Контраспин: Транспарентност не се само изјавите на премиерот
Пратеникот Љупчо Пренџов целата транспарентност на институциите ја сведе на изјавите што премиерот Христијан Мицкоски ги дава во рамки на дневните активности на терен и кои често се и пи-ар изјави. Со тоа Пренџов спинуваше пред јавноста дека досега не видел политичар со поголема транспарентност
Пратеникот Љупчо Пренџов целата транспарентност на институциите ја сведе на изјавите што премиерот Христијан Мицкоски ги дава во рамки на дневните активности на терен и кои често се и пи-ар изјави. Со тоа Пренџов спинуваше пред јавноста дека досега не видел политичар со поголема транспарентност
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеникот Љупчо Пренџов во рамки на тв дебата изрече став за транспарентноста на сегашната влада во кој може да се препознае спин
Спин: …Транспарентноста и отчетноста во која било демократија треба да бидат основни столбови и одлика. Јас немам видено досега политичар (кажува дека зборува за премиерот Христијан Мицкоски), кој што секој втор дена има прес конференција која што трае по 30, 40, 50 минути и медиумите ги поставуваат сите оние прашања и добиваат одговори и од првиот човек на владата и се разбира од некој министер или градоначалник ако се присутни. Така што во поглед на транспарентноста во поглед на премиерот – следам политика долго време – јас ваква транспарентност и отчетност и ваква комуникација со медиуми кои што се претставници на јавноста, каква што има премиерот Мицкоски, немам забележано.
[Извор: Телма/Топ Тема – Пренџов (после 38.30 мин.); датум – 27.01.2024]
Контраспин: Пратеникот Љупчо Пренџов кој не е баш кратко во политиката, спинува еден најважен аспект – транспареноста на институциите ја поистовети со контактите на премиерот со медиумите преку изјави, што за Пренџов се прес-конференции.
Во дебатата во делот за Програмата на Владата за 2025 година, пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска ја наметна како недостиг и транспарентноста на институциите на власта за која рече дека очекува и натаму да се намалува, на што го доби како одговор она што го посочуваме како спин во овој текст.
Но, дури и да ја сведе целата дебата за транспарентност на Владата само на изјавите на премиерот, Пренџов ја извртува вистината и од аспект што изјавите на премиерот не се секој втор ден прес-конференции од 30, 40, 50 минути, туку тие се краток дел од некој дневен настан на кој премиерот обично одговара на две, три прашања. Освен ова и новинарот и гостинката го потсетија Пренџов, дека транспареноста на Владата најточно може да се види преку информациите што може да се видат на веб- сајтот на Владата (https://vlada.mk/).
А факт е, што го забележуваат и новинарите и пошироката јавност, дека откако сегашната влада функционира, а тоа е од 01.07.2024, на веб-сајтот веќе нема соопштенија после секоја седница на министрите и премиерот, во кои беа вадени една, две три најважни точки за кои расправала Владата Таквата практика, како што истакна и гостинката, како добра практика постоеше цело време за мандатот на претходните влади.
Кога ќе се оди на секцијата Отворена Влада, па на точката Седници на Влада и Записници од седници на Влада, може да се дојде до некои основни податоци. Таму на пример се гледа дека до денеска Владата одржала 46 седници, а кај записниците последниот е објавен од 40-тата седница одржана на 17.12.2024 година. Ваквото доцнење е наследено, го имаше и во мандатот на претходните влади, иако експремиерот, Зоран Заев и неговите одговорни им ветуваа на новинарите дека ќе се реализира и прашањето на транскрипти од владините седници. Нешто што никогаш не се случи.
И кога сме веќе кај транспарентноста да потсетиме дека еден претходен премиер, Никола Груевски, при крајот на мандатот дури практикуваше и телевизиски пренос на владините седници, кои најчесто беа користени да се покаже посветеноста на Груевски, кој често знаеше и јавно да ги искара министрите или замениците министри дека ни си ја завршиле работата. Што значи, преносот го користеше исклучиво за сопствен пи-ар.
И согласно Стратегијата за транспарентност (изготвена и со помош на Метаморфозис) и согласно индикаторите според кои веќе седум-осум години кај нас и во регионот Метаморфозис учествува во мерењата на отвореноста на централните и локалните институции, може да се каже дека пратеникот Пренџов во дебатата со најобичен спин транспарентноста на институциите ја сведе (само) на изјавите и прес-конференциите на премиерот Мицкоски.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар