Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ со исти проекти и по десет години

Фото: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатот за градоначалник на Битола, Зоран Илиоски, се обидува да ја спинува вистината и во очи на локалните избори да ја претстави ВМРО-ДПМНЕ како партија која ги исполнува дадените ветувања. Фактите покажуваат дека гасификацијата на Битола, на пример, е дел од проектот: „Гасификација на Република Македонија“, кој ВМРО-ДПМНЕ го вети уште за парламентарните избори во 2006 година во програмата „Преродба во 100 чекори“

 

Кандидатот за градоначалник на Битола, Зоран Илиоски, се обидува да ја спинува вистината и во очи на локалните избори да ја претстави ВМРО-ДПМНЕ како партија која ги исполнува дадените ветувања. Фактите покажуваат дека гасификацијата на Битола, на пример, е дел од проектот: „Гасификација на Република Македонија“, кој ВМРО-ДПМНЕ го вети уште за парламентарните избори во 2006 година во програмата „Преродба во 100 чекори“ 

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Пратеникот во Собранието на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски е кандидат за градоначалник на Битола , на прес-конференцијата на 03.10.2017 година, меѓу другото, ја деде и следната изјава во која ја извртува вистината:

Спин:Довербата на гласачите се стекнува со два принципи:

  • не го ветувај она што не можеш да го исполниш, и

  • исполни го она што ќе го ветиш.

Затоа, во изборната програма за Битола немаме ветувања туку имаме проекти, реални планови со конкретен буџет и рокови.

[Извор: веб – страница на ВМРО-ДПМНЕДатум: 03.10.2017]

  

Контраспин: Ваквата изјава на кандидатот за градоначалник на Битола, Зоран Илиоски, создава искривена слика дека  неговата партија (ВМРО-ДПМНЕ) која го номинираше за челната позиција во локалната власт, не дава празни ветувања, туку тоа што ќе им го вети на граѓаните го исполнува. Дека ваквото тврдење на Илиоски е чист политчки спин доволно е да се погледнат само приоритетни проекти во програмата (стр.15) на актуелниот градоначалник на Битола и негов сопартиец Владимир Талевски и да се забележи дека дел од крупните проекти биле најавени и пред четири години, во 2013 година. И не само тоа, Илиоски во програмата има ветувања кои се појавуваат во изборните програми на ВМРО-ДПМНЕ за повеќе циклуси на парламентарни избори.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

lOK-IZB

Така, на пример, Илиоски на прес-конференцијата на 03.10.2017 година, претставувајќи ги проектите кои планира да ги направи доколку го добие мандатот од битолчани рече:

Нема откажување и од проектите Гасификација и Топлификација.

Во 2019 откако ќе биде зваршен гасоводниот крак Неготино-Битола ќе почнеме со изградба на градска дистрибутивна мрежа. Истата година Битола треба да ги добие и првите корисници на топлинска енергија од РЕК, во рамките на проектот Топлификација кој веќе се реализира со кредит од германската развојна КаЕфВе Банка .

Гасификацијата на Битола е дел од проектот: „Гасификација на Република Македонија“, кој ВМРО-ДПМНЕ го вети уште за парламентарните избори во 2006 година во програмата „Преродба во 100 чекори“, (Енергетика , стр.54), со која Никола Груевски го доби првиот мандат. Истото ветување се повторува и во програмите во сите наредни изборни циклуси: 2008 (Енергетика, стр 88), 2011 (Енергетски сектор, стр 126), 2014 (Енергетски сектор, стр 132) и 2016 година (Енергетски сектор, стр.124-125).

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, исто така, го спомнува проектот за гасификација во неговата изборна програма  за локалните избори во 2013 година (во делот Комунални работи и инфраструктура, стр 41), каде е посочено:

Проект: Гасификација на општина Битола

Со вклучувањето на Република Македонија во проектот „Јужен поток“ и проектот за изградба на национална гасоводна мрежа, ќе се овозможи гасификација на општина Битола. Со изградбата на второстепената и на третостепената мрежа ќе се овозможат пониски трошоци за греење на домаќинствата и на компаниите, како и пониски трошоци за енергенти на производствените капацитети што корис- тат гас. Извор на финансирање: Буџет на РМ (Рок: декември 2016 година)

„Вистиномер“, минатата година пишуваше за овој проект кој се провлекува повеќе од десет години во програмите на ВМРО-ДПМНЕ. Проверката покажува дека досега е завршена изградбата на магистралниот гасовод Клечовце-Штип во должина од 61 километар , во тек е изведбата на трасата од Штип до Неготино,  за која беше најавено  дека треба да биде готова до крајот на 2017 година. На почетокот на годината (2017) почна да се гради и магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци и Прилеп до Битола во должина од 92 километри, како и делницата од Скопје до Гостивар со крак за Тетово, кои се очекува да бидат готови во 2019 година.

Во својот предизборен настап Илиоски ветува уште еден крупен проект, дека поранешната битолска Касарна во следните четири години ќе доживее градежна експанзија.

Ќе продолжиме да создаваме услови за нови колективни и индивидуални градежни инвестиции кои ќе значат раздвижување на економијата во Битола.

Ќе изградиме и асфалтираме уште три нови улици, ќе биде изградена атмосферска канализација за 13 улици, а блоковите АРМ 1 и АРМ 2 ќе добијат нова нисконапонска кабловска мрежа и улично осветлување.

Неговиот сопартиец, Талевски, пак, во 2013 година вети (стр.18) „Преадаптација на просторот кај касарната

Опис на проектот: Продадените парцели, кои се во изградба, ќе добијат потребна инфраструктура, ќе создадеме услови за изградба на нова населба на овој простор. Средства: 150.000.000 денари. Извор на финансирање: Буџет на Општината. Рок: континуирано

Но, според Очетот на Талевски за сработеното во периодот (2013 – 2017), овој проект е на самиот почеток:

Преку меѓународен тендер од Светска банка избран е најповолен понудувач кој ќе изврши изградба на 7 улици во поранешната касарна за реализација на проектот. 

Изградба на седум улици со тротоари, водовод, систем за атмосферска вода и улично осветлување во поранешна воена област AРM1 и AРM2 во Општина БитолаВкупната должина на улиците кои ќе се изградат со овој проект изнесува 2 км и 800 метри.

kasarna
Отчет на градоначалникот на Битола, Владимир Талевски 2013 -2017

Илиоски, исто така, ветува голем проект од областа на животната средина – дека ќе започне со изградба и на пречистителна станица и колекторски систем. Но, тоа го вети (стр. 44) и Талевски во 2013 година:

Проект: Реконструкција и проширување на канализациската мрежа во општина Битола и изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Битола (стр.44)

Опис на проектот: Изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Битола и изградбата на главниот колекторски систем за нивно прифаќање ќе овозможи решавање на проблемот со урбаните отпадни води и подобрување на еколошката состојба во регионот. Средства: 20 милиони евра. Извор на финансирање: 85 проценти од ИПА и 15 проценти од буџетот на РМ. Рок: 2015-2017 година

Според наведеното во Отчетот на Талевски, кој три мандати е на градоначалничката функција (од 2005 г.), ова ветување е во фаза на подготовка на студија и техничка документација за „Инвестициски проект за собирање и третман на отпадните води во Битола“.

precistitelna stanica
Отчет на градоначалникот на Битола Владимир Талевски 2013 -2017

Така што, овие примери доволно јасно покажуваат дека Илиоски се обидува да ја  спинува вистината и во очи на локалните избори  да ја претстави  ВМРО-ДПМНЕ, која 12 години ја има локалната власт во Битола,  како партија која ги исполнува дадените ветувања.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција