Контраспин: Вељаноски во говор од една страничка три пати ја изврти вистината

Непринципелен говор за „непринципиелната криза“. Фото: Собрание на РМ-веб сајт

Нема друг збор освен извртување на вистината ако тврдите дека политичката криза во земјава била непринципиелна, дека сите овие 25 години независност во Македонија на прво место биле правата граѓанинот и колективните права и дека единствена пречка за влез во НАТО и ЕУ е исклучиво Грција

 

Нема друг збор освен извртување на вистината ако тврдите дека политичката криза во земјава била непринципиелна, дека сите овие 25 години независност во Македонија на прво место биле правата граѓанинот и колективните права и дека единствена пречка за влез во НАТО и ЕУ е исклучиво Грција

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, по функција втор човек по важност во државата, на свечениот прием во Парламентот по повод 8-ми Септември, во релативно краткиот говор „од една страничка“, изрече неколку извртувања на вистината.

Спин 1:  Сепак, годинава во која одбележуваме 25 години од нашата самостојност, ја поминуваме во една непринципиелна политичка криза.

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Трајко Вељаноски не е од вчера во политиката. Тој долги години е дел од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, долги години е дел од државната администрација и долги години, во два мандата е претседател на Собранието на РМ, највисок орган на власта во земјава.

Оттука, Вељаноски треба да знае дека нема принципиелна и непринципиелна политичка криза, туку има само мала или голема и длабока политичка криза. Зборот непринципиелна упатува на тоа дека политичката ситуација во земјава била „принципиелна“, т.е. се се одвивало како што треба со владеењето на правото, со спроведувањето на Уставот и законите и дека, ете, се случило нешто непринципиелно, т.е. некој ни ја наметнал кризава, што, пак, е речник многу добро познат на сите високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Сите тие повторуваат – кризата е наметната од СДСМ, а по некој од нив додава дека СДСМ е само пион во улога на странски служби.

Во Македонија постои драстично прекршување на почитувањето на законитоста, а корените на актуелнава криза започнаа уште со исфрлањето на пратениците од Собранието на РМ на т.н. „Црн понеделник“ во 2012 година. Кулминацијата, пак, настана со објавувувањето на тајно сниманите телефонски разговори во кои јавноста можеше да добие силни докази/правно гледано индиции, за огромна злоупотреба на власта и за корупција од страна на партијата на Вељаноски и нивните коалициски партнери.

Затоа, посочувањето дека кризата била непринципиелна, од претседател на Собранието, во случајот Вељаноски, е непринципиелна констатација, а што е најважно, извртување на вистината или спин.

Спин 2: Дваесет и пет години посветени на развој на една држава и млада демократија не е некој долг период, но верувам дека во овој период постигнати се многу позитивни резултати на сите полиња. Од економијата, културата, образованието, здравството и така натаму. Сепак, тоа што, според мене, е најважно, е дека во овие 25 години на самостојност, секогаш во преден план бил човекот, односно граѓанинот и неговите индивидуални и колективни права.

Контраспин: Дали се постигнати „многу позитивни резултати на сите полиња“ за 25 години, како што вели Вељаноски, е дискутабилна тема, која е, сепак, мерлива и може да се докаже спротивното во една многу поопсежна анализа. Но, бидејќи човекот го употреби зборот „верувам“, нема да дебатираме со тоа тврдење. Сепак, во контекстот на тврдењето, Вељаноски се обидува да протне уште едно големо извртување на вистината, а тоа е следното: „… во овие 25 години на самостојност, секогаш во преден план бил човекот, односно граѓанинот и неговите индивидуални и колективни права.

Во овие 25 години независна држава Република Македонија, правата на граѓанинот беа и сè уште се упорно потценувани и одземани од страна на политичките елити, вклучувајќи ги и последните десет години на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Нема да одиме со длабока експликација. Тука ќе ги наведеме само оценките за напредокот на Македонија на патот кон европските интеграции, потоа извештаите на САД, т.е. на Стејт департментот за почитувањата на правата на граѓаните во Македонија, Извештаите на Советот на Европа и на разни тела при СЕ за владеењето на правото и корупцијата, како што се Венцијанската комисија и извештаите на ГРЕКО, потоа извештаите на специјални оддели на Обединетите нации, како што е одделот за слобода на говор и слобода на медиуми, чиј поранешен шеф Франк Ла Ру уште во 2013 година изготви исклучително негативен извештај за Македонија на тоа поле… Но, ако некој забележи дека се повикуваме само на странски извештаи, може да го упатиме на извештаи на сите порелевантни домашни граѓански организации кои спроведувале некакви истражувања на тема правата и слободите на граѓaнинот во РМ, како да упатиме и на читање на архивски, но и актуелни медиумски содржини од сите релевантни медиуми, кои со децении известувале за одделни или масовни прекршувања на индвидуалните права на граѓаните во РМ.

Што се однесува, пак, до колективните права, тие во Македонија очигледно не биле почитувани во целост, барем од независноста до 2001 година, а за некои колективитети, не се почитуваат ниту денеска. Иако постојат разни уверувања и анализи за нешто поинакви мотиви за војната во Македонија во 2001 година, сосема е јасно дека тие дури и да постоеле, немало да се случи ништо подраматично, ниту, пак, Охридскиот договор, доколку се било во најдобар ред со почитувањето на колективните права на Албанците во Македонија. Што се однесува до Ромите, како малцинска и маргинализирана група, Македонија и денес ги почитува нивните права декларативно, а во пракса среќаваме многу предрасуди, говор на омраза и прекршувања на нивните колективни и одделни човекови права и слободи, што може да се пронајде во извештаите на Европската комисија, Хелсиншкиот комитет за човековите прва, извештаите за спроведувањето на Декадата на ромите 2005 – 2015 во граѓанските организации на посветени на правата на Ромите.

Спин 3: Факт е дека во остварувањето на нашата стратешка определба за членство во НАТО и ЕУ, единствена пречка е билатералниот спор со нашиот јужен сосед, но мислам дека е започнат добар процес на градење на заемна доверба како прв чекор во решавањето на овој апсурден спор.

Контраспин: Фактите зборуваат дека за зачленувањето во НАТО единствена пречка беше Грција, а за отпочнувањето преговори за во ЕУ, веќе не е само Грција, туку и отстапувањето од основните копенхашки критериуми што важат за сите аспиранти за во ЕУ. Меѓу нив се поделба на власта на три независни власти, владеење на правото и слобода на говор и слобода на медиуми. Македонија сè уште нема добиено негативен извештај од ЕК за нејзиниот напредок, но во последните две години добива исклучително негативни оценки во извештаите токму во овие сегменти од севкупниот извештај.

Што се однесува до тоа дека „е започнат добар процес на градење заемна доверба“ со Грција, тука само би потсетиле дека по 2008 година, власта во земјава (ВМРО-ДПМНЕ) не мораше да инсистира на изградба на споменик на Алекандар Велики, не мораше аеродромот во Скопје, главниот стадион и автопатот да се преименуваат во Александар и Филип, а и не мораа да се преземаат и многу други елементи на т.н. „антиквизација на РМ“, кои нашиот јужен сосед ги искористи како елементи за кои тврдеше дека ја поттикнуваат недовербата.

Оттука и ова тврдење на Вељаноски, дека Грција е единствената брана на патот до ЕУ и НАТО е извртување на вистината (бидејќи е полувистина) и го означуваме како спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција