Контраспин: УКИМ не смее да биде спинерска тема на партиите

Фото: Колаж на Вистиномер

Секое градење цврст став и комуникација на тој став со јавноста само врз основа на една ранг листа на некои од бројните во светот, е осудена со ризик за спинување уште во старт. Од тука, нема сомневање дека, иако ВМРО-ДПМНЕ се повикува на точен податок од една ранг листа, ставот дека нивните политички противници на власт СДСМ и ДУИ го допреле дното во образовните политики е едноставно спин, бидејќи основата на тврдењето е ранг листата на CWUR за првиот дел од 2023 година во однос на УКИМ. Исто како и ставот/одговорот на СДСМ, дека Мицкоски бил виновен за таквата позиција на УКИМ…

Секое градење цврст став и комуникација на тој став со јавноста само врз основа на една од бројните ранг листи во светот, е осудена на ризик за спинување уште во старт. Оттука, нема сомневање дека, иако ВМРО-ДПМНЕ се повикува на точен податок од една ранг листа, ставот дека нивните политички противници на власт СДСМ и ДУИ го допреле дното во образовните политики е едноставно спин, бидејќи основата на тврдењето е ранг листата на CWUR за првиот дел од 2023 година во однос на УКИМ. Исто како и ставот/одговорот на СДСМ, дека Мицкоски бил виновен за таквата позиција на УКИМ…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ искомуницира со јавноста соопштение за политиките на СДСМ и ДУИ во образованието, во кое се детектира спин:

Спин: Нема дно кое власта на ДУИ и СДС не може да го пробие. Кога јавноста ќе помисли дека во секторот образование не може да биде полошо, доаѓа нов пораз и неуспех, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Имено најдобриот македонски универзитет, УКИМ, бележи пад од 26 места на листата на Центарот за рангирање на светските универзитети во споредба со лани. Од 1964 место сега дошол до 1990 место и е далеку зад универзитетите во регионот. Универзитетите во Крагуевац, Нови Сад, Ријека според рангирањето се далеку подобри од македонскиот најдобар универзитет. Ова само покажува дека во Македонија се случува сериозен пад на квалитетот на високото образование со оваа власт на СДС и ДУИ. Нема инвестиции во науката, нема инвестиции во образованието, нема инвестиции во човечкиот капитал и кадарот на универзитетите, велат од партијата.

[Извор: Курир.мк – ВМРО-ДПМНЕ: Нема…– датум: 18.05.2023]

 

 

Контраспин: Најголемата партија во опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, иако своето најново соопштение го базира врз точни податоци во најголем дел, сепак, со заклучокот и за Универзитетот и за оценката за своите политички противници во однос на нивните политики во секторот образование – де факто спинува, т.е. ја извртува вистината.

Спинот е едноставен. Своите оценки ВМРО-ДПМНЕ ги базира врз неодамнешната објава на МЕТА.мк дека УКИМ повторно паднал на ранг листата на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). Веста е потврдена од официјален извор, самиот CWUR, а покрај тоа инфографикот изработен врз основа на споредба на рангирањата во послeдните пет години покажуваат тренд на контуниуран благ пад од 1816 место во 2019 до 1990 место во 2023 година.

Но, градење на став само врз основа на оваа ранг листа на најдобри универзитетите е однапред осудено на ризик од спинување, токму поради постоењето на повеќе ранг листи и повеќе методологии како тоа се прави. Да не се оптоваруваат непотребно читателите, еве го ставот на самиот УКИМ кон кои ранг листи се ориентира и ги следи, согласно тоа и својата позиција на истите, а CWUR е само една од нив:

Во изминатиот период заложбите на УКИМ, заедно со сите членови на научно-истражувачкиот кадар на Универзитетот, се да поставиме одредени рамки и да направиме пат кој би ни овозможил подобрување на резултатите. Во предвид ги зедовме светските ранг листи, на кои како Универзитет се стремиме да се искачуваме нагоре.

Фокусот на УКИМ е кон универзитетски рангирања на:
•    Scimago Rank,
•    Webometrics Ranking of World Universities,
•    QS World University Rankings,
•    Center for World University Ranking (CWUR), како и
•    Times Higher Education World University Rankings (THE) и
•    Academic Ranking of World Universities (ARWU) или Shanghai Ranking, за која листа свесни сме дека се потребни дополнителни заеднички залагања
Секако, постојат и други рангирања на универзитетите низ светот, но како најзначајни и релевантни во академскиот свет, фокусот е на претходно наведените  – објави УКИМ во втората половина од март годинава (17.03.2023).

Раст на УКИМ според SCIMAGO и Вебометрикс

Мало пребарување на темата веднаш води до спротивставени податоци од овие од CWUR. На пример, наспроти континуираното паѓање во изминатите пет години на оваа ранг листа, во јануари е констатиран пораст на рангот на УКИМ на друга листа – Scimago Rank:

Од аспект на вкупно рангирање на 4.364 универзитети за 2022 година, УКИМ се најде на 657-то место. Се воочува тренд на подобрување, односно од 743 место за 2020, кон 727 место за 2021 и 70 места погоре за 2022 година, соопшти Универзитетот на 23 јануари, а веста ја пренесе и МИА со што и голем дел од медиумите во земјата.

Ако се погледне целото соопштение на УКИМ за ова, објавено на нивната страница на ФБ, ќе се забележи, меѓу другото, дека во 2014 година севкупно од кадарот на УКИМ биле објавени 538 научни публикации, додека во 2022 година 668 научни публикации, што е само еден од показателите врз кои се рангира УКИМ на SCImago Rank.

На 3-ти февруари годинава, повеќе медиуми објавија најново рангирање на Вебометрикс ранг листата, според која УКИМ со своето 1526 место за 2022 година, направил скок од цели 68 места. Деталите може да се прочитаат на повеќе вести објавени тој ден на Тајм.мк. Ова значи дека и според SCImago и според „Вебометрикс“, во 2022 година, УКИМ имал раст во однос на 2021 година. А, ако се оди наназад по години може да се види дека може да се зборува и за континуиран раст, на пример кај Вебометрикс, по падот што е заблежан од 2014 година кога УКИМ бил на 1400 место од над 20 илјади универзитети во светот.

Ако уште се истражува на интернет, ќе се дојде до податокот на пример дека во 2016 година УКИМ воопшто не се наоѓал на Шангајската ранг листа, толку често споменувана во нашата јавност, барем според тврдењето на пензионираниот универзитетски професор Томе Николоски.

УКИМ како монета за поткусуравање

Како што може да се види, секое градење цврст став и комуникација на тој став со јавноста само врз основа на една ранг листа на некои од бројните во светот, е осудена со ризик за спинување односно извртување на вистината. Оттука, нема сомневање дека, иако ВМРО-ДПМНЕ се повикува на точен податок од една ранг листа (за разлика од лани кога дезинформираа), ставот дека нивните политички противници на власт СДСМ и ДУИ го допреле дното во образовните политики е едноставно спин, бидејќи се потпира врз ранг листата на CWUR за првиот дел од 2023 година.

Исто како што е спин контра одговорт на СДСМ, дека резултатите биле такви поради такви професори како Христијан Мицкоски („Мицкоски и неговата академска кариера имаат директно влијание врз актуелната состојба во високото образование“- СДСМ).

***

Двете партии не само што дефинитивно треба да ги остават универзитетите, вклучувајќи го и УКИМ настрана од своите политички поткусурувања, туку треба да се посветат (во зависност од тоа кога се на власт), на многу позначително финансирање во образованието и во науката (во сите три степени), со цел да се обезбедат услови за научно-истражувачка работа и што подобро место на ранг листите. Со тоа, меѓу другото, ќе се намали и одливот на студенти што секоја година го бележи земјава поради нивниот избор да студираат некаде надвор, макар и во регионот, наместо на домашните универзитети.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција