Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ не може да освои две третини од пратениците

Х. Мицкоски. Фото принтскрин

Секое споменување и повикување на две третини од пратеничките места за ВМРО-ДПМНЕ, за потоа тие да направат „чекор назад во однос на Преспанскиот“, што се разбира не значи и „враќање на името“, е чист спин. Спинот е насочен само кон мобилизација на гласачкото тело, кое од објективни или субјективни причини е неинформирано и слепо верува на одредени неспроведливи мантри од опозициската политичка елита

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во интервју за веб телевизијата на „Слободен Печат“, „Слободнна ТВ“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски го изрече следниот спин:

Спин: Тоа што сме го кажале во минатото многу пати, и сум го кажувал и јас – доколку имаме две третини од бројот на пратениците во македонското Собрание, тоа е единствениот начин да се создаде можност за чекор назад поврзан со Преспанскиот договор. ДА, ако тоа е вашето прашање да, еве, јас ќе потврдам…

(прашањето на новинарот беше дали ќе се доведеме во ситуација ако освои ВМРО-ДПМНЕ 2/3 од пратениците да го променат Преспанскиот договор)

[Извор: СлободнаТВ/СП/Youtube – Мицкоски – датум: 23.12.2019]

Контраспин: Она што го искажа лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – дека ќе пристапат кон промена на Преспанскиот договор, а не кон негово поништување, како што погрешно пренесоа во повеќето медиуми во земјата – несомнено е чист спин, т.е. извртување на вистината.

Основата на спинот не е во тоа дaли тие тоа реално го мислат и го сакаат, туку дека едноставно е невозможно да го сторат. И не поради сложеноста на постапките и процедурите во земјата и надвор, не поради праксата која покажала дека еднаш променета реалност тешко, или речиси никако, не се враќа назад за толку брзо време. Невозможноста за ВМРО-ДПМНЕ да го стори тоа произлегува од едноставнот факт дека е невозможно да освојат две третини од пратениците, па ако ни е дзволено да карикираме, дури СДСМ да реши да ги бојкотира изборите!

Ова го покажува расположението на избирачкото тело на сите редовни и предвремени парламентарни избори во земјата од 1991, до последните во 2016, но и на претседателските.

Најрадикалната ситуација што оваа земја ја имала на парламентарни избори, била кога ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски, заедно со Демократската партија на Петар Гошев, решија да го бојкотираат вториот круг од парламентарните избори во 1994 година и воопшто не влегоа во Собранието на РМ. СДСМ и нивните коалициони партнери здружени во Сојуз за Македонија освоија 87 мандати во Собранието со вкупно 329 илјади гласови, но при мнозински изборен систем и со излезност во вториот круг од 57,7 отсто.

Во 2014 година, кога екс премиерот и неговиот автократски режим беа најсилни, со излезност од 66,8 отсто и со припомош од гласачи со незаконски добиени лични карти, со бројачи што бројат ливчиња по затворањето на црните вреќи, со масовна употреба на медиуми на сопствена страна, итн., ВМРО-ДПМНЕ доби 61 пратеник, со освоени над 481 илјада гласови, за околу двесте илјади повеќе од СДСМ!

Изборите во 2016 година покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, иако е победничка партија, која потоа не можеше да состави влада, освоила 51 пратенички мандат со 454 илјади гласови!

Овие математики покажуваат дека, при иста излезност како во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ треба да освои околу 730 илјади гласови за да има околу 80 места во Собранието.

Најголемиот скор што го постигнале партиите во РС Македонија во разни историски периоди, кога во оваа земја живееле далеку поголем број луѓе од денес, е нешто над 500 илјади гласови и тоа во мнозински систем при избор на претседател на државата. Според тоа, можноста една партија или коалиција да освои 81 пратеничко место (иако теоретски е возможна), би рекле дека во реалноста во моментов е невозможна.

Оттука, секое споменување и повикување на две третини од пратеничките места за ВМРО-ДПМНЕ, за потоа тие да направат „чекор назад во однос на Преспанскиот“, што, се разбира, не значи и „враќање на името“, е чист спин. Спинот е насочен само кон мобилизација на гласачкото тело, кое од објективни или субјективни причини е неинформирано и слепо верува на одредени неспроведливи мантри од опозициската политичка елита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција