КОНТРАСПИН: „Значи не претерујте“ – власта е таа што ги купува медиумите со десетици милиони евра

Драган Павловиќ Латас, секогаш одмерен и бара да не се претерува со фактите. Фото: скриншот

Сериозни анализи покажуваат дека нема ни теориска можност странци да даваат по 10 до 15 милиони евра во строго селектирани медиуми. Од друга страна, власта, особено по пропаста на А1, постојано спинува дека тоа е така, но не кажува дека самата давала по околу 10 милиони евра годишно, само како Влада на РМ, а воопшто не ги споменуваат другите пари од јавните претпријатија, фондовите, општините… Оттука, “не претерујте“, што би рекол Латас, кој и самиот го шири овој спин, зашто власта е без конкуренција во трошењето пари во строго селектирани медиуми

 

Сериозни анализи покажуваат дека нема ни теориска можност странци да даваат по 10 до 15 милиони евра во строго селектирани медиуми. Од друга страна, власта, особено по пропаста на А1, постојано спинува дека тоа е така, но не кажува дека самата давала по околу 10 милиони евра годишно, само како Влада на РМ, а воопшто не ги споменуваат другите пари од јавните претпријатија, фондовите, општините… Оттука, “не претерујте“, што би рекол Латас, кој и самиот го шири овој спин, зашто власта е без конкуренција во трошењето пари во строго селектирани медиуми

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Во врска со ненадејно поднесениот предлог закон за јавно рекламирање, одговорниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ – Латас, ја дадe следнава изјава што ја извртува вистината:

Спин: Не можете преку ноќ, со јавни пари да напраите некоја фирма од минорна во битен играч на пазарот и обратно, како што прават Сорос и амбасадите со нивните 10 до 15 милиони евра годишно. Парите од јавните кампањи, според моја проценка ќе бидат помалце од 6-7 милиони евра, што значи дека се ни половина од дипломатските и Сорос парите кои влегуваат во медиумите и тоа селективни медиуми во Македонија.

[ИЗВОР: Сител ТВ, Датум: 4 јули 2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Oваа невистина, дека странците (амбасадите) и Сорос, (Фондација отворено општество Македонија), даваат огромна сума на пари годишно, што ги вбризгуваат во строго селектирани медиуми во Македонија, е стара лага која одамна се пласира во јавноста. Корените ѝ се уште од средината на 90-тите, а сега, од 2007-8 наваму, а особено по 2011, кога власта на ВМРО ДПМНЕ ја затвори и А1 ТВ, спинот е возобновен со две крајни цели:

  • да се направи „збунка“ кај јавноста дека не се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ тие што купуваат медиуми со пари за владиното рекламирање, туку, ете, странците и Сорос давале дупло повеќе;
  • перење на сопствената совест, не толку зошто се даваат тие пари, туку каков „програмски фидбек“ продуцираат кај провладините телевизии.

А, каков е тој „програмски фидбек“, може да се добие претстава од една од „бомбите“ што ги објави опозицијата за која тврдеше дека станува збор за разговор меѓу министерката за култура во Владата на РМ, Елизабета Канчевска Милевска и одговорниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ – Латас. Во овој разговор лицето за кое се тврди дека е Латас, се објаснува со министерката дека е објавена некоја вест за некој настан од културата, а таа, пак, е незадоволна од терминот и бара повторно објавување, на што одговорниот уредник и одвраќа со зборовите:

ДПЛ: Види да ти кажам. Значи не претерујте, зошто има од кај твојот Премиер, толку многу порачки, што вестите на Сител се куртон обичен, се пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.

Од овој и од многу други снимени телефонски разговори, кои беа објавени во рамките на опозицискиот проект „Вистината за Македонија“, јавноста имаше прилика да се увери колку се блиски релациите меѓу главните уредници и високите функционери на власт или, пак, за односите на сопствениците на медиумите со власта.  Станува збор за строго клиентелистички однос, при што во еден разговор помеѓу, како што тврди опозицијата, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и Латас, се споменуваат милионите евра што телевизиите ги добиваат и како која одработува за нив.

Но, да се вратиме на конкретното тврдење за 10 до 15 милиони евра што го ги добивале строго селектирани медиуми секоја година од странците и Сорос – изјава која веднаш ја повтори речиси идентично и Ивона Талеска за ТВ 21 , а која не е ништо друго, туку операционализација на политиката на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и начинот на остварување на влијание врз нив, како што појаснивме на почетокот.

Најпрво, да забележиме дека оваа сума што наводно ја даваат странците „нешто паднала“, зашто во текот на изминатите месеци претседателката на МАН, Слаѓана Димишкова, како и Талеска и Латас, постојано зборуваа за 15 до 20 милиони евра. Сега се 10 до 15, што е забележлива редукција, без позната причина. Или да се сведат пак на двојно во однос на претпоставените пари од владата, оти сега, и според најавата на Павловиќ, тие средства на годишно ниво немале да бидат поголеми од 6-7 милиони евра!?

„Сервисот за проверка на факти во медиумите“ веќе анализираше на оваа тема и дојде до заклучок дека едноставно е невозможно странците да даваат годишно до 20 милиони евра во одредени медиуми, зашто толку отприлика изнесува годишниот буџет на сите пет национални телевизии заедно. Притоа, во таа анализа беше прикажан и графиконот со последните 6 годишни буџети на Фондацијата Отворено општество Македонија, при што се гледа дека вкупно за медиуми, биле потрошени помалку од еден милиони евра, што значи, по околу 150 илјади евра годишно.

Но, уште позначајно, анализата покажа дека од 2012 до пред крајот на 2015 година, вкупно биле потрошени околу 5,24 милиони евра или по 1,13 милиони евра годишно во просек. Притоа, во оваа сума огромен дел од парите се наменети за проекти за засилување на независнисте регулаторни тела како што се агенциите за медиуми или електронски комуникации (ААВМУ и АЕК) или Јавниот сервис, МРТ.

Слични бројки покажа и неодамнешната анлиза на неделникот „Фокус“, при што она што вреди да се истакне е заклучокот изведен уште во насловoт: „Странците донирале 100 пати повеќе за државата отколку за медиумите“.

Всушност, Владата и никогаш не кажала транспарентно колкави се јавните пари што влегуваат во медиумите. Пред две години, по притисок од ЕУ и по нивно барање во годишните извештаи за напредокот, беше објавен податокот дека Владата на РМ за дваесет и кусур јавни кампањи во период од 2,5 години, 2012, 2013 и половина од 2014, потрошила 18 милиони евра за сите медиуми, што укажува на бројката од 7,2 милиони годишно во просек, само од Владата. Велиме „само“ зашто Владата никогаш не кажала колку пари даваат за кампањи по медиуми јавните претпријатија, фондовите, општините.

Кога се ќе се собере и одземе, сумата на јавни пари дадени во медиумите на име на реклами на јавни политики, може значително да ја надмине сумата од 10 милиони евра годишно.

Имаји го сето ова предвид, изјавата на Драган Павловиќ – Латас ја оценуваме како спин или извртување на вистината. Што би рекол тој самиот, „значи, не претерујте“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција