Контраспин: Во „војната“меѓу Русковска и Муареми веќе настрада вистината

Фото: Колаж на „Вистиномер“

Многу спинови и други нејаснотии или полувистини се кажани за кратко време околу истрагата што ја спроведува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во Управата за финансиска полиција. Во целиот овој галиматијас со последици кои веќе се видливи – тешко нарушување на угледот на три многу важни институции за гонење на криминалот и корупцијата, УФП, ОЈО генерално и ОЈО ГОКК, како и Судот, Русковска изговори една многу моќна реченица: Никогаш нема две вистини. Има само една“.Проблемот е што со толку многу уништена доверба во институциите во изминатите години, но за многу кратко време дополнително „срозана“ и во овој конкретен случај – нема одговор на прашањето дали остана здрава институција да ја утврдува вистината?

Во целиот овој галиматијас со последици кои веќе се видливи – тешко нарушување на угледот на три многу важни институции за гонење на криминалот и корупцијата, УФП, ОЈО генерално и ОЈО ГОКК, како и Судот, Русковска изговори една многу моќна реченица: „Никогаш нема две вистини. Има само една“. Проблемот е што со толку многу уништена доверба во институциите во изминатите години, но за многу кратко време дополнително „срозана“ и во овој конкретен случај – нема одговор на прашањето дали остана „здрава“ институција да ја утврдува вистината

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Постојат повеќе спинови или полуспинови во зачестените јавни напади помеѓу првите луѓе на Управата на Финансиската полиција(УФП) и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Арафат Муареми и Вилма Русковска, но и во соопштението од главниот обвинител Љубомир Јовески, кој се „вмеша“ во спорот со свои, односно оценки на ЈО. Ова е само продолжение на критиките и нападите од страна на Русковска до Муареми и УФП уште од лани.

Целиот случај сега тргна по претрес во УФП пред околу еден месец, за кој во почетокот имаше молк и не се соопштуваше ништо, освен дека е сторен по пријава што стигнала од ОЈО ГОКК од граѓани уште во мај. По извесно време се огласи Муареми со обвинување во јавноста дека претресот што се врши од ОЈО ГОКК е надвор од вообичаените процедури, бидејќи ем во налогот пишувало дека треба да уследи претрес во неговиот дом, а се вршел во просториите на УФП, ем во налогот не било посочено што се бара, што беше протолкувано како надвор од Законот за кривична постапка и злоупотреба и на Судот, кој издал налог за претрес без основани сомневања за сторено кривично дело.

Поради ова, Муареми испратил претставка и до Јавниот обвинител Љубомир Јовески и до Советот на Јавните обвинители, подоцна и до Судскиот совет, на што Русковска кратко одговори дека сè е законски и дека нема потреба од нервозна реакција на Муареми. Практично, поголемите нејаснотии во јавноста настанаа откако Јовевски на 1-ви август излезе со соопштение во кое се тврди дека има повеќе нарушени процедури во постапувањето на ОЈО ГОКК.

Првиот (полу)спин е толкувањето на главниот обвинител за непочитување на хоризонталната поставеност на надлежностите:

При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријавасе наведува во соопштението од Јовески.

Деспинот, де факто дојде од Русковска, според која тоа не е воопшто точно, зашто се истражува и постапувањето на Муареми, кој е избрано и именувано лице од Владата и прашање е дали воопшто може да се смета за лице со полициско овластување, а уверена е и дека ЈО излегува од законот, наведувајќи дека нема право да дава препораки и упатства:

Покрај тоа што немаат законско право да се мешаат во постапување по конкретен предмет, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата оценува Русковска.

Таа де факто се повика на член 56, став 4 од Законот за јавно обвинителство. Целиот член се однесува на надлежностите на обвинителите и кој кому има право да дава задолжителни општи писмени упатства, а ставот 4 навистина вели дека повисоките обвинители немаат право да даваат писмени упатства за конкретни предмети:

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители на јавните обвинителства не може да донесуваат упатства и насоки кои се однесуваат на работата на конкретни предмети на јавните обвинители вели Русковска.

Исто така, во самиот Закон за јавно обвинителство, во членот 32, јасно се наведува дека ОЈО ГОКК има надлежност да постапува и кај лицата со полициско овластување:

За кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција согласно со членот 33 став (1) од овој закон

Русковска коментира само што ѝ оди во прилог

Но, затоа пак, Русковска воопшто не се осврнува на вториот дел од реакцијата на Јовески околу налогот од Судот и како Русковска го обезбедила:

Во образложението на барањето на Судот погрешно му се даваат податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава. Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело  или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган  и претрес на лице.

Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано  дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава – се вели во Соопштението од надзорот што го сториле двајца обвинители распоредени да вршат надзор по претставки и по налог на Јовески.

Русковска, како што кажавме, воопшто не го коментираше овој дел од соопштението на Јовески, а на истиот факт се жалеше и Муареми.

Со тоа Русковска својата реакција ја темели на полувистина, односно коментира само дел што ѝ оди во прилог, а тоа секако може да ја окарактеризира нејзината реакција како спин.

 

Брифинзи, сооопштенија, драматични апели за вистината

Но, спиновите како да експлодираат во реакциите од 3-ти и 4-ти август, кога и Муареми и Русковска одржуваат брифинзи или испраќаат свои реакции до медиумите.

Во брифингот на Муареми со новинарите се наведува дека ќе поднел кривични пријави против трите обвинителки од ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа.

Потоа тој појаснува дека не биле проблем постапувањето и претресот, туку како е извршен и како незаконски постапувале обвинителките од ОЈО ГОКК. За на крај, да им појасни на новинарите дека постоеле повеќе предмети по кои постапувала УФП, дека ги дале до ОЈО ГОКК, а од нив нема одговор.

Од друга страна, УФП во изминатиот период до ОЈО ГОКК доставило кривични пријави поткрепени со доказен материјал, за кои до денес нема информација до која фаза се: дали се отворени истражни постапки или се отфрлени, дали од ОЈО ГОКК се преземаат дејствија согласно нивните надлежности во насока на докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела во тие пријави?

Такви примери имало повеќе: три кривични пријави за Општина Карпош, кривична пријава за Фудбалска федерација, за Министерство за транспорт и врски, за Министерство за финансии, за АД ТЕТО и за други случаи, во кои, како што велат имало предистражни постапки водени со месеци и доказен материјал носен во пакети.

Одговор за ова деновиве УФП ќе побара и од ЈОРСМ (Извор – DW)

И сега се поставува прашањето, зошто Муареми досега не побарал информации од ЈОРСМ, зошто досега не поднел кривични пријави против Русковска или други обвинители во ОЈО ГОКК, со оглед на фактот дека овие истраги се стари година, две, три, туку чекал да дојде моментот кога го истражуваат него и дел од вработените во УФП за да излезе со ваков напад и со закани за кривични пријави, што не нужно, но може да се разбере и како притисок врз обвинителката Русковска и ОЈО ГОКК. Со тоа, искажувањето на Муареми, исто така, може да се оцени како полувистина, што доведува до извртување на вистината, т.е спинување, затоа што избегнува витални информации за целиот случај и за тоа кој го штити криминалот.

Од друга страна, Русковска на ова одговори драматично, барајќи од надлежните органи, но и од меѓународниот фактор да се инволвирал во целиот случај и да ја спасат од притисокот што незаконски и го прават во име на криминалот:

Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, поштењето, ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт“, го почнува Русковска обраќањето до јавноста и до амбасадите…

…„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и Европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми“, повикува Русковска (Извор СДК.мк).

Во овој дел на драматичното обраќање на Русковска може да се препознаат спинови. Првиот е околу нејзината чесност, која таа се обидува да ја докаже како апсолутно гранитен факт, само затоа што ја научила од нејзините родители кои биле партизани кои се бореле против фашистите. Апсолутно непотребно емотивно инволвирање на јавноста со животот на нејзините родители, зашто тие се тие, а Вилма Русковска е посебна личност за чие достоинство, почитување и чесност може да зборуваат само стручните органи што треба да ја оценуваат нејзината работа, а не секој. Досега, ако се изземе последната година кога Светот на Јавните обвинители имаше забелешки, но на интервју на Русковска, очигледно ја ценеле и ја унапредувале, т.е. напредувала во кариерата.

Покрај ова, ако е во ред повикувањето на надлежните институции во државата (а надлежни се токму обвинителството и судот), да ја утврдат вистината, сосема е бесцелно да се повикуваат САД, ЕУ и Ковеси да помогнат да се расчистеле фактите. Тие ниту имаат надлежност што било да направат, освен да набљудуваат, ниту пак, ќе ѝ се бендиса и на самата Русковска да ѝ се мешаат во нејзината работа, за овој или кој било друг случај. Ова, заедно со нејзината порака дека е подготвена да ѝ ги изнесе фактите на јавноста, па јавноста да оценела кој се бори против криминалот, а кој прави притисок да не се открие криминалот, претставува спин, затоа што јавноста во целата оваа каша ниту е стручна, ниту може да ја донесе вистинската проценка, а и самото изнесување детали од предистрага е забрането со закон.

И како малку да беа спинови, со контрареплика се јави Муареми:

Ја повикувам Вилма Русковска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува. Негонење на криминал поради притисоци претставува кривично дело, обвинителке. А вашата чест и углед е беспредметнo да ги коментирам. Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ‘помош’ – нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има (Извор DW).

Овие контроверзни реченици раѓаат сомнеж за целосната вистина. Точно е дека сомневањата се разрешуваат преку обвинителен акт и институционално, но спинот на Русковска го повторува и Муареми, барајќи своите сознанија таа да ѝ ги пласирала на јавноста и странците за и тие да се увереле и да потврделе дека Русковска е во криво.

Во целиот овој галиматијас со последици кои веќе се видливи – тешко нарушување на угледот на три многу важни институции за гонење на криминалот и корупцијата, УФП, ОЈО генерално и ОЈО ГОКК, како и Судот, Русковска изговори една многу моќна реченица: „Никогаш нема две вистини. Има само една“.

Проблемот е што со толку многу уништена доверба во институциите во изминатите години, но за многу кратко време дополнително „срозана“ и во овој конкретен случај – нема одговор на прашањето дали остана „здрава“ институција да ја утврдува вистината.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција