„Корона дезинформации“ за хируршките маски и за заразени свештеници
Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.
Дезинформациите поврзани со епидемијата на новиот коронавирус COVID-19 се меѓу најчестите во балканските земји, а сервисите за проверка на факти бргу ги демаскираа.
Во Црна Гора беше пласирана лажна вест која веројатно била планирана да донесе повеќе кликови користејќи го и стравот од новиот корона вирус, но и актуелната ситуација со противењето на против новиот закон за слобода на вероиспосвеста и протестни маршеви (литии) кои ги организира Српската православна црква (СПЦ). Порталот Aktuelno.me објавил текст дека двајца великодостојници на СПЦ се ставени во карантин во манастирот Дајбабе поради сомнеж дека се можеби заразени со COVID-19, бидејќи неодамна се вратиле од Кина. Текстот бил пренесени и од босански и српски медиуми – Avaz, Alo.rs, Hayat.ba, Happytv.rs, Vijesti.ba.
Трагајќи по фактите околу ваквото тврдење, од црногорскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.me се обратиле во министерството за здравство, од каде добиле одоговор дека кај свештеници на СПЦ во манастирот Дајбабе не биле пријавени симптоми на заразеност со вирусот, па според тоа, не се ставени во карантин.
И во Грција се појавила сродна дезинформација, која дури би можела да биде и штетна за населението. Имено, некои блогови и помали веб-страници објавиле „правилни начини за носење“ на хируршките маски од страна на луѓето што би сакале да се заштитат од зараза, но тоа што е напишано нема врска со вистината, порачува грчкиот сервис за борба против лажните вести „Ellinika hoaxes“.
Два од блоговите во своите адреси ја содржеле кратенката „ЕКАБ“ на грчкиот Национален центар за итна помош, а јасно е дека не се официјално поврзани со оваа служба, пишува сервисот за борба против лажните вести, кој контактирал со Центарот и добил изјава дека блоговите не се поврзани со нив.
Тврдењето што било изнесено во написите на блоговите и на некои страници било дека хируршката маска треба да се носи со белата страна нанадвор, ако сакате да се заштитите од опасноста да вдишете вируси или бактерии, а ако вие сте болни и не сакате да ги заразите другите, маската треба да ја носите со обоената страна нанадвор.
Таа информација е лажна и ваквото тврдење е тотално погрешно, пишува „Ellinika hoaxes“, пренесувајќи ја информацијата што ја добиле од Националниот центар за итна помош – единствениот начин на носење на маската е со обоената страна нанадвор. Причината е што бојата има хидрофобно својство, односно ги одбива честичките (ако некој кивне во Ваша близина на пример), а внатрешната страна на маската е хидрофилна, односно ги „фаќа“ честичките и „впива“ ако Вие кивнете, па така спречува да пренесете зараза на другите. Сепак, нашиот текст не се посветува на прашањето за ефикасноста на носењето хируршки маски од превентивни причини, односно за да спречите да се заразите со новиот корона вирус, нагласува „Ellinika hoaxes“.
извор: Meta.mk
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар