Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ спинува за датумот

 

 

Од каде знае ВМРО-ДПМНЕ кога ќе има датум за преговори со ЕУ? Уште поапсурдно и поспинерски е тврдењето дека датум ќе немало поради тоа што немало реформи, покрај „жив“ извештај на ЕК за напредок во реформските процеси во државата и „жива“ препорака преговорите да започнат веднаш

 

Пишува Теофил Блажевски

Спин: Владата на СДСМ пак излажа. Датум за преговори со ЕУ и оваа година нема.

СДСМ сега и со промена на име на државата нема да почне преговори поради тоа што нема реформи.

Заев треба да знае дека во ЕУ не се оди со партизирана администрација и непотизам од енормни размери.

Во ЕУ не се оди со руинирано здравство и лошо образование.

Во ЕУ не се оди со јавен долг кој за една година порасна за над половина милијарди евра.

Во ЕУ не се оди со криминални тендери во четири очи кои ги добиваат партиски послушници.

Во ЕУ не се оди со рекет на бизнисите и ограбување на граѓаните.

Сè додека Заев е премиер Македонија нема да добие датум за преговори со ЕУ.

 

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум, 30.05.2019]

 

Контраспин: Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ е извртување на вистината односно спин, по две –три основи.

Првиот е околу датумот за преговори. Партијата, т.е. врвот на партијата кој стои зад ваквите тврдења потпишани во име на партијата, не може да знае во овој момент дали државата, односно Владата на СДСМ оваа година ќе добие датум за преговори со Европската унија.

Повеќето факти и информации околу оваа тема зборуваат дека работите ќе станат појасни во втората половина на јуни помеѓу 18 и 21 јуни, кога ќе бидат состаноците на Министерскиот совет на Унијата, а потоа и Советот на ЕУ. Исто така, поголемиот број од информациите и изјавите, почнувајќи од Хан, потоа Могерини, па германскиот министер Рот, македонскиот министер Димитров, итн, укажуваат на тоа дека датум за преговори оваа година, сепак, би требало да има. Најголемата дилема е дали тој датум ќе биде одреден сега на крајот на јуни, во јули или во септември.

Но, како што кажа во дебатна емисија министерот Димитров, отпочнувањето на преговорите се смета првата техничка седница помеѓу Владата и Унијата што треба да се одржи при крајот на годината во декември, па оттаму, таа би се одржала и доколку датумот се одреди и во јули или во септември – октомври.

Вториот спин во изнесените тврдења од најголемата опозициска партија, се состои во втората реченица дека датум за преговори нема да има, затоа што нема реформи.

Можеби во голем дел од јавноста владее незадоволство поради бавноста на реформите, поради неефикасност во спроведување на реформите, поради компромисите што често се прават во однос на реформите при преговарањето помеѓу власта и опозицијата за одредени законски решенија…но, да се тврди дека нема реформи е неточно. Впрочем, најголем демант е самиот Извештај на ЕК. А и не само Извештајот, туку и документот што е објавен паралелно со Извештајот, а кој се однесува на проширувањето – ЕУ пакет на проширување 2019.

Конечно, последниот спин лежи во последната реченица – сè додека Зоран Заев е премиер, Македонија нема да добие датум за преговори со ЕУ.

Ниту некогаш од имињата на премиерите и нивните личности или партиски припадности зависело ЕУ проширувањето, ниту пак ќе зависи. Политиката на проширување на ЕУ е многу комплексна работа. Таа зависи од внатрешните политики на земјите членки и од ориентацијата на ЕУ како организација, а секогаш е поврзана и со внатрешните и надворешните политики на земјата аспирант. Дали премиер бил Заев, дали бил Мицкоски, или пак, некоја сосема друга личност,  за ЕУ тоа е најмалку важно. Важно е какви политики води дотичната личност што е на чело на извршната власт во земјата. И повторно, според сè што досега било кажано од ЕК, од ЕУ, од лидерите на најголемите земји членки на ЕУ, спин е да се тврди дека Зоран Заев е поврзан со датумот за преговори.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека соопштението/изјавата со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, е извртување на вистината, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција