Короната ништо не им може: Србите имаат „лавовски гени“, а Здравко, за да се фали, измислил дека бил на заразениот крузер

Дезинформациите за корона вирусот не стивнуваат, а интересно е што навлегоа и во полето на измислување тврдења и изјави (свои или туѓи), а кои што потоа биваат демантирани.

Српскиот сервис за борба против дезинформациите „Raskrikavanje“ откри случај со измислување на делови на изјави на пулмологот Бранимир Несторовиќ во текст на таблоидот „Alo“, односно цитат дека „Србите имаат ,лавовски гени’ што ги штитат од коронавирусот, за разлика од Италијанците, коишто имаат ,послаби гени’.

Но во разговор со новинарот на „Raskrikavanje“, Несторовиќ тврди дека не искажал такво нешто, ниту дека смета дека Србите имаат супериорни гени, туку само поинакви, а дека таквата „изјава“ е филувана од таблоидот.

– Јас само реков дека нашата генетска структура е потполно поинаква, па излегол тој наслов дека имаме лавовски гени – вели Несторовиќ, појаснувајќи дека и тоа за Италијанците е на ниво на шпекулација, оти нема докази, а извор за такво размислување биле некои понови истражувања на кинески научници.

Несторовиќ, инаку е познат и по својата претходна изјава дека станува збор за „најсмешниот вирус во историјата на човештвото“ и дека жените од него ги штити естрогенот, па слободно можат да одат во шопинг во Италија. Прашан за таа изјава – дека жените слободно може да одат на шопинг – тој за „Raskrikavanje“ рекол дека тоа е шега и дека неговите зборови се ставени во погрешен контекст.

Слична ситуација, со кажување нешто, а потоа демантирање дека било кажано, открил и босанскиот сервис за борба против дезинформациите „Raskrinkavanje.ba“ – извесен Здравко Бумбуловиќ (или, според неговите изјави, некои негови другари) во средината на февруари најверојатно измислил дека бил на крузерот што беше усидрен крај Јокохама, а по неколку дена дал изјави за други медиуми дека е веќе вратен во градот Шамац, БиХ, и дека тестирањето покажало дека не е заразен со новиот корона вирус.

Уште неколку дена потоа, тој за трет медиум тврдел дека медумите што претходно ги изнеле неговите изјави ги измислиле тврдењата, дека ги добиле од некој што тој не го знае што отворил мејл на негово име и дека воопшто не бил на крузерот, туку дека пред 4-5 години работел на него, а дека луѓето што ја подготвиле измислицата, биле оние што потоа комуницирале со новинарите и ги изнесувале тврдењата.

Сепак, според „Raskrinkavanje.ba“, можна е и таа варијанта, но можно е и тој да бил лицето што комуницирало со новинарите и ги дало наведените изјави.

Босанско-херцеговскиот сервис за проверка на фактите потсетува и дека во 2013 година еден портал напишал текст за оглас што тој наводно го објавил, а во кој го нудел својот бубрег во замена за автомобил БМВ. Во текстот објавен од порталот, Бумбуловиќ исто така изјавил дека некој „го мести“ и дека тој не објавил таков оглас.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција