Контраспин: Задоцнето делегитимирање на уставните промени од страна на ВМРО-ДПМНЕ

Антонио Милошоски. Фото: МЕТА

Ако ВМРО-ДПМНЕ не сака да му даде легитимитет на процесот на промена на Уставот, не требаше да учествува ниту во досегашните фази од собраниската процедура. А, што се однесува до референдумот, токму благодарение и на ВМРО-ДПМНЕ јавноста не разбра што мислат за сето ова оние кои ги немаше пред гласачките кутии

Ако ВМРО-ДПМНЕ не сака да му даде легитимитет на процесот на промена на Уставот, не требаше да учествува ниту во досегашните фази од собраниската процедура. А, што се однесува до референдумот, токму благодарение и на ВМРО-ДПМНЕ јавноста не разбра што мислат за сето ова оние кои ги немаше пред гласачките кутии

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, даде изјава со објаснување зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ се повлекуваат од натамошните фази за промена на Уставот, при што во делови од изјавата има извртена вистина, односно спин:

Спин: Сметавме за едно вакво сензитивно решение како што е Уставот на Република Македонија, посебно кога истиот ваков како што е во согласност со волјата на народот изразена на Референдум, ние како пратеници избрани од народот не чуствуваме потреба да даваме легитимитет на оваа фарса наречена измени на Уставот на Република Македонија…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум: 19.12.2018]

 

 

Контраспин: Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција, донесе одлука да се повлече од натамошната собраниска постапка за промена на Уставот со додавање на нови амандамни произлезени од договорот меѓу Македонија и Грција и тоа го оправдува со извртена вистина, т.е. спин.

Соопштувајќи ја одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по заеднички состанок со пратеничката група (која е нецелосна поради пратениците кои веќе ја поддржаа потребата за измени на Уставот), пратеникот Антонио Милошоски вели дека не сакале на процесот да му дадат легитимитет, затоа што процесот станал фарса, имајќи предвид две работи  – амандманите биле однапред договорени и народната волја изразена на референдумот покажала дека ваквиот устав нема потреба да се менува.

Уставните амнадмани произлегоа од договорот меѓу Скопје и Атина, познат како Договорот од Преспа или од Нивице, со кој многу детално се опишани постапките за неговата имплементација, отстапките од страна на Македонија и придобивките во смисла на отворање извесна перспектива за отпочнување преговори со ЕУ за членство и уште поизвесна перпсектива за членство во НАТО во многу брзо време.

 

ЗОШТО СЕГА?

Таков каков што е договорот не наиде на поддршка ни при, но ниту по неговото потпишување. Најголемата опозициска партија во неколкуте месеци пред референдумот, наводно не заземаше став, освен дека е договорт лош и дека тие би постигнале подобар. Под површината на јавноста, а потоа и јавно, тие се ставија на страната на оние кои го бојкотираа референдумот, а нивни членови и дел од раководството ги исклучија од партијата само затоа што гласале, макар и против.

Затоа е нејасно зошто ВМРО-ДПМНЕ учествуваше и во досегашните две фази за измена на Уставот, туку тоа го прави сега, повикувајќи се на волјата на народот и на легититмитетот што пратениците го црпат од избирачите.

Второто потсетување за јавноста е дека за уставните амандамни навистина имаше јавна расправа во неколку организирани дебати. Доколку документирано се проследат дебатите, од нив произлегува дека имаат влијание врз првичната верзија на амандамните што ги поднесе Владата и сегашната, по дебатите, освен во амандманот со кој името на Македонија се преименува секаде во Уставот во Северна Македонија. Покрај тоа, дебатите беа отворени за јавност, па и експертите за кои ВМРО-ДПМНЕ вели дека не се „провалдини“, можеа да учествуваат во нив. Но, тука е поважно нешто друго и затоа ова потсетување за дебатите.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, онаа што остана по одвојувањето на 8-те пратеници, но и тие, во втората фаза можеа и можат да поднесат стотици амандамни со цел да го подобрат текстот на постоечките или да го одолговлечат, барем. Но, тоа тие не го сторија, а едно од можните појаснувања беше дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им ветил на фактори од ЕК и од ЕУ дека неговите пратеници нема да прават т.н. филибастеринг во однос на амандманите.

 

ВМРО-ДПМНЕ Е ЗАСЛУЖНА ЗА НЕИЗЈАСНУВАЊЕТО

И конечно, третото извртување на вистината, кое е најчесто употребувано од страна на оваа партија, но и од многу други: на референдумот народот се изјаснил гласно со не; од референдумот направија фарса; народната волја беше јасно изразена и таа е против менување на уставот…

Не постои такво нешто. Референдумот беше опција во договорот што СДСМ како владејачка партија и поради програмските определби реши да ја спроведе. Референдумот не беше обврзувачки, туку консултативен. Kонсултативниот процес покажа дека над 600 илјади гласачи го поддржуваат договорот со Грција. Оние кои не излегоа, не значи дека се против. Јавноста всушност нема претстава кој, од големото гласачко тело што го немаше на референдумот (теоретски 1,2 милиони, реално 700-800 илјади што се во Македонија), како размислува.

Оттука, Владата продолжи да го турка процесот во Собранието и по (не)успешната консултација со граѓаните (формално неуспешен референдум), одговорноста ја понесува сама и им ја препушти на пратениците.

Така што и оваа трето извртување на вистината во образложението што го искажа Милошоски во име на ВМРО-ДПМНЕ не држи, односно референдумот не беше јасно изразена волја на граѓаните против промена на Уставот, зашто јавноста не го дозна ставот на гласачите, на народот во целост. Меѓу другото, токму и поради ВМРО-ДПМНЕ која работеше активно на бојкотот.

Поради погоре изложените аргументи, може да се оцени дека голем дел од образложението на ВМРО-ДПМНЕ за откажување во натамошната процедура за промена на Уставот во Собранието на РМ, е поткрепено со извртени вистини, т.е. спинови.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција