Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се огради дека ѝ правеле притисок на Ристоска

Фото: В. Џамбаски

Владејачката партија се обиде да стави равенство помеѓу оставката на обвинителката Ленче Ристоска и нејзиниот неизбор за државен јавен обвинител кој заврши неодамна, а истовремено и да се огради дека не постоеле притисоци врз нејзе и нејзиниот интегритет, што е спин

Владејачката партија се обиде да стави равенство помеѓу оставката на обвинителката Ленче Ристоска и нејзиниот неизбор за државен јавен обвинител кој заврши неодамна, а истовремено и да се огради дека не постоеле притисоци врз нејзе и нејзиниот интегритет, што е спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ само неколку часа по оставката на обвинителката Ленче Ристоска излезе со соопштение со наслов Оставката на Ристоска е ден на жалост за рекет обвинителите, и ден на среќа за обесправените – во кое може да се детектираат делови со спин:

Спин: Со внимание ја проследивме оставката на Ленче Ристоска, која до пред само еден месец самоуверено тврдеше дека дошло времето токму таа да застане на чело на обвинителството и да ја донесе толку посакуваната правда. Очигледно времето за кое зборувала, важело само доколку исходот од изборот е по нејзина мерка. Во моментот кога институциите постапија согласно закон и не ја потврдија нејзината кандидатура, истата таа визија за силно и независно обвинителство одеднаш исчезна и се замени со наратив за наводни притисоци и загрозен интегритетРистоска беше дел од истото СЈО кое беше водено од рекет дружината на Катица Јанева, кои дрпаа народни пари на име хонорари од СЈО и кое прерасна во машина за политички прогон…Јавноста има право да знае, дали оваа оставка е чин на принципиелност или политички перформанс насочен кон градење личен наратив на жртва. Вистинската борба за владеење на правото не завршува со избор или неизбор на функција, таа почнува токму тогаш.

[Извор:ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение: Датум – 02.04.2026] 

Контраспин: Владејачката партија преку извртување на вистината се обидува да искомуницира со јавноста дека оставката на обвинителката Ристоска се должела на нејзиниот неизбор за државен јавен обвинител, а дека во јавноста пласирала „наратив за наводни притисоци и загрозен интегритет“.

Тоа тврдење дека оставката на обвинителката се должи на неизборот е јасно видливо уште во првиот пасус од соопштението, а директно се препознава со реченицата: „Во моментот кога институциите постапија согласно закон и не ја потврдија нејзината кандидатура, истата таа визија за силно и независно обвинителство одеднаш исчезна и се замени со наратив за наводни притисоци и загрозен интегритет“.

Најпрво, делот од реченицата дека институциите постапија согласно закон и не ја потврдија нејзината кандидатура, е нецелосна вистина, зашто Ристоска практично не го помина само последниот филтер на избор во Владата, од четири кандидати кои ја поминаа институцијата Совет на јавни обвинители. И второ, тврдењето дека токму поради тоа нејзината визија за силно и независно обвинителство исчезнала, па се заменила со наратив за наводни притисоци и загрозен интегритет е извртување на вистината, зашто целата јавност беше и е сведок на притисок врз нејзе и од страна на владејачката партија и од страна на премиерот.

Впрочем, таквите примери Ристоска и ги посочи во својата претставка до Советот на јавни обвинители, кои ја разгледувале, но не нашле дека е загрозен нејзиниот професионален интегритет, за што впрочем „Вистиномер“ неодамна пишуваше.

Де факто, со ваквото тврдење во јавната комуникација, владејачката партија сака тежиштето да го префрли врз суетата и повреденото его на Ристоска заради нејзиниот неизбор, а заборавајќи на сите претходни притисоци, вклучително и во соопштение на партијата од 31.03.2026, каде што Ристоска, заедно со други двајца обвинтели од поранешното СЈО е оквалификувана со зборот „багра“:

Дали заборавија дека на чело на оваа политички инструирана и скапо платена багра која ја закопа правдата и амнестираше милионски криминали на Заев, стоеше осудената за рекет Катица Јанева? се наведува во дел од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти ова, Ристоска во образложението на својата одлука да поднесе оставка на функцијата јавен обвинител наведува две клучни причини:

Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза. Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.

Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција (извор-тука).

Наведените причини за нејзината оставка се јасно посочени. Така што тврдењето на владејачката партија која ја контекстуализира нејзината оставка во светло на фактот дека не била избрана за државен јавен обвинител, како и ставањето на квалификатив „наводни“ пред притисоци и загрозен интегритет, се спин, односно извртување на вистината.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција