Контраспин: Во Крива Река можеби немало цијанид 100 пати повеќе од дозволеното, но загаденоста е голема
Барањето на Емил Спасовски и ВМРО-ДПМНЕ до градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, кој е од редовите на СДСМ, да им се извини на граѓаните, како и повикот до Јавното обвинителство да „преземе дејствија и да го санкционира“ градоначалникот, бидејќи „ширел паника“ околу нивото на загаденост на Крива Река, е спинување, односно извртување на информациите. Нивното соопштение е фокусирано само на тоа дека немало 100 пати повеќе цијанид од дозволеното, без воопшто да се споменат потврдените концентрации, неколку пати над дозволените, на штетните материи во водите на Крива Река
Пишува: Стојан Синадинов
Емил Спасовски, пратеник од Крива Паланка во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата одржана на 06.04.2025 побара Јавното обвинителство да оформи предмет против градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, бидејќи, според Спасовски, свесно ширел паника за наводно загадената вода.
Спин: Обвинителство да оформи предмет против градоначалникот на СДС во Крива Паланка, Сашко Митовски, кој свесно ширеше паника за наводно загадената вода. Манипулацијата на Сашко Митовски не помина, водата во Крива Паланка нема цијанид 100-тици пати над дозволеното, дали сега ќе се извини? Сашко Митовски пред сè сега треба да им се извини првин на жителите на Крива Паланка, а потоа и на граѓаните на цела држава, за паниката која ја ширеше. Државниот инспекторат за животна средина излезе со јасни наводи, водата во Крива Паланка нема цијанид 100-тици пати повеќе од дозволеното. Недозволиво е неговата желба за ситни политички поени да треба низ колективна паника да ја чувствува цела Македонија. Очекуваме ЈО да преземе дејствија и да го санкционира градоначалникот Митовски. Ширењето на паника, мора да биде санкционирано. Крива Паланка и Македонија не смеат да бидат заложници на Сашко Митовски и СДС.
[Извор: Прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ – Датум: 06.04.2025]
Контраспин: Во барањето на Емил Спасовски и ВМРО-ДПМНЕ до градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, кој е од редовите на СДСМ, да им се извини на граѓаните – надополнето со повикот до Јавното обвинителство да „преземе дејствија и да го санкционира“ градоначалникот бидејќи „ширел паника“ околу нивото на загаденост на Крива Река – се препознава спин, односно извртување на информациите. Нивното соопштение е фокусирано само на тоа дека немало 100 пати повеќе цијанид од дозволеното, без воопшто да се споменат потврдените концентрации, неколку пати над дозволените, на штетните материи во водите на Крива Река.
Загадувањето беше потврдено од страна на директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.
Загадување имало, но цијанид, неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, нема, тврди директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, пишува Радио Слободна Европа.
На 14 март се случи еколошки инцидент во рудникот Тораница со кој управува компанијата БУЛМАК 2016. Тогаш пукна цевка од која се изли јамска вода во Тораничка Река, која е притока на Крива Река, па случајот ја алармираше јавноста, предизвикувајќи загриженост и остри реакции од еко-активистите.
Градоначалникот Митовски рече дека Крива Река е загадена со олово и цијанид по таа хаварија во рудникот и најави дека ќе бара кривична одговорност од одговорните.
Митовски на 03.04.2025, повикувајќи се на анализите на Институтот за јавно здравје и акредитирана лабораторија – спроведени на барање на риболовното друштво „Мрена“ и Општина Крива Паланка – алармираше дека водата во Крива Река е сериозно загадена и неупотреблива за која било намена, и побара итна реакција од надлежните институции, потенцирајќи дека резултатите од испитувањата се алармантни.
Анализите потврдуваат дека водата во Крива Река спаѓа во најлошата, V класа на загаденост, што значи дека е токсична и не може да се користи за никаква намена. Посебно загрижува зголеменото присуство на тешки метали како олово, кадмиум и цинк, кои се над дозволените граници, изјави Митовски.
Според резултатите од извршените испитувања, концентрацијата на олово изнесува 36,65 микрограми на литар, што е речиси четири пати над максимално дозволеното, нивото на кадмиум е повеќе од 20 пати повисоко од дозволеното, а водата содржи и енормни количини на манган и цинк.
Матноста на водата е 170 NTU – далеку над дозволените 10, а суспендираните материи надминуваат 7.876 микрограми на литар, што е повеќе од 120 пати над дозволеното ниво. хипертрофична вода која во природна состојба не може да се употребува за ниедна друга намена. Концентрацијата на штетни супстанции што ги надминува акутните нивоа на токсична за водниот свет. Вода во оваа класификација, петта класа, не смее да се користи за ништо ниту, пак, за наводнување – ги презентираше Митовски резултатите од испитувањата.
Компанијата „Булмак 2016“ која оперира со рудникот Тораница на прес-конференцијата одржана ден претходно, на 02.04.2025, излезе со тврдења дека не се случила еколошка катастрофа, повикувајќи се на лабораториските анализи на акредитираната лабораторија „Еуромак Контрол“:
…нивото на цијанид е далеку под дозволените граници, а присуството на тешки метали како арсен, никел, манган, железо и жива е во рамки на безбедните вредности. Единствено, вредноста на олово била 52,8 микрограми на литар, нешто над дозволената граница за води од трета класа, но, како што беше појаснето, тоа е природна карактеристика на водите во регионот.
Градоначалникот Митовски на тоа реагираше дека „не е јасно како компанијата може да тврди дека хаваријата во нивниот рудник нема никаква врска со загадувањето, кога анализите недвосмислено покажуваат присуство на метали што се користат во нивниот производствен процес“.
Затоа Митовски побара од Јавното обвинителство итно да реагира, а Општината Крива Паланка ќе поднесе кривична пријава. Јавното обвинителство веќе презема дејствија во предистражна постапка со цел да се испита дали има евентуална кривична одговорност при загадувањето на Крива Река од рудникот „Тораница“ чиј концесионер е фирмата „Булмак 2016“ ДООЕЛ Пробиштип, јавија медиумите.
Наспроти спинувањето на пратеникот Емил Спасовски на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, два дена претходно потврди дека имало загадување на Крива Река.
Цијанид нема неколку стотици пати над дозволеното. Според нивните анализи има за десетици пати над дозволеното, а според анализите кои се направени од БУЛМАК нема цијаниди. Во анализите од Риболовното друштво ’Мрена‘ кои се направени во ИЈЗ не се испитувани цијаниди, а во извештаите кои ги имам јас кои се направени од акредитирана лабораторија која не е ни ’Еуромак‘, ни ’Технолаб‘ цијаниди во Крива Река има помалку од два, посочи Гиновска.
Таа најави дека еколошкиот инцидент во рудникот Тораница целосно ќе биде расчистен и ќе има правна разрешница.
Според А интегрираната дозвола што ја има рудникот не смеело да им пукне цевка и да се излее вода во Тораничка Река за што веќе се казнети правното и одговорното лице. Загадување имало, се излеало јамска вода, но во какви размери е загадувањето и дали е за кривична одговорност не може пред време да прејудицираме. Сета документација ќе биде предадена во Основното јавно обвинителство Куманово (надлежно и за подрачјето на Крива Паланка) кое веќе води предистрага за случајот, рече Гиновска.
Оттука, во име на заштитата на животната средина, а уште повеќе како собраниски пратеник од Крива Паланка, Емил Спасовски не треба да го спинува случајот со загадувањето на Крива Река, повикувајќи го градоначалникот Сашко Митовски да се извини за ширење паника, а Јавното обвинителство да го санкционира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар