Контраспин: За Гоце Делчев ниту се преговарало, ниту ќе се преговара тајно

Владо Мисајловски. Фото: скриншот

Не постои ниту еден сериозен аргумент или факт кој би укажал на тоа дека за историското значење на ликот на Гоце Делчев се водат или ќе се водат тајни преговори од страна на македонската влада со Софија. Оттука, спин е одржувањето на јавни протести и демонстрации да се оправдува со таков аргумент

Не постои ниту еден сериозен аргумент или факт кој би укажал на тоа дека за историското значење на ликот на Гоце Делчев се водат или ќе се водат тајни преговори од страна на македонската влада со Софија. Оттука, спин е одржувањето на јавни протести и демонстрации да се оправдува со таков аргумент

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, одржа прес на кој зборуваше за причините за најавениот протест на партијата на 15.09.2020, при што во изјавата може да се забелележи спин:

Спин: Тој е дел од нашиот идентитет и црвена линија за нашето достоинство. Токму за него и за историски факти далеку од очите на јавноста преговара владата на Заев со нашиот источен сосед. Трговијата со неговото име и постоење значи трговија со нашето постоење и она што сме и ќе продолжиме да бидеме, тоа е Македонци. Во меѓувреме нема никакво поместување на патот кон Европската Унија. Европската Унија останува уште едно неостварено ветување на Зоран Заев и неговата власт. Не чувме идеја, ниту план…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/Јутјуб – Мисајловски – датум: 14.09.2020]

 

 

Контраспин: Главната опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, може секој ден да закажува протести за кое било прашање, вклучувајќи ја и темата „одбрана на ликот и делото на Гоце Делчев“, а јавноста има право да оценува дали станува збор за реален проблем, заради кој ќе се протестира, или за спинувано прашање. Во случајот со најавата на протестот за одбрана на Гоце Делчев, ВМРО–ДПМНЕ спинува со фактите.

Спинот што го искажа Владо Мисајловски, потпретседател на партијата и пратеник, се состои во тврдењето дека за ликот на Гоце Делчев и за историските факти „далеку од очите на јавноста преговара владата на Заев“ со Бугарија, како и дека се води „трговија со неговото име и постоење“, што значи „трговија со она што сме и ќе продолжиме да бидеме, тоа е Македонци“.

Ова е целосно извртување на вистината, т.е. спин. Не постои ниту еден поткрепен аргумент, факт, полуфакт… кој би укажал на тоа дека за прашањето за Гоце Делчев „владата на Заев преговарала далеку од очите на јавноста“, па уште и дека се прави „трговија со неговото име и постоење“.

Проверката на ваквото тврдење доведува до следните факти:

Прашањето за Гоце Делчев е едно од прашањата на заедничката комисија на Скопје и Софија, формирана согласно Договорот за пријателство и соработка, која работи на расчистување на историските разлики за разни временски периоди и различни историски личности.

Оваа комисија, според општо познатите информации од двете страни, откако расчистила повеќе теми и личности во разни епохи, дојде до различни ставови за Гоце Делчев.

Комисијата не е неактивна. Тоа го потврди и претседателот на таа комисија Драги Ѓоргиев неодамна, а го потврди и потпретседателот на Владата и министер за евроинтеграции Никола Димитров во интервју за ТВ Сител, кој сумираше дека за две години, 2018 и 2019 г. комисијата се состанала 9 пати официјално, покрај другите неофицијални контакти и дека тоа, според европските искуства од вакви комисии, воопшто не е малку, ниту по бројот на средбите, ниту по бројот на веќе затворените прашања, по што комисијата излегува со препораки.

Улогата на Комисијата за историски и образовни прашања е да ги расчисти или барем да ги разјасни разбирањата за некои од личностите кои се заеднички важни за историјата на двете држави. Димитров, во интервјуто за Сител, за прашањето дали може да се преговара за Гоце Делчев, вели:

Факт е дека некои од хероите на минатото, како што е Гоце Делчев, се значајни за македонскиот и за бугарскиот народ. На историчарите е да видат, да го разгледуваат тоа прашање и да најдат начин, ако ништо друго барем да се научи наративот, перспективата на другиот. Тоа е идејата за формирањето на Комисијата за историски прашања. (од 9.44 минута во видеото).

Претседателот на македонскиот дел од Комисијата, д-р Драги Ѓоргиев, вели дека ако не се разговара, секогаш ќе историјата ќе биде проблем:

Ако отворено не разговараме за нашите несогласувања, за нашите и нивните ставови околу одредени настани и личности, сметам дека историјата секогаш ќе биде пречка меѓу двете држави. Притоа, исклучително е важно разговорите да продолжат да се одвиваат на рамноправна основа и тогаш ќе има и резултати.

Неодамна во интервју за јавниот сервис НТВ(МРТ), премиерот Зоран Заев изјави оти верува во тоа дека со Бугарија ќе се изнајде заеднички јазик и околу Гоце Делчев:

Решивме три поглавја, пет историски личности наназад, следи четвртото поглавје и шестата историска личност, Гоце Делчев. Договорот нè принудува да наоѓаме заеднички нешта што нè спојуваат …Има архиви и овде и во Бугарија, ќе седнеме, ќе најдеме, важна е историјата и таа треба да биде основа за иднината. Верувам дека во периодот кој претстои брзо ќе се најдат решенијата. Јас сум благодарен што бугарската страна имаше трпение поради изборите. Ја испраќам пораката дека сме подготвени веднаш да влеземе и низ поглавјето за Гоце Делчев да изградиме пријателство.

Но, како што може да се види и од изјавата и од контекстот, и Заев зборува за решение што би дошло од Комисијата за историски и образовни прашања, а не за некакви „преговори далеку од очите на јавноста“ или за „трговија со името и постоењето“ на Гоце Делчев.

Оттука, изјавите на Владо Мисајловски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, за причините за закажаниот протест на оваа партија за 15.09.2020, т.е. дека се преговарало тајно за Делчев, се извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција