ВМРО-ДПМНЕ: Делница Демир Капија – Смоквица (Коридор 10)

Делница Демир Капија – Смоквица. Во изминатиов период ја обезбедивме финансиската конструкција за доизградба на Коридорот 10, клучниот транспортен коридор за Република Македонија. Потпишани се сите договори со сите европски финансиски институции кои учествуваат во овој проект. Во следниот период ќе го изградиме овој коридор. Проектот е со вкупна вредност од 270 милиони евра и ќе се реализира со средства од Владата на Република Македонија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и грант од ИПА-фондовите на ЕУ. Предвидено е договорот за изградба на делницата во должина од 28,2 км да се склучи до крајот на 2011 година. Проектот предвидува изградба на 6 мостови во вкупна должина од 2,3 км, меѓу кои ќе го изградиме и најдолгиот мост во државата во должина од 850 метри, како и 2 тунели во должина од 2,55 км. Тунелите се проектирани согласно со европски стандарди со излези за во случаи на итност, современ систем на вентилација, осветлување и видеонадзор кој ќе се контролира од посебен центар во Неготино. Овој центар ќе прерасне во контролен центар за целиот Коридор 10 од Табановце до Богородица. [Рок: Јули 2012 – Декември 2018 година]

Образложение:

На 20 септември 2011година е потпишан Договорот за заем со Европската банка за обнова и развој, во износ од 107 милиони евра за изградба на делницата Демир Капија- Смоквица.

На 31 август 2011 година е распишан тендер за изградба на делницата Демир Капија-Смоквица, кој траел до 07 декември 2011, а на истиот, се пријавени 15 странски компании.

Летото  2012 година е избрана грчката компанија Актор да ја гради делницата Демир Капија – Смоквица.

На 8 септември 2012 година официјално почна изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица. На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, евроамбасадорот Аиво Орав, министри, градоначалници и претставници на дипломатскиот кор.

На 13 јануари 2014 година министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на прес-конференција изјави:

„Годинава ќе продолжи и реализацијата на автопатот Демир Капија – Смоквица кој е дел од Коридорот 10. Досега реализирани се 29 проценти од изградбата, пробиен е 50 проценти првиот тунел, а започнато е и со ископ на вториот тунел. Се очекува оваа делница да биде целосно завршена до крајот на 2016 година.“

На 6 март 2014 година СДСМ обелодени скандал поврзан со фирмата „Актор“ и обвини дека грчки државјани извлекле  во кеш 3,5 милиони евра од сметката на грчката компанија. Што резултираше  со отварање преткривична постапка од страна на Јавното обвинителство.

На 2 април 2014 медиумите јавија дека сметките на компанијата „Актор“ им се замрзнати, а околу педесетина работници се пуштени дома. Единствено се работи на тунелите пред Демир Капија, а сета останата работа е прекината.

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014 , во делот „Инфраструктура“ е наведено:

Изградба на нова автопатска делница Демир Капија–Смоквица во должина од 28,2 км

Градежните работи се отпочнати во септември 2012 година и се одвиваат согласно со предвидената динамика за работа, односно се очекува комплетно завршување на оваа делница до крајот на 2016 година.

Имајќи го сето ова предвид може да се констатира дека ветувањето изградба на нова автопатска делница Демир Капија–Смоквица во должина од 28,2 км е неисполнето, но поради рокот за завршување 2018 година, кој го надминува регуларниот мандат на една влада, ова ветување се оценува како недоследно.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција