Контраспин: Трајко Вељановски со лицемерна дефиниција за тоа што е национален интерес

Вељановски на лизгав терен со националниот интерес. Фото: Обработка „Вистиномер“

Точно е, како што вели Вељановски, дека ќе се избира помеѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата. Само уште да дефинира точно, што се највисоки национални интереси, а што е лицемерие кое се затскрива зад нив

 

Точно е, како што вели Вељановски, дека ќе се избира помеѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата. Само уште да дефинира точно, што се највисоки национални интереси, а што е лицемерие кое се затскрива зад нив

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието Трајко Вељановски на прес конференција одржана на 23.11.2016 во неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, ја даде следнава изјава:

Спин: Граѓаните мора да знаат дека на 11-ти декември одлучуваат меѓу унитарна и суверена Македонија или двојазична, кантонизирана и федерализирана Македонија. Граѓаните мора да знаат дека на 11-ти декември одлучуваат меѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата за која животите ги дадоа илјадници, илјадници Македонци.

[Извор: Веб страна на ВМРО ДПМНЕ, датум: 23.11.2016]

 

Контраспин: Изјавата на Трајко Вељановски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, и дел од кандидатските листи на партијата за изборите на 11 декември, со очигледно потценување на фактите, пресот го заврши со недвосмислен спин околу тоа за што ќе се гласало на претстојните избори.

Најпрво за делот од изјавата дека на 11 декември ќе се гласало за унитарна или за двојазична, федерализирана Македонија. Трајко Вељановски и врвот на неговата партија немаат ама баш од никаде доволно силни аргументи да го потврдат овој спин, на кој – тоа веќе посериозните аналитичари го оценија – ќе инсистираат до крај на кампањата за овие избори, како, безмалку, единствена карта на која ќе се обидат да ги анулираат другите сериозни теми. Ова е така, затоa што ниту настапите на Заев на кои се повикуваат (околу двојазичноста), ниту пак, политичката програма што ја објави СДСМ, не нудат цврсти аргументи за тврдење од овој тип на Вељановски, особено, пак, не за федерализација на Македонија. Лидерот на опозицијата, во сите свои изјави досега, секогаш оставаше по една ограда, која спинерите од партијата на власт, како и други околу нив, секогаш ја забораваат кога спинуваат отрпилика дека ако СДСМ дојде на власт ќе направеле предавство на националните интереси. Таа ограда е заборавена и кога спинуваа за изјавата на Заев во интервјуто за НОВАТВ и кога зборуваше за можна, да повториме, можна промена на Уставот на Клик плус на 21 ТВ и кога му го пуштаат она парче од средбата со албанската дијаспора во Швајцарија.

Вистината е следна: Заев ниту рекол некаде децидно дека ќе воведе двојазичност со закон и со промена на Устав, ниту рекол некаде децидно дека ќе го смени Уставот, уште помалку, пак, рекол дека е за федерализација. Она што навстина го рекол, може да се протолкува дека јазикот не смее да биде пречка за разбирање и дека со рамковниот договор е можно, ако се има добра волја, секој во средината каде што живее да го употребува својот мајчин јазик, кој не смее да биде пречка за остварување на неговите граѓански права пред институциите. Но, и ова е сосема доволно за спинување кое веќе нема крај.

А, дека е чисто спинување, потврдува и фактот што Трајко Вељановси и сите функционери во таа партија, вклучувајќи го и Никола Груевски, остнаа неми на „топката за волеј“ што им ја потфрли вчера ДУИ, објавувајќи дека главен столб во нивната програма за овие избори ќе биде закон за двојазичност на целата територија на РМ. ДУИ е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, има добри изгледи повторно да освои најмногу пратеници меѓу албанското гласачко тело, иако многу помалку од последните избори и сосема веројатно ќе биде иден коалиционен партнер на победникот во тн. македонски блок. Оттука, зошто Вељановски и ВМРО-ДПМНЕ молчат за ваквиот настап на ДУИ, кој не е прв досега, туку последен пат тоа го сторија и на крајот на 2015 г., а упорно, дури и по вчерашната јасна изјава на Заев дека нема да го смени Уставот, продолжуваат со спинувањето? Одговорот лежи во вториот дел од спинот на Трајко Вељановски:

Граѓаните мора да знаат дека на 11-ти декември одлучуваат меѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата…

 

КОРУПЦИЈАТА И ПРИСЛУШУВАЊЕ – НАЦИОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ!?

Да ги тргнеме настрана сите игри околу одбраната на националните интереси на ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ во последните десет години, вклучувајќи ги и оние од типот:  „Тачи Војвода“(2006-2007), „Името не го даваме – освен во Букурешт за НАТО“(2008), „Хашките случаи мора да завршат во суд – освен ако Собранието не ги протолкува автентично“, „Пензии за ветераните од ОНА – ама да не се разбере од Викиликс“(2011) „Калето не го даваме“(2014), „Кумановско Диво Насеље го одбранивме од терористи“(2015), „Крстот во Бутел не го даваме ама не го ни градиме“(2016), итн, итн.

Ваквиот мизансцен на образованиот, ама сè повеќе гледаме од праксата и на необразованиот гласач во Македонија, му станува сè појасен. Гласачите се учеле уште од „драмолетките“ на „Битпазар“(1992), каде со практицирање на силна власт се криеше постоењето на шверцот со цигари организиран од истата таа власта; преку „Одбрана на знамето во Тетово и Гостивар“ во 1997, каде со полиција и војска се криеше девалвацијата на денарот и последиците од ТАТ, а најмногу преку бесмислениот воен конфликт од 2001 година, кој донесе најмногу трагедија на сите граѓани на Македонија, кога се одработуваа разни туѓи сценарија, додека вистинските проблеми на граѓаните можеа да се решат без употреба на оружје.

Графички приказ на СЈО за прислушувањето
Графички приказ на СЈО за прислушувањето

ПРОСЕЧНИОТ ГЛАСАЧ ВО ТЕК НА ДВЕ ДЕЦЕНИИ СТАНА УЧЕН

Просечниот гласач во Република Македонија, полека, за овие две и пол децении научил дека вистинските национални интереси, преку политичките елити, се употребуваат како евтина стока на црна берза, за да се покрие предавството на истите тие вистински национални интереси. Кои се тие?

Дали заштитата на национални интереси не се наоѓа во што побрзо зачленување во Европската унија, преку исполнување на сите неопходни стандарди и во демократска и во економска смисла? Каде е Македонија денес во однос на ЕУ, покажа последниот извештај на Европската комисија.

Дали заштитата на вистинските национални интереси е да се поткупуваат клиентелистички пензионерите со разни бенефиции, кога од сите страни, а, пред сè, од учени страни, доаѓаат предупредувања дека станува збор за поткопување на еден од главните фондови во државата и со тоа поткопување на сигурноста на генерациите пред нас. Дали тоа е вистински национален интерес?

Дали заштитата на вистинските национални интереси се изградба на Скопје 2014-16-18, каде се потрошени без проверка кај гласачите, без претходно да се прашаат луѓето на референдум, околу 700 милиони евра досега, со огромен број индиции за висока корупција при изградбата. Дали на пример, во овој контекст, зградата на Јавното претпријатие Водвод и канализација од Скопје, која сè уште е недовршена, а веќе чини 22 милиони евра, е вистинска заштита на национален интерес?

Дали заштитата на вистинските национални интереси подразбира партизираност на државата до тој степен што младите генерации сè повеќе ќе се отселуваат во странство, барајќи си ја нивната иднина и просперитет?

Дали заштитата на националните интереси подразбира создавање услови за нетранспаретно и неотчетно владеење и управување со јавните пари, до тој степен што ќе создадете услови за медиумски мрак, поткупување на медиуми и уништување на други, до степен да ве оценат како неслободна земја во однос на темелното човеково право слободно да се изразува и да биде информиран?

Дали заштитата на националните интереси е во тоа да се уценуваат и манипуираат луѓето за кого и како да го дадат нивниот глас при избори? Притоа, уште да ги навредувате малцинските групи?

Дали заштитата на националните интереси е во тоа што ќе прислушувате незакoнски директно како таргети околу 6.000, а индиректно над 20.000 граѓани на сопствената земја со години, со претпоставени цели и силни индиции за остварување на контрола на „се што мрда“ во државата, а и со јасни индиции за лични бизнис интереси?

….

Република Македонија одамна е во политичка криза поради лошо владеење, пред сè, на владејачката елита во изминатите најмалку 8 години, од кои најмалку 4, поинтензивно. Излезот од таа криза, со помош на меѓународни претставници, четири најголеми политички партии ја договорија преку усвојување на Итни реформски приоритети, од кои нема ни „И“, како и преку вонредни парламентарни избори, за кои после Јулскиот договор во 2016г. беше утврдено дека ќе се одржат на 11 декември.

Оттука, изјавата на Трајко Вељановски дека на 11 декември ќе се бирало помеѓу унитарна и суверена Македонија или двојазична, кантонизирана и федерализирана Македонија, е недвосмислен спин. Точно е, како што вели, дека ќе се избира помеѓу концепт кој обезбедува сигурност и заштита на највисоките национални интереси и концепт кој води кон разградување на државата. Само уште да дефинира точно, што се највисоки национални интереси, а што лицемерие што се затскрива зад нив.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција