Контролата при МВР била ненадлежна за прислушкувањето!?

За прислушкувањето нема контрола - ни внатрешна ни надворешна. Фото: Flickr

Секторот за внатрешна контрола при МВР не го истражувал прислушкувањето во УБК, зашто била ненадлежна – тоа е работа на Собранието. Вака тврди Секторот во одговор до „Вистиномер“, повикувајќи се на конкретен закон. Сепак, во законот се зборува за „надзор“, а не за внатрешна контрола и проверка на законитоста и професионалноста, што е работа исклучиво на Секторот

 

Секторот за внатрешна контрола при МВР не го истражувал прислушкувањето во УБК, зашто била ненадлежна – тоа е работа на Собранието. Вака тврди Секторот во одговор до „Вистиномер“, повикувајќи се на конкретен закон. Сепак, во законот се зборува за „надзор“, а не за внатрешна контрола и проверка на законитоста и професионалноста, што е работа исклучиво на Секторот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи во текот на првото полугодие од минатата година ја зголемила својата работа по обем, и постапувале во над 800 случаи, но не постапувале во најважната афера или скандал, во утврдување на одговорноста за истекувањето на незаконски прислушкуваните разговори, за кои постои и судски доказ дека се правени во просторите и со техниката со која располага Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК.

Ова може да се констатира од одговорот на нашите поставени прашања и од полугодишниот извештај за работата на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, објавен и на нивната веб страница.

Секторот е посебен одел при Министерството за внатрешни работи, кој постои долг низ години и чија основна задача е запазување на законитоста и професионалното и етичкото работење на вработените во МВР, било да станува збор за униформираните или припадниците во цивил, без оглед дали станува збор за јавната или за државната безбедност.

 

ПОСТАПКИ И ЗА ДНЕВЕН РАСПОРЕД, НО НЕ И ЗА БОМБИТЕ

Ако се погледне внимателно Извештајот ќе се види дека во 831 постапки што ги спровеле врз припадници на МВР за првите шест месеци од 2015 година има сè и сешто – од испитување за прекумерна употреба на сила, преку испитување за употребата на огнено оружје, до тоа како функционираат единците за безбедност во сообраќајот при дневните рутински активности и дали редовно се внесува во дневниот распоред точниот опис на задачите, како и тоа дали има извештај по завршеното работно време за бројот на километри што го изминале тој ден со службеното возило. Но, за вработените во УБК има во oвој извештај има само четири постапки (околу 0.5 отсто од сите постапки). Ова беше повод да го поставиме прашањето до МВР, поточно до Секторот, дали тие минатата година отвориле постапка против лице или лица и дали го испитувале случајот со незаконски снимените телефонски разговори, за кои речиси и да нема дилема дека се снимени во УБК.

Одговорот на нашите прашања, од што дознавме дека до крајот на годината имало уште 10 други предмети за вработени во УБК за разни други дела, но не и за ова, е дека едноставно, не биле надлежни да постапуваат по оваа проблематика:

Законот за следење на комуникации во глава IV „Надзор и контрола“(од член 35 до член 39), содржи одредби со кои се уредува вршењето на надзор и контрола на законитоста на следењето на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и другите овластени органи.

Согласно член 35 надзор врз спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникации од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, врши Собранието на Република Македонија.

Во член 36 став 1 од истиот Закон е утврдено дека за вршење на надзорот врз спроведување на посебната истражна мерка следење на комуникациите, Собранието на РМ од редот на пратениците основа  Комисија составена од Претседател, четири члена, заменик претседател и заменици членови.

Имајќи ги предвид одредбите од Законот за следење на комуникации, како и надлежностите на Јавното обвинителство согласно Законот за кривична постапка, надлежноста за постапување во конкретниот случај беше на Јавното обвинителство – се вели во одговорот.

Секторот се повикува на последната верзија на овој закон донесен во 2006 година, а изменет на два пати во 2009 и во 2012 година.Членовите се неспорни, исто како што е неспорен и фактот дека оваа собраниската комисија никогаш не успеала да направи функционален увид во работата на овластените институции за следење на комуникациите, ниту, пак, тоа успеа анкетната комисија, ниту другите комисии во Собранието, дури ни по „Пржинскиот договор“. Впрочем, зошто е тоа така може да се слушне од една од бомбите, т.е. од истите тие незаконски снимени разговори, на кои, според опозицијата, се слушаат гласовите на екс министерката Гордана Јанкулоска и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Графикон: Вистиномер
Графикон: Вистиномер

 

ДАЛИ СЕ ИСТО НАДЗОРОТ И ВНАТРЕШНАТА КОНТРОЛА?

Онаа дилема што сакаме да ја предочиме, е всушност прашањето дали надзорот, па нека е и уреден со закон, е посилен и единствен механизам, кој ја супституира внатрешната контрола?

На ова прашање може да се одговори ако се погледнат внатрешните акти и суштината на улогата на Секторот, т.е одговорот на прашањето зошто тој постои. Ако се погледне што е запишано на официјалната страница на МВР, се гледа суштината на постоењето на Секторот:

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди го претставува контролниот механизам на Министерството за внатрешни работи врз работата на полицијата и Министерството, поради што и надлежностите на Секторот опфаќаат широк спектар на мерки и активности, кои се преземаат, а се насочени кон утврдување на непрофесионалното, незаконито и неетичко постапување на вработените во Министерството за внатрешни работи, како и преземање на низа мерки и активности за нивно спречување од превентивен и репресивен аспект.

Согласно Законот за внатрешни работи, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди е посебна и независна организациска единица на Министерството за внатрешни работи која остварува внатрешна контрола за потребите на Mинистерството и спроведува постапки за оценување на законитоста на постапувањето на вработените во МВР.

Зборовите „контролен механизам“ и „утврдување на непрофесионалното, незаконито и неетичко постапување на вработените во Министерството за внатрешни работи, како и преземање на низа мерки и активности за нивно спречување од превентивен и репресивен аспект“, јасно ја опишуваат целта на постоењето на Секторот, исто како и зборовите „посебна и независна организациска единица“… „која остварува внатрешна контрола за потребите на Mинистерството“.

Ако се погледнат внатрешните акти, пред сè, Правилникот, сосема е јасно дека Секторот има овластување да ја контролира работата и на УБК, независно дали со некој друг закон, некоја друга институција презела надзор или повела истрага.

На пример, во членот 1 се објаснува дека основа за постоење и работење на Секторот е контрола на законитоста односно незаконитоста во работењето, додека во членот 2 се објаснуваат термините, меѓу другото и што се подразбира под незаконитост:

Незаконито постапување во смисла на овој правилник е злоупотреба или пречекорување на овластувањата кои ги имаат работниците, како при вршење на нивните работни задачи, така и при спроведување на пропишаните стандардни постапки и процедури во секој сегмент од работата на Министерството и Полицијата, со што се крши корпусот на човековите слободи и права и нивно коруптивно однесување и постапување спротивно на одредбите на Кодексот на полициска етика…

Во членот 3 се објаснува кога и како постапува Секторот, односно врз основа на:

  •  податоци, информации и сознанија до кои самостојно доаѓа;
  •  по барања што ги доставуваат или непосредно ги презентираат работниците на Министерството и Полицијата;
  •  врз основа на претставки кои се однесуваат на незаконито и непрофесионално постапување на работниците и
  •  по наредба од министерот за внатрешни работи (во натамошниот текст: министерот).

Конечно од член 10, посебно став 2, јасно се гледа дека Секторот има целосна надлежност и врз УБК (впрочем тоа не е ни спорно), со тоа што во еден од погорните членови е наведено дека припадниците на Секторот се обезбедуваат и со дозволи за управување со класифицирани информации, кога тоа им е потребно.

 

ВНАТРЕШНА Е, СЕПАК, ВНАТРЕШНА

Од членот два може да се види дека под незаконитост се смета секоја злоупотреба или пречекорување на овластувањата…која на крајот доведува до кршење на корпусот на човековите слободи и права. Правото на приватност на комуникациите, освен ако тоа не е нарушено со наредба од суд, спаѓа во корпусот на човекови права и слободи, кои се ем меѓународно гарантирани, ем гарантирани со Уставот на РМ.

Од членот 3, пак, јасно се гледа дека овој Сектор може да постапува и врз основа на податоци, информации и сознанија до кои самостојно доаѓа.

Оттука, сосема е јасно дека Секторот, односно првите луѓе што го водат, покрај другите органи и институции во државата кои се надлежни за контрола на работата на УБК, сосема рамноправно, ако не и на прво место, требале да извршат внатрешна контрола, бидејќи и името е такво: Секторот за внатрешна контрола.

Но, од Секторот тврдат дека не биле надлежни за расветлување на незаконското снимање на материјалите извршено со опремата на УБК како што се тврди во бројните наводи, меѓу кои и во извештајот на Прибе, кој е усвоен од домашните институции.

 

ВНАТРЕШНА ИЛИ НЕЗАВИСНА КОНТРОЛА НАДВОР ОД МВР?

Инаку, прашањето за внатрешна контрола во МВР е често поставувано прашање меѓу експертската и граѓанската јавност, токму од аспект на ефикасноста. Најголемите несогласувања и жалби на граѓанските организации се јавуваат при поднесоците за прекумерна употреба на сила или друг незаконски начин на постапување на вработените во МВР, а за кои најчесто стига одговор дека нема основа или недостигаат докази.

Тоа се потврдува и во споменатиот извештај во кој се гледа дека од 34 поднесоци за прекумерна употреба на сила, Секторот по спроведена истрага утврдил дека само во 1 случај поднeсокот е оправдан, во 19 е неоправдан, а во 14 случаи немало доволно докази.

Табеларен преглед за првите 6 месеци неколку години наназад. Извор: Сектор за внатрешна контрола
Табеларен преглед за првите 6 месеци неколку години наназад. Извор: Сектор за внатрешна контрола

 

Раководителката на овој сектор е лице кое е помилувано/аболицирано од страна на претседателот Ѓорѓи Иванов, на списокот со 55 други лица од последната одлука предмет на жестоки критики на домашната и странската јавност. Некоја Ане се споменуваше и во една од „бомбите“ на СДСМ, а потоа, актуелната раководителка беше и предмет на кривична пријава поднесена од истата партија. Таа има функција помошник министер за внатрешни работи задолжен за внатрешна контрола и професионални стандарди.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција