Контраспин: ВЛЕН со спинуван одговор до ДУИ за Албанците во безбедносниот сектор

Фото: скриншот

Темата што ја отвора ДУИ – Албанците и раководниот кадар во трите т.н. тајни служби, макар и со доза на преувеличување во констатациите – е сепак легитимна тема и прашање од јавен интерес. Одговорот од владејачките партии изостана, со исклучок на ВЛЕН, кој пак реагираше со објавување на имињата на дел од вработените во М-НАВ кои биле во роднински или други блиски односи со ДУИ. Иако тврдењата за непотизам најверојатно се точни, во одговорот нема ни збор за тврдењата на ДУИ, што е спинување поврзано со основната тема

Темата што ја отвора ДУИ – Албанците и раководниот кадар во трите т.н. тајни служби, макар и со доза на преувеличување во констатациите – е сепак легитимна тема и прашање од јавен интерес. Одговорот од владејачките партии изостана, со исклучок на ВЛЕН, кој пак реагираше со објавување на имињата на дел од вработените во М-НАВ кои биле во роднински или други блиски односи со ДУИ. Иако тврдењата за непотизам најверојатно се точни, во одговорот нема ни збор за тврдењата на ДУИ, што е спинување поврзано со основната тема

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Коалицијата ВЛЕН, која е дел од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, во одговор на тема покрената од ДУИ спинува со друга тема:

Спин: Еве како ДУИ ги „заштити“ Албанците со тоа што си ги удоми: Верона Груби – снаа на Артан Груби како шеф на Архива, Беса Халими – снаа на Ејуп Халими како раководителка на набавки Афердита Халими, Ајсере Алиу, Румеја Османи – членови на семејството на Ејуп Халими, Гзиме Хасани – сопруга на Мухарем Хасани, Рејхане Османи – сестра на Бујар Османи, Арбин Весели – внук на Беким Незири, Бурак Исмаили – син на Хисни Исмаили и Самир Буши – син на Назиф Буши“.

[Извор: Тајм.мк – ВЛЕН: М-НАВ е најјасниот пример…; датум-  19.02.2025]

 

Контраспин: Од ВЛЕН, која е дел од владејачката коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, се послужија со стар трик кога станува збор за избегнување на конкретен одговор и на опозициската ДУИ ѝ одговараат со тврдења кои немаат допирна точка со темата што ја покренуваат од штабот во Мала Речица, што е своевидно спинување.

Имено, од ДУИ кои често ја покренуваат темата за смислено истиснување на Албанците од раководните функции на институциите (и кои често знаат да ги преувеличат работите), пред два дена (на 19.02.), покренаа сосема легитимно прашање за контролата врз безбедносно-разузнавачкиот сектор во државата, со тврдење дека таму на тие позиции во моментот нема ниту еден Албанец.

Со длабока загриженост и целосна одговорност за стабилноста на државата и регионалната безбедност, јавно го осудуваме невиденото етничко исклучување што се случува во безбедносните и разузнавачките структури во Северна Македонија. За првпат од 2001 година, ниту една раководна позиција — директор, заменик-директор или помошник-директор — во трите клучни безбедносни агенции во државата, вклучително Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Военото разузнавање, не е во рацете на Албанците, велат од ДУИ, пренесува еден од онлајн медиумите.

Во подолгото писмено соопштение на ДУИ има и тврдење дека тоа било стратегија и повици за интервенција на НАТО и ЕУ и други меѓународни фактори – нешто што е недоследно зашто во земјата има институции за разговор за ова прашање. Но, има и констатација за загриженост која се наоѓа во следната реченица од соопштението: Последиците од овој неодговорен пристап може да бидат драматични и постепено да го вратат длабокото недоверие меѓу Албанците и државата, а особено кон безбедносните структури.

Се разбира дека ДУИ одговорите за ова прашање треба да ги бара пред сè во Собранието каде што активно партиципира со голема пратеничка група, а владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ треба да демантираат или да појаснат зошто е тоа така. Зашто вистина е, дека иако не е законска обврска, практиките зборувале за вклученост на Албанци во овие служби неколку години после конфликтот од 2001 година, со цел зголемување на довербата на меѓуетнички план. И токму затоа, темата што ја отвора ДУИ со своите тврдења е легитимна и е од јавен интерес.

Наместо одговор што би ги појаснил нештата околу оваа тема, од главната партија во власта ВМРО-ДПМНЕ немаше реакција, а од нивниот коалициски партнер ВЛЕН реагираа на несоодветен начин со објавување на имиња на вработени во Македонска навигација (М-НАВ), за кои се тврди дека се роднински поврзани со функционери на ДУИ.

Ова е срамен бастион на непотизмот, каде роднинските врски се поважни од компетенциите. Додека млади и квалификувани Албанци остануваат без работа, позициите во институциите се резервирани за синови, снаи и внуци на функционерите на ДУИ ги пренесува еден од медиумите ставовите на ВЛЕН.

Од ВЛЕН тврдат дека ДУИ вештачки зборува за „деалбанизација“ затоа што сакале да го скријат криминалот и непотизмот и затоа како пример ги навеле имињата на дел од вработените во М-НАВ.

Ова тврдење можеби е точно, но е метод на одговор со кој се спинува, односно се извртува вистината околу темата што ја отвора ДУИ. Бидејќи во одговорот што може да се прочита од медиумите нема ниту еден збор за тврдењето дека во трите безбедносно-разузнавачки агенции во моментов на ниту една од повисоките раководни позиции нема Албанец. Токму затоа одговорот од ВЛЕН може да се оцени како спин.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција