Контраспин: Трајановски спинува околу неговата ефикасност

Градоначалникот можеби е ефикасен, ама е далеку од најефикасен. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна

Градоначалникот Трајановски кој од граѓаните на Скопје го бара третиот мандат има нереализирани крупни проектни ветувања, особено во делот на инфраструктурата и екологијата. Оттука, неговото спротивно тврдење е извртена вистина или спин

 

Градоначалникот Трајановски кој од граѓаните на Скопје го бара третиот мандат има нереализирани крупни проектни ветувања, особено во делот на инфраструктурата и екологијата. Оттука, неговото спротивно тврдење е извртена вистина или спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Еден од кандидатите за нов градоначалнички мандат за Скопје, Коце Трајановски, презентирајќи ја својата програма на отворањето на градскиот изборен штаб, меѓу другото го искажа и следново тврдење што го сметаме за спин:

Спин:  Моите програми никогаш не биле ветени, а да не се реализираат. Се надевам дека мојата посветеност и работа на терен веќе ви е позната…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна – датум: 29.09.2017]

 

Контраспин:  Коце Трајановски, кандидат за градоначалник на Скопје во трет мандат, претставувајќи ја својата програма за можниот мандат од 2017 до 2020 година, се претстави како кандидат кој секогаш ги реализирал ветените проекти, што го сметаме за извртена вистина и спин.

Steel wool light painting

lOK-IZB

„Вистиномер“ уште во 2013 година се занимавал со ова прашање. Иако се земени само 17 од ветените 201 проект за тој мандат (за другите биле поставени се прашања, а не бил добиен одговор), проверката покажува реализација на ветеното во целост од 33 отсто и делумно исполнување од 24 отсто. Што се однесува, на пример, за ветените од тој мандат проекти од областа на просторното планирање и уредување на просторот, каде што имал ветено 5 проекти, проверката покажала дека процентот на целосна и делумна реализација изнесувал 40 отсто, додека 60 отсто не биле исполнети. И во областа на градскиот паркинг и пајак службата проверката на „Вистиномер“ покажала дека во периодот од мандатот 2009-20013 имал 25 отсто исполнети ветени проекти, а 75 отсто биле само делумно исполнети.

Поединечните проверки што ги правеше „Вистинимер“ во изминатите години, исто така, покажуваат дека има проекти кои биле ветени, а до ден денес не се исполнети и тоа не било кои, туку поголеми и позначајни од областа на инфраструктурата и од областа на животната средина. Така, на пример, не е реализирано ниту едно од ветувањата за подземни улици или надземни крстосници на две нивоа, за што „Вистиномер“ направил проверка.

Иако најдобро стои кај проширување и продолжување на старите булевари, ниту тука не му течело се мазно, па еден дел од булеварите се проширени со големи задоцнувања, а доизградбата на некои од нив, како на пример „Христијан Тодоровски – Карпош“, сè уште не е реализирана во целост, а она што е реализирано е завршено со огромно доцнење.

Еден од капиталните проекти, ветувањето за изградба на современ Луна парк, може да се каже дека не е реализирано, а веќе се фрлени многу стотици илјади евра во идејни проекти, главни проекти, тендери, и т.н. Дури во август и септември годинава, направени се некои подготовки на теренот со ископ на неколку темели за идните реквизити.

И во областа на животната средина или подземната инфраструктура има некои, не баш мали неисполнети проекти што биле ветени. На пример, сè уште не е изграден главниот фекален колектор на десниот брег на реката Вардар, за што „Вистиномер“ пишуваше неодамна. Сè уште во фаза на изградба е фекалниот колектор од левата страна на Вардар. Но, тоа не му пречи на Трајановски да најавува пречистителна станица во Трубарево за Град Скопје!?

Овој проект ветуван и најавуван уште од 2012 година, засега е само во фаза на изработка на студија, за што сведочи и во својот последен Отчет градоначалникот Трајановски. Изградбата не е воопшто едноставна затоа што станува збор за проценета вредност од 100 милиони евра во која треба да учествува и Владата (која веќе на последната седница нешто разгледувала), како и средства од странски грантови. Самиот рок на изградба, пак, според една проценка направена од самиот Град Скопје, би можел да се оддолжи до 2040 година. Значи, за нешто што може да се гради до 2040 година, се ветува во следниот мандат.

Но, Трајановски има и други крупни неисполнети ветувања околу заштита на животната средина. На пример, нема изградено, а вети, модерна компостара за преработка на органското, биоразградливото ѓубре. Она што го има направено, а е значајно, е Интегриран катастар на загадувачи. Но, иако и тој документ и едно друго длабинско истражување покажуваат дека најголем загадувач со ПМ 10 и ПМ 25 честичките, кои се сметаат за најопасни по здравјето на луѓето, е начинот на греење на домаќинствата во Скопје, а дури потоа сообраќајот и градежната прашина, Трајановски се обиде со половични мерки да го решава проблемот, како што, на пример, беше проектот за субвенциионирање за печки на пелети.

Ако има Катастар на загадувачи, Трајановски кај животната средина не успеа да изготви во неговиот мандат т.н. Зелен Катастар. Па така, дури и да се точни бројките дека за еден мандат зазеленил 330 илјади метри квадратни (што е еднакво на 60 фудбалски игралишта), бидејќи нема Зелен катастар, ние не знаеме колкава била зелената површина во Скопје пред 2013 година за да може да се направи споредба. (Во еден научен труд се наведува бројка од над 600 хектари во средина на минатата декада). Според последните информации изработката на Зелениот катастар е сè уште е во тек, иако е ветуван со години, дури и пред 2013 година.

Можеби најголем кикс на Трајановски околу екологијата е начинот на склучување на јавно-приватното партнерство за управуање со депонијата Дрисла, каде што тој лично и Советот на Град Скопје упорно изгласуваа по неколку пати, договорот да биде склучен со италијанска компанија, со многу грешки во процедурите и неисполнувања на тендерските барања, иако Управниот суд, според последната одлука, пресуди во корист на таа компанија.

Дека не се исполнети повеќе ветувања на Трајановски, меѓу кои има и крупни, зборува и податокот од истражувањто на Призма, кое, исто така, се занимава со факт-чекинг во областа на локалната самоуправа. Според нивните проверки во последните 4 години од предвидениот градски буџет за капитални инвестиции биле реализирани само 54 отсто од средствата.

Поради погоренаведените аргументи, тврдењето на Трајановски дека нема ветен, а нереализиран проект го оценуваме како извртена вистина или спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција