Контраспин: Владата сепак работи со компас и стратегија во надворешната политика

Венко Филипче. Фото: СДСМ/веб

Можеби на голем дел од политичката, стручната па и општата јавност потегот што го направи македонската влада со резолуциите во ООН не им се допаѓа, сепак извртување на вистината е да се каже дека таа работи без компас и стратегија во надворешната политика. Таа е започната уште летото, пред американските претседателски избори

Можеби на голем дел од политичката, стручната па и општата јавност потегот што го направи македонската влада со резолуциите во ООН не им се допаѓа, сепак извртување на вистината е да се каже дека таа работи без компас и стратегија во надворешната политика. Таа е започната уште летото, пред американските претседателски избори

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција изнесе став во кој, во еден дел може да се забележи извртување на вистината:

Спин: Некако како да е сè конфузно и како Владата да се движи без компас, со носење на некои ад хок одлуки. Замислете, премиерот излегува и вели дека така одлучиле само. Станува збор за стратешкиот правец на земјата кој повеќе од три децении е тој којшто е, со јасно стратешко партнерство и со европските земји и со САД. Секогаш во делот на надворешната политика нашата стратегија се градела во контекст на заедничко партнерство и со ЕУ и со САД

[Извор: 360 Степени – Филипче/прес Датум: 26.02.2025]

 

Контраспин: Воздржаното гласањето за двете резолуции што поминаа низ Генералното собрание на ООН, иако РСМ беше коспонзор на една од нив, американската, не може да биде доволен чекор за тврдењето на Филипче дека надворешната политика нема компас, ниту стратегија.

Овие потези, сепак, се резултат на компас и стратешка определба што полека се наѕира од страна на Владата и на МНР, а тоа е продлабочување на врските со САД. Тоа продлабочување започна уште пред претседателските избори во САД, уште лани летото по Самитот на НАТО, по што се сретна со луѓе од блискиот периметар на Доналд Трамп, како што се изразува премиерот, а потоа сличен состав, меѓу кои повторно амбасадорот Ричард Гренел, сега пратеник на Трамп за специјални мисии, беше пречекан во владините простории во Скопје. Односите се продлабочија и со посета во САД по изборите на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, потоа со присуство на Мицкоски на инаугурацијата на Трамп, па со однесувањето и контактите на Минхенската безбедносна конференција, со присуството, интервјуата, говорот и контактите на Мицкоски на годишната конференција на конзервативните и крајно десните партии во Вашингтон и ова од последната недела, со спонзорирањето на резолуцијата на САД во ГС, која потоа по тврдења на Мицкоски истата таа американска резолуција помина во Советот за безбедност.

Можеби на голем дел од политичката, стручната па и општата јавност потегот што го направи македонската влада не им се допаѓа. Тој може да се толкува и како радикално свртување и ако е така, Мицкоски сепак е должен да го соопшти тоа како нова политика – на пример, ја напуштаме ЕУ и интеграцијата и бираме/бараме нешто трето. Сепак, за тоа има премалку докази. Затоа што иако кусиот одговор на Мицкоски беше дека „ете така одлучивме“(за резолуцијата), веднаш потоа се јави МНР со појаснување дека поддршката за Украина и осудата на руската агресија останува како официјален став на РСМ.  А и Мицкоски на 25.02. се дообјасни на новинарско прашање, па потврди дека С. Македонија останува усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Ако кон ова се додаде дека и МНР на 24.02. беше осветлено во боите на украинското знаме, дека на одбележувањето на тригодишнината од почетокот на агресијата претседателката Гордана Сиљановска – Давкова присуствуваше на настанот организиран во ЕУ делегацијата во Скопје од страна на украинската амбасадорка, па и нејзиниот конкретен одговор од вчера (26.02.) дека земјата „не ја менува надворешната политика“(види од 2.50 мин.), тогаш навистина има премалку штоф да се тврди дека стратешкиот курс на надворешната политика е променет.

Но, ако се земат сите потези во надворешната политика од лани во јули кога новиот состав на владата започна да делува ефективно, покажуваат дека сепак има и курс и стратешка определба да ги приближи и зацврсти односите со САД, а притоа да остане и на стратешката определба за интеграција во Европската Унија. Иако на овој пат има, така да се каже, равенка со повеќе непознати, не може да се тврди дека нема курс и определба и затоа овој дел од излагањето на Филипче може да се оцени како извртување на вистината и спин.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција