Контраспин: Зошто Филипче разговара со лицемери?
Логиката вели дека не може баш се, стопроцентно да е неисполнето ветување или ништо да не чини. Станува збор за „нормален“ речник од кој боледуваат македонските лидери и политички партии. Но, впрочем ако тоа е точно, (неспособни лажговци и лицемери), во што е поентата на лидерската средба со Мицкоски, која од Филипче лично беше оценета како добра и конструктивна?
Логиката вели дека не може баш сè, стопроцентно да е неисполнето ветување или ништо да не чини. Станува збор за „нормален“ речник од кој боледуваат македонските лидери и политички партии. Но, впрочем ако тоа е точно, (неспособни лажговци и лицемери), во што е поентата на лидерската средба со Мицкоски, која од Филипче лично беше оценета како добра и конструктивна?
Пишува: Теофил Блажевски
Во дел од говорот на лидерот на СДСМ Венко Филипче откако беше реизбран за лидер на партијата се препознава спин:
Спин: Нè чека уште една тешка борба, а тоа е да се бориме против оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, којашто во изминатите 10 месеци само покажаа дека ниту знаат, ниту умеат да се справат со проблемите. Се што кажаа излажаа, не испорачаа ниту едно ветување. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега. Нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува. Видете што се случува во земјоделството, сите субвенции се намалени. Видете какви катастрофални политики се воведуваат во образованието. Здравството е на колена. Видете што се случува со платите на работниците, ги убедуваат дека можат да живеат со 400 евра месечно. Какви лицемери седат во Владата, рече Филипче.
[Извор: СДСМ – Венко Филипче – 06.04.2025]
Контраспин: Радосен и охрабрен од реизборот со 18 илјади наспроти 9-те илјади од пред неколку месеци, старо-новиот лидер Венко Филипче искажа низа квалификации за актуелната Влада и луѓето што ја сочинуваат, меѓу кои има недвосмислени извртувања на вистината, т.е. спинови.
Поаѓајќи од востановениот шаблон на речникот што го употребуваат парламентарните партии во земјата – кога сум јас на власт се е розово, кога сум во опозиција сè е труло и сите се криминалци – не изненадува и ваквиот речник на Филипче, кој, сепак, нема потпора во реалноста, а и политички е некоректен и не и доликува на „државотворна партија“ и нејзиниот лидер.
Веројатно нема потреба да се споменуваат новите странски инвестиции, од кои некои се клучни и за енергетиката и енергетската независност на земјата, а кои беа предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак една милијарда евра долгорочен кредит под поволни услови од кои половината одат во локална инфраструктура, а половината одат под поволни услови во стопанството (со сите пропратни недоумици околу овие пари)… Веројатно нема потреба да се споменува кревањето на Македонски железници транспорт и инфраструктура од „мртвите“ за неколку месеци со позајмени, но и со вложување во сопствени ресурси, веројатно не треба да се споменуваат натамошните вложувања во пругите, ниту пак мрднување од мртвата точка од изградбата на патиштата преку брзо решавање на најголемите проблеми што ги кочеа (репроектирање, но. пред сè. решавање на имотно-правните проблеми со приватниот имот што се наоѓа на проектираните траси)… Веројатно не треба да се споменува напредокот во борбата со организираниот уличен криминал, иако сè уште нецелосен (Дуќанџик дефинитивно падна, но Грчец сè уште се држи), ниту. пак. со борбата со тероризам, ниту, пак, со организираниот економски криминал, како правосудниот процес што започна со трујачите со мазут и по пари (167 милиони евра) и по значење е на самиот врв, иако не треба да се заборави ни случајот „Адитив“…Веројатно не треба да се споменува дека процесот на правосудните реформи со сите дубиози како да се спроведат е сè уште жив, за што сведочи и листата на законски измени, кои се во процедура и за кои министерот Филков неодамна ја запозна јавноста поради кавгата со пратеникот Милошоски, итн, итн.
Само дел од набројаното, на коешто секако може да му се најдат ситни забелешки и претерувања од страна на Владата, говорат дека тврдењето на Филипче – оти „понеспособна Влада државата немала никогаш досега“, и оти „нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува“, се извртувања на вистината и спин. Па дури и кај платите. Вистина е дека Владата одби да ја зголеми минималната плата од 400 на 500 евра, но вистина е дека кај дел од гранките и областите, на пример образование и здравство, платите продолжија да растат. Впрочем и логиката вели дека не може баш сè, стопроцентно да е неисполнето ветување или ништо да не чини.
Но во ваквата, повторно да се забележи – „нормална реторика“ на македонските политички партии и нивните лидери, има уште една контрадикторност која го потенцира спинот за кој пишуваме. Имено, ако ништо не чини, ако во Владата седат неспособни лажговци што за ништо не ги бива и лицемери како што вели Филипче, тогаш нема поента неговото инсистирање за лидерска средба (во Собранието), која се претвори во лидерска средба со Христијан Мицкоски, на која се расправало за националните интереси и крупни државнички прашања во кои сите партии треба да дадат свој придонес и во кој СДСМ активно ќе учествува во свои експерти во работни групи. И која од Филипче лично беше оценета како добра и конструктивна. Или пак, во право е Мицкоски кога вели дека во најголем дел се разговарало за новите моменти преку истрага за модуларната болница, за Ласкарци, за Ковид вакцини, итн?
Поради овие аргументи делот од говорот на Венко Филипче во вчерашниот внатрепартиски постизборен триумф, може да се оцени како спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар