Контраспин: Здравствениот систем е жилав, но многу од повредените во Кочани се на лекување во странство

Мицкоски и Таравари во посета на повредените од пожарот во Кочани (Фото: Влада на РСМ)

Мицкоски непотребно ја спинува состојбата по стравичниот пожар во кочанската дискотека, споредувајќи го домашниот здравствен систем со оние на поорганизираните и побогати држави. Но, не треба ниту промптно да се отфрла идејата за обновување на специјализиран Центар за изгореници, бидејќи секој живот е важен, а лекувањето на лица со тешки изгореници е комплексно и скапо

Мицкоски непотребно ја спинува состојбата по стравичниот пожар во кочанската дискотека, споредувајќи го домашниот здравствен систем со оние на поорганизираните и побогати држави. Но, не треба ниту промптно да се отфрла идејата за обновување на специјализиран Центар за изгореници, бидејќи секој живот е важен, а лекувањето на лица со тешки изгореници е комплексно и скапо

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 17.03.2025 при посетата на повредените од стравичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во  Кочани – во кој загинаа 59, а беа повредени 162 лица – одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се направат напори да се отвори Центарот за изгореници кој не работи од 2016 година, изјави дека кога таков Центар би бил во функција, би имал капацитет за три, четири до пет пациенти, за веднаш да дополни со спинување на состојбата:

Нашиот здравствен систем покажа дека е жилав и дека може да прими ваков бран којшто е можеби голем предизвик и за многу пософистицирани здравствени системи и за многу поголеми држави од нашите и јас им честитам и сум благодарен и од мое но и од името на Владата.

[Извор: МИА Датум: 17.03.2025]   

 

 

Контраспин: Премиерот Мицкоски на прес-конференцијата им оддаде благодарност на здравствените работници за нивната пожртвуваност во справување со предизвикот со згрижувањето на повредените лица од пожарот во кочанската дискотека. Напоменувајќи ја жилавоста на нашиот здравствен систем во справувањето со толку голем број повредени во краток период, Мицкоски спинува непотребно „мерејќи“ го со „многу пософистицирани здравствени системи и за многу поголеми држави од нашите“.

Податоците на 18.03.2025 од здравствениот билтен на повредените во пожарот во Кочани велат дека вкупно 72 пациенти се лекуваат надвор од државата, бидејќи вчера (17.03.2025) уште 21 пациент биле испратени на лекување во странство, додека пак, во скопските болници се лекуваат 98 пациенти.

Надвор од државата во текот на вчерашниот ден на лекување биле упатени 21 пациент и тоа во Литванија – 4 пациенти, Австрија – 2 пациенти, Словенија – 2 пациенти, Република Србија – 12 пациенти и Република Бугарија – 1 пациент, јавија медиумите.

Повредите од изгорениците се комплексни, а состојбата на повредените може да се влошува од час во час заради труењето со јаглерод моноксид.

Информациите што ги сподели Министерството за здравство на Република Бугарија за жал го потврдуваат тоа.

Осумте пациенти хоспитализирани во Универзитетската болница и медицинскиот центар Н.И.Пирогов се на механичка вентилација и остануваат на интензивна нега. Според информациите од болницата во Варна, тројцата пациенти кои се кај нив се во тешка состојба, двајца се на механичка вентилација, а еден користи назална маска за третман со кислород. Сериозна, но стабилна, е состојбата на пациентите во Универзитетската болница „Свети Георги“ во Пловдив. Нивното лекување продолжува на интензивна нега, се наведува во информацијата од Министерството за здравство на Бугарија, пренесоа медиумите.

Затоа и денес се испраќаат уште повредени на лекување во странство.

Денес продолжуваме со транспортирање уште осуммина пациенти. Ќе заминат во Словенија, Полска, Австрија, Италија и во Хрватска, рече директорот на Клиниката за трауматологија, Игор Мерџаноски.

Паралелно со овој спин, не е сосем јасно зошто Мицкоски експресно ја отфрли и самата идеја за постоење на Центар за изгореници, дел од здравствениот систем кој имал долга историја и успешно функционирал. Иако неговиот капацитет би бил лекување на 3,4 или 5 лица, во вакви трагедии секој капацитет во домашното здравство е повеќе од добредојден. Посебно што Центарот за изгореници што функционирал од 2000 до 2016 година – на почетокот во рамките на Градска општа болница – Хирургија, потоа трансформирана во Универзитетска клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје – имал мошне софистицирана опрема.

На своевидниот историјат на постоењето на Центар за изгореници потсети д-р Добрила Андоновска, која била  дел од неговиот лекарски тим, во пост на нејзиниот Фејсбук профил. Андоновска потсетува дека „првиот официјален Центар за изгореници е формиран во рамките на Воената болница во Скопје, со самото формирање на болницата под раководство на Д-р.Крсте Митановски, во склад со стратегијата на здравството на ЈНА, а Центарот е затворен за да се ослободи простор за приватната Кардиохирургија ,,Жан Митрев“.

Таа во нејзината објава ги наведува имињата на врвните специјалисти и субспецијалисти по Пластична и реконструктивна хирургија, специјалисти по анестезиологија и реанимација, како и специјалисти по детска хирургија. Д-р Андоновска посочува дека Центарот беше опремен со најсовремена опрема од Јапонската Влада – Интензивна нега со два Клинитронови системи од француско потекло, какви што во регионов постоеле единствено во болницата „Пирогов“ во Софија.

Овие компјутеризирани системи овозможуваа специјални микроклиматски услови: аерација, температура, влажност и пациентите лежеа како во бестежински простор на ,,кади” исполнети со силиконски песок кој ,,врие” поради проток на воздух. Центарот располагаше со посебна операциона сала за изгореници каде шесте специјалисти по пластична хирургија, тимски со врвните анестезиолози, вршеа оперативни зафати и преврски во општа анестезија. Освен интензивната нега постоеше и болничка соба со два кревети, што значи дека капацитетот беше за 4 пациенти со екстензивни изгореници, а со нивно подобрување се префрла, по потреба, на одделението за Пластика со 15 кревети. Беше формирана и Банка на амнионски мембрани (во соработка со Гинекологија – Чаир) по пример на Пирогов и други центри, наведува д-р Андоновска.

Таа дополнува дека докторите од Центарот поминале обуки во Пирогов, КЦ Љубљана, КБЦ Ребро – Загреб, Прага, Франкфурт, Оксфорд…

За период од петнаесет години и осум месеци во Центарот се лекуваа 1316 пациенти со екстензивни изгореници (според официјална документација), просечно 84 пациенти годишно со ,,тешки” изгореници, а не два пациенти годишно, како што изјавија надлежните, пишува д-р Андоновска, 

Наведувајќи дека Центарот имал шанса да прерасне во Регионален центар, д-р Андоновска напоменува дека „лекувањето на еден пациент со изгореници во европска држава би го чинело домашниот Фонд за здравство минимум 150 – 250 илјади евра“.

Оттаму, не треба да се спинува состојбата во вакви несреќи, споредувајќи го домашниот здравствен систем со оние на поорганизираните и побогати држави. Но, не треба ниту промптно да се отфрла идејата за обновување на специјализиран Центар за изгореници, бидејќи секој живот е важен, а лекувањето на лица со тешки изгореници е комплексно и скапо.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција