принтскрин од Кривичен законик

Така што, наспроти ставот на премиерот, ова не е мал престап.  Не се работи за дело за кое се добива прекршочна, туку следи кривична пријава, а сторителот веќе добил и притвор од 8 дена. За тоа дека премиерот го сведе семејното насилство на „мал престап“, остро реагираа и од Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост.

„Шамарање“

Разликата меѓу прекршочна и кривична пријава сликовито ја објаснува претходникот на Мицкоски, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ – експремиерот Никола Груевски, во снимките со прислушуваните разговори кои во 2015 година ги обелодени тогашната опозиција. Во еден од разговорите, оној за  „спонтаните“ протести пред Општина Центар во јуни 2013 година за изградба на црква во центарот на Скопје, прикажани во 23-та бомба, (од 12,35 минута од видеото), се слуша како Груевски од тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески бара да организира инцидент во кој Жерновски ќе добие неколку јаки „шамари“.

НГ: У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само.

Фалби за системот, дистанца од насилникот

Мицкоски во случајот со семејното насилство извршено од страна на полицаец од неговото обезбедување се фали со функционалноста на системот и уверува дека поминало времето на неказнивост. Арно ама, прилично дискутабилно е дали навистина ни „функционира системот“? Впрочем, за тоа најдобро говорат извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон Европската Унија – делот за владеење на правото и борба со корупцијата. Како ни „функционира системот“ многу добро се виде и во случајот со Ивана Јовановска од Скопје која на почетокот на март годинава почина по пад од балкон со нејзината шестгодишна ќерка Катја. Внатрешната контрола на МВР тогаш покажа дека вкупно 39 полицајци погрешно  постапиле по пријавите за семејно насилство кои биле поднесени против нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски.

Исто така, премиерот непотребно го приватизира случајот, нагласувајќи дека нападнатата сопруга е ќерка на негов колега од факултет. Непотребна е и дистанцата дека полицаецот е припадник на претходницата, па Мицкоски не го гледал често, јасно е дека тепачот бил во неговото опкружување.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција