„Корона кризата“ ги соголува политичките профитерства

Фото: Колаж на Вистиномер

 

Од хронологија за дел од мерките и одлуките на власта и за коментарите и предлозите на опозицијата, јасно се гледа кој што направил. Засега, полека ги диференцира политичките профитери кои на неетички и опасен начин сакат да извлечат полза. Кога ќе заврши „корона кризата“ и кога ќе се прегледа се до детал, пред сè, од страна на јавноста, но со факти, досегашната анализа може да се потврди, а можеби и да се демантира

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Кризата, која во државата можеме да ја наречеме „корона криза“, за само неполни два месеци (на 27.01 е прв пат спомената од институциите), ги покажува сите доблести и сите слабости на системот во целата држава, но во исто време, што е уште позначајно, ги вади на виделина длабочината и сериозноста на политичките „елити“ и покажува кои од нив колку се одговорни и колку мислат на нивните поданици – граѓаните што ги гласаат.

Одлуките, сепак, ги носи Владата, која е доминантно ссотавена од СДСМ и ДУИ, но во која многу значителен аспект од безбедноста и финансиите има и ВМРО-ДПМНЕ. Оттука, неразбирливо е како може ВМРО-ДПМНЕ постојано да укажува на „конструктивност“ и на „подадена рака“, а секој втор збор да им е „неспособност“, „криминална влада“, „профитери“, „крах на системот на Заев“, итн.

Последната главна „битка“ меѓу главните политички партии, во кои се вклучија и експерти и “експерти“, како и дел од синдикатите, се води за економските мерки што ги презема или треба да ги преземе државата, т.е. Владата за помош на економијата. Ако се погледнат фактите, за датумите, мерките и одлуките што ги носеа институциите, веднаш паѓа како „крушка“ тезата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, дека, прво се доцнело, а второ дека ништо од мерките или најголемиот дел не се добри, што укажува, како што тврди тој и неговата партија, на неспособност на актуелнта влада и сè уште владејачка партија СДСМ.

 

Што правеше Владата?

Само општиот преглед на сајтот на Владата на РСМ ги покажува следните факти:

– На 16.02.2020 се распушти Собранието и никој во државата не збруваше за корона вирусот или евентуално за корона кризата

– Веќе на 25.02.2020, Владата во рамки на редовна седница ги носи првите мерки на органичување на влегувањето во земјата, но и задолженија за Министерството за здравство и други органи да го подготват здравстениот систем. Ова лесно се проверува на сајтот на Владата.

На 26.02.2020 е регистриран првиот пациент позитивен на корона вирусот. (Сите следни до 22.03.2020, можете да ги видите на одличниот преглед што го направија колегите од Код, што се емитува еднаш неделно на Телма ТВ.

– На 28.02.2020 Владата проширува мерките (дотогаш препораки), за натамошни ограничувања за патувања или екскурзии и за бројот на граничните премини преку кои ќе влегуваат патниците од земјите со висок ризик….

– На 10.03.2020 Владата го прекина образовниот процес, ги забрани спортските натпревари со публика, забрани извоз на медицински материјал и други производи што се произведуваат во земјата, а се поврзани со справување на корона вирусот, итн.

-На 13.03.2020 Владата воведе кризна состјба во општините Дебар и Центар Жупа, а веќе на 19.03.2020 е прогласена вонредна состојба во целата земја на предлог на Владата од 18.03.2020, а од страна Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.

Сè друго и полицискиот час воведен за прв пат во историјата на современа Македонија, е веќе познато. Што може да се види од овој краток преглед? Имајќи ја предвид особено состојбата во соседството и развојот и брзината на ширење на пандемијата во Италија, а подоцна и другите земји од јужна и северна Европа, станува јасно дека некои мерки преземени од Владата биле сосема навремени. Впрочем, за тоа зборуваат и две изјави на високи функционери на Светската здравствена организација, за кои веќе е пишувано на Вистиномер.

 

Што правеше ВМРО-ДПМНЕ?

Од последниот линк што води до текстот на „Вистиномер“ на 28.02.2020, може да се види што правел ВМРО-ДПМНЕ, на пример, на некои слични датуми.

На тај датум, кога Владата, МЗ, Институтот за јавно здравје и други институции дејствуваат, ВМРО-ДПМНЕ го критикува Венко Филипче дека бил неорганизиран, а претседателот на партијата Христијан Мицкоски дури рече дека од СДСМ Господ молеле за корона вирусот за дојде, за да ги не може ВМРО-ДПМНЕ да го мобилизирал народот и да протестирал…!?

Вакви изјави од Мицкоски и од други високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ за неорганизираност на системот, за профитерство на Зоран Заев (на 18.03.2020), за неспособност, за оставка на Филипче (еднаш на 09.03.2020 а на 10.03.2020 веќе и кривична пријава за Филипче за загорзување на јавното здравје) итн, не престанаа ниту до денес, иако, од пред извесно време лидерот на оваа најголема партија постојано повторува дека сега не било време за критика, но, веднаш потоа, прв тој ќе испрати ред критики и закани, а потоа го пушта вториот ешалон од партијата, за што веќе е пишувано токму од „Вистиномер“.

Да не зборуваме за обинувањата за профитерство со респираторите што требаше да пристигнат од Бразил, пред само три дена (на 21.03.2020), зашто на Интернет новинар пронашол многу поевтини респиратори сосе царина и данок (демек чинеле 6.000 евра, а тој имал сознание дека се набавуваат за 25 илјади по парче), што беше толку проѕирен трик, кој можеби, не исклучуваме, пали кај голем дел од населението кое е неинформирано за тоа дека цените пред и после кризата и количините што може да се набават на светскиот пазар не се исти. Оваа тема, врочем, пред ден-два, многу добро ја изанализира редакцијата на „Независен“, со наслов „Зошто сега е речиси невозможно да се купат респиратори“.

 

Зошто ВМРО-ДПМНЕ може, а СДСМ не може да предлага економски мерки?

Најновата битка се води околу тоа кој е поголем патриот и кој мисли на народот во смисла на мерки во економијата.

Има дел вистина во тоа дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во јавноста прва предложи сет економски мерки за да му се помогне на стопанството. Тоа се случи на 13.03.2020, во истовреме кога Владата воведуваше кризна состојба и даваше упатства кои граѓани со кои хронични дијагнози треба да бидат ослободени од работа, како и по еден родител ако имаат деца до 10 години. Но, дел од тие мерки, како што пишуваше „Вистиномер“, имаа популистички шмек, особено оние најкрупните за економскиот сектор. Впрочем, истиот ден (Телма – ТОП Тема), ден, два, три подоцна, стана јасно дека стопанските комори сè уште немаат проценки колкави се штетите во секој сектор. Впрочем, во интервју за МИА, претседателот на најголемата Стопанска комора, Бранко Азески, го кажа следното: „Барањата на компаниите и реалната можност на државата да бидат избалансирани, двете страни да ги приближуваат ставовите со преговори.“

Од оваа јасна реченица – барањата и можностите, до денес, трае широка јавна расправа за тоа што треба да се преземе. Владата реагираше најпрво со широки консултации со економските фактори во државата. Ден подоцна, на 22.03.2020 министерката за финансии, Нина Ангеловска, ја објави одлуката на Владата да позајми околу 600 милиони евра од различни извори.

Истиот ден, СДСМ излезе со голем пакет мерки во вредност од 200 милиони евра, чија окосница е двомесечно порамнување на платите во администрацијата на 14.500 денари, почнувајќи, се разбира, од сите избрани и именувани лица, но и сет мерки за заштита на најранливата категорија на граѓаните.

На ова, пак, од ВМРО-ДПМНЕ и од лидерот Мицкоски излегоа со жестока критика и со оценка дека предложените мерки биле показател дека системот бил трул и се наоѓал пред крах. („Се случува крах на системот затоа што е на стаклени нозе, а економските политики доживуваат неуспех. Се потврдува она што го говорев дека системот е трул, а тоа не може да се замачка со прес конференции и гол пи-ар“ Мицкоски).

Но, она што е неразбиирливо, е оценката на ВМРО-ДПМНЕ дека „народниот буџет се крои во штабот на политичката партија и тоа што е спорно својството во кое Заев излегува да промовира владини мерки“.

Се наметнува прашањето (настрана од можеби, несоодветниот јазик на Зоран Заев со голелма употреба на помошниот глагол „ќе“), зошто ВМРО-ДПМНЕ би можела и би инсистирала на нејзините мерки, а СДСМ која сè уште е носител во Владата, без оглед што сега таа е со статус техничка, не би можела да предлага мерки? Во услови на вонредна состојба и во услови на „корона криза“, која е огромна закана и по здравјето и по економската, а со тоа и по севкупната стабилност на државата.

Речникот кој е несоодветен за вакви времиња продолжува од ВМРО-ДПМНЕ, а од СДСМ почнуваат да враќаат, што не е добро за ниту еден граѓанин. Се разбира дека секој чинител има право да предлага мерки, но лицемерието е недозволено. Сè уште фрчат сооопштенија за профитерство, неспособност, ново задолжување на граѓните од страна на СДСМ, а во исто време се поздравуваат мерките за позајмици од 600 милиони и се предлага мерка за трансферирање од краткорочни благајнички записи во долгорочен заем од над 400 милиони евра од комерцијалните банки во државата.

Во крајна линија, секој може да предлага сешто, но одговорноста и тешките одлуки ги носат институциите. Со нив, доминантно сè уште управуваат од СДСМ и ДУИ, иако во безбедносниот сектор многу значителен придонес, без дилеми, дава и претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.

А од погоре направената хронологија за мерките и одлуките на власта и за коментарите и предлозите на опозицијата, јасно се гледа кој што направил. Засега, полека ги диференцира политичките профитери кои на неетички и опасен начин сакаат да извлечат полза. Кога ќе заврши „корона кризата“ и кога ќе се прегледа се до детал, пред сè, од страна на јавноста, но со факти, досегашната анализа може да се потврди, а можеби и да се демантира.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција