КОНТРАСПИН: Транспарентноста и законитоста за долгот не може да бидат деструкција

Пешевски: „Ние не сме транспарентни, ама опозицијата и нанесува штета на државата.“ Фото: Влада на РМ

Не може инсистирање на начелото на јавност и транспаретност, згора на тоа и законитост, да биде деструкција, односно да ја урива репутацијата на Република Македонија. Напротив, имајќи ја предвид целата политичка криза и нетранспаретноста на трошењето на јавните пари, особено на проект каков што е Скопје 2014, сега веќе и 2016, токму власта е таа што го урнисува угледот на земјата

Не може инсистирање на начелото на јавност и транспаретност, згора на тоа и законитост, да биде деструкција, односно да ја урива репутацијата на Република Македонија. Напротив, имајќи ја предвид целата политичка криза и нетранспаретноста на трошењето на јавните пари, особено на проект каков што е Скопје 2014, сега веќе и 2016, токму власта е таа што го урнисува угледот на земјата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Неколку недели во Македонија се води жестока јавна расправа, главно на истомисленици, дека земјата не треба да се задолжува во странство со нова eврообврзница на толкава голема сума, особено не пред избори и особено не, нетранспарентно. Откако по упатено писмо од Кире Наумов, висок претставник од СДСМ, странските банки што го водат процесот ја прекинаа постапката за да ги проверат наводите за можна незаконитост, вицепремиерот Владимир Пешевски изјави дека со тоа опозицијата ѝ нанела огромна штета на угледот на РМ, читај декструкција, што е извртување на вистината или спин.

Спин:Со ова се нанесува огромна штета на репутацијата на Република Македонија, бидејќи и покрај тоа што не постојат никакви правни пречки за еврообврзницата, сепак, инвеститорите и советниците сите вакви написи ги следат со крајно внимание и ќе биде потребно сега да бидат дополнително уверени дека не постојат никакви пречки. Тимот врши исклучително добри презентации кај инвеститорите, индикативниот интерес беше поголем од било кога досега, за било која претходна обврзница што ја издала Република Македонија, што е една потврда и уверување од страна на инвеститорите дека веруваат во економските политики на Владата и во перформансите кои што ги има македонската економија. Овој застој ние веруваме дека ќе биде од краткотрајна природа и дека процесот сепак успешно ќе го приведеме до крај, но сепак репутациски се нанесува огромна штета на Република Македонија и за тоа одговорноста е целосно кај опозицијата.

[Извор: Канал 5, преку Нетпрес, Датум, 14.07.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Неколку извртувања на вистината има во оваа изјава на Пешевски, а слични и во соопштението на Министерството за финансии на Република Македонија. Ние нема детално да навлегуваме во законитоста и препукувањата кој член од кој закон е важечки или не е, иако ќе споменеме некои членови од некои закони кои докажуваат дека станува збор за извртување на вистината. Но, најпрво, најсилниот аргумент, а тоа е транспарентноста.

Имено, процесот на издавање не само на оваа, туку и на претходните еврообврзници, не е докрај или воопшто транспарентен, на начин на кој јавноста да може да разбере за што конкретно ќе се трошат парите. Притоа, во услови на постојано политичко обвинување за трошење на јавни пари во предизборни коруптивни цели (зголемување на пензии, ислати на разни видови социјална помош, започнување на јавни работи пред избори, и.т.н), сосема е оправдана реакцијата на јавноста и на речиси сите опозициски парламентарни или вонпарламентарни партии, од кои некои, како Левица на пример, беа и радикални, соопштувајќи и на домашната и на странската јавност дека доколку дојдат на власт нема да ги исплќаат овие новопреземени обврски.

Министерството за финансии соопштува дека целиот процес на издавање на Ерообврзницата бил законски и врз основа на Законот за јавен долг:

Еврообврзницата се издава согласно Законот за јавен долг член 18 став 5 кој гласи државните хартии од вредност во име на Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал ги издава Министерствотто за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија со која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку државни хартии од вредност. Владата на седница одржана на 21.6.2016 година донесе одлука за издавање на еврообврзница и истата е објавена во Службен весник на РМ.

Овој податок што го наведува Министерство е точен. Но Министерството не кажува дека во споменатиот Закон за јавен долг постои и глава наречена

ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ

Во оваа глава до пред две години, во член 27 постоеја 4 става во кои прецизно се наведуваше дека задолжувањето мора да биде јавно и мора да има стратегија за управување со јавниот долг. Првиот став гласеше:

(1) Регистарот за јавниот долг и Регистарот за издадените државни гаранции се достапни на јавноста.

Но во 2014 година, се носи измена на овој закон со кој меѓу другото се интервенира и во член 27, при што овој прв став комплетно се брише. Од 4 става сега членот 27 се упростува на 2, при што е избришна и обврската за стратегија за управување со јавниот долг (види член 24 во Измената). Со други зборови, како што расте задолжувањето на РМ, државниот и јавниот долг, транспарентноста станува сè пооскудна или покомплицирана за пошироката јавност, а тоа е препуштено на Владата и на Собранието еднаш годишно.

Токму и затоа на веб страницата на МФ последната стратегија за управување со јавниот долг е за 2010-2012 година, а информациите во покомпликувана форма се префрлени во Билтените.

Во врска со транспарентоста, да посочиме и на друг закон. Закон за Влада, оваа истата која ја донела одлуката и ја објавила во Службен весник, со што транспарентноста е недостапна за пошироката јавност, зашто изданијата од тековната година не може да се проверат бесплатно. Во тој Закон за влада се наведува дека Владата е транспарентна во своите одлуки.

Членот 6 предвидува „Заради остварување на својата надлежност Владата донесува годишна програма за работа“, а членот 7 став еден, дека „Владата е должна да ја информира јавноста за својата работа и за реализација на програмата од член 6 на овој закон“.

Но, доколку ја отворите веб страницата на Владата во делот Програма, ќе најдете збирна програма на Владата за 4 години, а таму пак, на страна 6 се наведува дека целта на Владата ќе биде „зачувување на умерен буџетски дефицит, макроекономска стабилност и поддршка на македонската економија преку зголемен обем на капитални инвестиции. Тоа подразбира одржување на контролиран буџетски дефицит кој постепено ќе се намалува“, а во однос на задолжувањето, „целта е и во следниот мандат Македонија да ја задржи сегашната позиција, односно да остане меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа“.

Впрочем, ако Владата работи според Годишна програма, па донела одлука заради остварување на своите политки да издаде еврообврзница, како тогаш таа еврообврзница се однесува и на 2017 година, како што соопштуваат институциите и надлежните?

 

ТРАНСПАРЕНТНОСТА Е ОСНОВНО НАЧЕЛО И КАЈ БУЏЕТОТ

Во врска со транспаретноста, не е одвишок да се знае и Законот за Буџет.

Во членот 3 кој гласи Буџетски цели и начела, ставот 1 гласи:

(1) Основна цел при подготвување и извршување на буџетот е макроекономската стабилност и одржлив и стабилен национален економски развој.

Ставот 2 од овој член од законот пак, ги уредува постапката за носење и извршување на Буџетот, која мора да се заснова на 8 начела, меѓу кои, освен оние за рамнотежа, сигурност, економичност и тн.н., го предвидуваат и начелот за Транспарентност (начело бр. 7):

Транспарентност, кое подразбира достапност на јавноста во сите фази на подготвување и извршување на буџетот;

Имајќи предвид дека пошироката јавност речиси и воопшто да не беше запозната со целите, ако се исклучат општите фрази на премиерот Емил Димитриев и на министерот за финансии Кирил Миновски – сигурност, плати, пензии, во услови на криза наметната од опозицијата, итн…, ниту пак со начините на трошење и стратегиите за управување и враќање на долговите, вклучувајќи ја и оваа еврообврзница со која Македонија ќе се задолжи за околу една милијарда евра плус, изјавата на вицепремиерот Владимир Пешевски ја оценуваме како спин.

Зашто, не може инсистирање на начелото на јавност и транспаретност, згора на тоа и законитост, да биде деструкција, односно да ја урива репутацијата на Република Македонија. Напротив, имајќи ја предвид целата политичка криза и нетранспаретноста на трошењето на јавните пари, особено на проект каков што е Скопје 2014, сега веќе и 2016, имајќи ги предвид и сомневањата на јавноста за криминални активности при други задолжувања (кинеските кредити) или трошења на јавните пари (ИПА фондовите), токму власта е таа што го урнисува угледот и ја черечи репутацијата на земјата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција