Контраспин: Ветувањата за медиумскиот сектор на ВМРО-ДПМНЕ – спинови и контрадикторности

Фото: META

 

Програмата содржи три точки од кои две, за МРТ и за саморегулацијата, се контрадикторни и се спинови, додека третото ветување е спин во делот за ослободување на непотребна регулација за медиумите во соработка со медиумите 

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

апомена: Тука можете да ја најдете анализата на предизборната програма на СДСМ во делот за медиумите.)

 

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Проект: Обнова на Македонија“ има посветено посебно поглавје за плановите на оваа партија (стр. 44) во врска со промените што сака да ги направи во секторот медиуми.

 

Реформи во Јавниот радиодифузер МРТ со нов закон и стратегија!?

Добро е тоа што ВМРО-ДПМНЕ посебно и на прво место го става фокусот на реформи на јавниот радиодифузер, МРТ или НРТ, како што сега е официјалното име. Но, после воведните забелешки од општ карактер, колку таа куќа е значајна за општеството и држвата во целина, како и тоа дека МРТ била во сѐ полоша состојба од осамостојјувањето до денес, се наведува следниот план:

Спин: Најпрво, ќе подготвиме стратегија за развој на МРТ, за да знаеме каков јавен сервис сакаме и кои се потребните ресурси за да го постигнеме тоа. Потоа, ќе ангажираме стручен кадар, за да можат да се остварат дефинираните цели. Ќе ангажираме образовани и способни новинари, режисери, музичари и други профили на експерти и креативци, кои ќе ја доведат информативната програма на светско ниво, кои ќе ја обноват музичката, играната, образовната, документарната, научната продукција на МРТ и на Македонија.

Конраспин: Стратегијата за развој на МРТ за да знаеме каков јавен сервис сакаме, е контрадикција сама по себе. Улогата на јавните сервиси е секаде истапокривање на сите сегменти во општеството преку навремено, објективно и сеопфатно информирање, плус продукуција на сериозна и квалитетна информативна, образовна, документарна, културна, детска, забавна и спортска програма и трето, користење на новите дигитални технологии за сегментирано, таргетирано профилирање на специјализирани канали на јавниот сервис (нешто што рудиментирано започна со корона кризата).

Затоа, не е задача на партијата/евентуалната идна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да прави сратегија за развој. Стратегијата за развој на веќе дефинираните содржини на секој јавен сервис, ја прави раководството на јавниот сервис по барање од Програмскиот совет – врвно раководно тело на јавниот сервис.

Спин: Ќе се донесе нов закон за МРТ, кој ќе ја регулира работата на јавниот медиумски сервис, кој ќе го ослободи од политички влијанија и ќе овозможи независна кадровска политика, ангажирање на најдобрите новинари и креативци, и работа на проекти со светски квалитет

Контраспин: Новиот закон за МРТ требало да се донесе за да се ослободи јавниот сервис од политички влијанија и да се овозможи независна кадровска политика???

И во постојниот „закон за МРТ“, составен дел од Законот за аудио визуелни медиумски услуги, сето ова одамна е вградено, а одредени членови за начинот на избор на членови на Програмскиот совет и за финансиската независност на МРТ се дури и значително подобрени. Проблем е, што остварувањето на дел од овој закон (избор на Програмски совет), беше попречуван во еден добар временски период од Комисијата за избор и именувања во претходниот состав на Собранието, со која раководеше Илија Димовски, кој под разни изговори одби да ја стави точката на дневен ред, иако конкурсот од страна на Собранието веќе беше распишан.

Второ, од 2007 година до денес и членовите на Програмскиот совет и на раководството на МРТ, се, де факто, лица кои се избирани од претходното владејачко мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Кој ги спречувал досега да го применат законот што им гарантира уредувачка и финансиска независност, освен еден краток период од 2019 г. кога на МРТ не ѝ беше доделена планираната финансиска поддршка од буџетот во целост, за што, неформално, една од причините беше токму и блокирањето на примена на изменетииот закон. Да не зборуваме за огромни проблеми со трошењето на финансиите, а уште поголеми проблеми со вкупниот имот на МРТ, кои се многу стари и кои се нотирани во ревизорските извештаи на ДЗР, а кои старото и сѐ уште актуелно раководство на МРТ ги нема исправено.

Спин: Рок 2022, Буџет 1, 275 милијарди денари

Контраспин: Во ветувањата за МРТ партијата нуди: Стратегија за развој, вработувања, изработка на современ веб сајт (патем стариов, според шпекулации ги чинел 100 илјади евра), и изработка на нов закон. За сето ова се нуди рок од две години, што е тешко остварливо, зашто само процесот на избор на нови раководни тела би траел половина година, изработка на стратегија најмалку уште половина година, а сето друго да се спроведе за една година? Невозможно, искуствено говорејќи за сите што се разбираат во медиуми.

Но, главниот спин е во буџетот за сето ова, кој ќе изнесува 20,7 милиони евра! Јавноста треба да знае дека некаде околу 2014 година МРТ по разни основи имаше над 21 милион евра годишен приход, а дека со новиот закон од 2018 година, во 2021 година треба да се одвојуваат 1 отсто за радиодифузната дејност, од што 74.5 отсто од тие пари за МРТ. Или „во превод“, 26,6 милиони евра! (калкулација според вкупните приходи на ребалансираниот буџет за 2020, како што е според законот). Ако, пак, се мислело дека само за наброеното (стратегија, вработувања, нов сајт) се потребни уште 20,7 милиони евра, тоа ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе треба за МРТ да одвои покрај веќе планираните 26.6 милиони евра за 2021 г., плус уште по 10 милиони евра дополнително и за таа и за следната 2022 година, што поради сите околности во земјава и светот е речиси неостварливо.

 

Саморегулација во рамки на регулаторот!?

Второто максимално контрадикторно ветување/спин на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на саморегулацијата:

Спин: Ќе иницираме формирање на професионално тело за саморегулација на медиумите, под закрила на АВМУ, со учество на релевантните медиумски организации…

Контраспин: Станува збор за неспроведлива и невозможна мисија која во првата реченица ја кажува својата максимална контрадитроност/спин – саморегулација под капата на регулаторот (АВМУ). Ова е апсурд сам по себе, зашто саморегулацијата, како што кажува и значењето на зборот, е процес во кој медиумите се здружуваат со цел да ја зголемат довербата пред својата публика/граѓаните, на начин што одредуваат или прифаќаат постоечки етички правила и формираат тела избрани од нив, при што преку процес на жалби ќе се грижат за спроведување на етичките стандарди во новинарството.

Тоа се независни, високо професионални тела за саморегулација, која, пак, има историјат од нешто повеќе од 100 години (почнувајќи од норвешкото саморегулаторно тело од почеток на 20-ти век), при што никогаш и никаде не е поврзана со регулаторните тела за медиуми, освен ако не станува збор за соработка наречена корегулација. Но, тоа е сосема нешто друго (види линк тука, стр.34), а од ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ нема назнака дека мислиле за тоа….

Патем, спин е и дека тоа може да се направи со буџет од 180 илјади денари или помалку од 3 илјади евра. Оваа сума не е доволна ниту за просечна бруто годишна плата на еден стручен соработник во такво тело .

 

Владата ќе оценувала што е издржано?

Третата заложба исто така содржи, во еден главен дел, спин.

Спин: По формирањето на Владата, ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори дијалог со медиумите за сите форми на регулаторни притисоци со кои се соочиле во изминатиот период и ќе ги прифати сите издржани предлози кои ќе помогнат медиумите во иднина да можат да работат слободно.

Контраспин: Ова, на прв поглед, одлично звучи. Современо, дерегулација, инклузивно, соработка со медиуми и на крај доаѓа спинот претставен преку зборот издржани! Имено, тоа подразбира дека владата е таа што ќе цени што од предлозите на медиумите е издржано, а што не е. Ова е опасен спин, затоа што се враќа на практиката на арбитрерност од Владата/политиката, која може во практика да го користи ваквиот метод за влијание врз уредувачката политика, преку неразумни дерегулации, што би довеле до нарушување на остварувањето на јавниот интерес во сферата на работењето на медиумите.

Наместо ова, секоја идна влада ќе мора да ги прифати стандардите на регулација што се дефинирани во директивите, упатствата и препораките на Советот на Европа, на други документи на ЕУ, а кои се во согласност со Европската конвенција за човекови права, при што инклузивноста се обезбедува не само со медиумите, туку, пред сѐ, со вклучување на медиумските организации и со почитување на експертски мислења, а не на интересите (исклучиво финансиските) само на медиумите.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција